• 30.12.2024

ХИДРАТАЦИЈА ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИТЕ


 

За време на празниците, луѓето се опуштаат во исхраната и пиењето. Меѓутоа, ова „опуштање“, за жал, не е „ајде, само денес“, туку трае околу триесет дена. Оваа година, Институтот за јавно здравје се фокусира на препораки за правилна хидратација за време на празниците.

 

Преиспитајте го вашиот пијалак!

 

Засладени пијалаци

Слатките пијалаци кријат кисела вистина. Внесот на вакви пијалаци е една од главните причинители за зголемената преваленца на дебелина, дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести, забен кариес и други здравствени проблеми. На пример, во Северна Македонија, податоците од Иницијативата за следење на дебелината кај децата покажуваат дека внесот на засладени безалкохолни пијалаци повеќе од 3 пати неделно е застапен кај 45% од момчињата и 37% од девојчињата.

Што сè се засладени безалкохолни пијалаци?

Газирани, овошни, спортски, енергетски пијалаци, ладни чаеви и вода со вкусови (ароми). Исто така, кафињата со вкус, чоколадното млеко, пијалаците во кои се додава шеќер (бел или кафеав), млеко во прав, шлаг и слично спаѓаат во оваа категорија.

Како да избегнеме засладени пијалаци?

·  Не купувајте и не складирајте засладени пијалаци дома.

·  Во кафулиња, ресторани и слично, не нарачувајте безалкохолни пијалаци и избегнувајте шлагови, преливи, сокови со растворување, сирупи итн.

·  Редовно носете со себе вода во стаклено шише.

Што да пијам?

Водата да биде Ваш прв избор!

Консумирајте млеко, јогурт, кефир и сл.

Ако ви недостасуваат газирани пијалаци, изберете газирана минерална вода без вкус (арома).

Чај или домашно цеден сок без додаден шеќер.

* Имајте предвид дека, ништо од горенаведените пијалаци не се целосна замена за водата, туку може да заменат една порција.

 

  

Пијалак

Кафени лажички шеќер

Калории

Вода

0

0

Чај

0

0

Сок со растворување

3

55

Спортски пијалак

5

97

Ладен чај

7

115

Енергетски пијалак

9

162

Густи сок

10

186

Газиран безалкохолен пијалак

10-13

155-195

 

Алкохол

 

Ниту едно ниво на консумирање алкохол не е безбедно за нашето здравје!

 

Факти

Меѓународната агенција за истражување на ракот, алкохолот го класифицира како токсична, психоактивна супстанца која создава зависност и канцерогена супстанца (група 1) со која се каузално поврзани седум видови на рак: на устата, грлото, душникот, хранопроводот, црниот дроб, дојката (жени) и дебелото црево.

На глобално ниво, алкохолот придонесува за 3 милиони смртни случаи и е одговорен за 5,1% од глобалното оптоварување на болести и повреди. Дури 13,5% од сите смртни случаи кај оние на возраст од 20-39 години се припишуваат на алкохол.

Консумирањето на алкохол е поврзана со 740000 нови случаи на рак секоја година на глобално ниво.Сепак, најновите достапни податоци покажуваат дека половина од сите видови на рак што се припишува на алкохол во Европскиот регион на СЗО се предизвикани од „лесна“ и „умерена“ консумација на алкохол - помалку од 1,5 литри вино или помалку од 3,5 литри пиво неделно.

Дали умерената количина има заштитен ефект на здравјето?

Некои студии сугерираат дека лесно до умерено консумирање (1-2 алкохолни единици на ден) алкохол има ограничен заштитен ефект врз инциденцата на кардиоваскуларни болести, и тоа, за лица над 40 години.

Сепак, заштитните ефекти на умерената консумација исчезнуваат при епизоди на висок внес на алкохол, што го зголемува ризикот од сите кардиоваскуларни заболувања.

А за лицата на возраст од 15 до 39 години, нема здравствени придобивки од пиењето алкохол, туку само здравствени ризици.

Не постои безбедно ниво на консумирање алкохол!

Иако постојат некои потенцијални здравствени придобивки од лесен до умерен внес на алкохол (како што се ефектите врз кардиоваскуларните болести и дијабетес тип 2), овие придобивки не ги надминуваат ризиците од рак што се поврзуваат со истото ниво на консумирање алкохол. Следствено, после многу опсежен и студиозен пристап кон оваа двојба, СЗО, има консензуален став со следната изјава „Ниту едно ниво на консумирање алкохол не е безбедно за нашето здравје“.

„Не можеме да зборуваме за таканаречено безбедно ниво на употреба на алкохол. Без разлика колку пиете, ризикот по здравјето на оние кои консумираат алкохол започнува од првата капка. Единственото нешто што можеме да го кажеме со сигурност е дека колку повеќе пиете, толку е поштетно – или, со други зборови, колку помалку пиете, толку е побезбедно“ - д-р Карина Фереира-Боргес-в.д. раководителка на единицата за управување со незаразни болести и регионален советник за алкохол и недозволени супстанции

Покрај СЗО, нордиските, канадските и германските препораки за исхрана од 2023 година наведуваат „Бидејќи не може да се обезбеди безбедно ограничување за консумирање алкохол, препораката е дека секој треба да избегнува да пие алкохол“

 

 

 

Институтот за јавно здравје Ви посакува Среќна Нова 2025 година, среќни и здрави празници!