- 12.02.2025
Февруари - Месец на орално здравје кај децата
Здравите и зачувани млечни заби се важни за севкупното здравје
Важноста на првите, млечни заби често се занемарува поради тоа што тие испаѓаат и се заменуваат со трајни заби. Иако е така, тоа не значи дека не треба да се грижиме за нив уште од првиот ден, затоа што заболените млечни заби кај децата го загрозуваaт развојот и здравјето на трајните заби, претставуваат извор на инфекции кои можат да станат хронични и може да придонесат за нарушување на општото здравје на децата.
23% од децата на возраст од 2 до 5 години имаат забен кариес на млечните (примарни) заби, односно, повеќе од 1 од 5 деца на возраст од 2 до 5 години имаат кариес на еден од млечните заби (примарни заби). Повеќе од половина од децата на возраст од 6 до 8 години (52%), имаат кариес на барем еден од нивните млечни (примарни) заби.
Уништените или извадените млечни заби може да влијаат и да го загрозат психолошкиот развој на детето што понатака ќе се одрази на самодовербата и општо на социјалната прилагодливост.
Од тие причини улогата на млечните заби е незаменлива и затоа е неопходно да се посвети посебно внимание на здравјето и изгледот на млечните заби.
Колку подолго остануваат млечните заби во вилицата и колку се поздрави, толку се поголеми шансите детето да има здрави и идеално прави заби подоцна, кога ќе израснат сите трајни заби.
Првите, млечни заби се многу важни затоа што и покрај тоа што имаат исти функции како трајните заби и овозможуваат правилен развој на детето тие имаат и други дополнителни важни улоги.
Здравите млечни заби имаат важна улога во правилниот развој на вилиците. Кога ќе изникнат млечните заби на детето му овозможуваат да премине од доење кон џвакање на цврста храна. Самиот процес на мастикација предизвикува правилен развој на мускулите за џвакање и лицето, поставување на вилиците во правилна положба и развивање на правилен начин на голтање.
Здравите и зачувани млечни заби се важни за варењето на храната затоа што само добро изџваканата храна може добро да се обработи во организмот и да овозможи квалитетна исхрана на децата без да загрози бројни функции во телото.
Децата учат да зборуваат во периодот кога изникнуваат млечните заби, а за говорот освен усните, образите и јазикот и забите имаат многу важна улога.
Правилната поставеност на забите е од големо значење за правилното изговарање на многу гласови што е поврзано и со развојот на мускулите на лицето, затоа, начинот на зборување во подоцнежната возраст во голема мера ќе зависи од тоа дали млечните заби биле здрави и сочувани или уништени и извадени.
Друга важна улога на млечните заби, може да се каже и една од најважните, е да го зачуваат просторот за трајните заби. Ако млечните заби предвремено се извадат, страничните заби кои остануваат се придвижуваат кон празниот простор со тенденција да го пополнат, при што тие се навалуваат кон тој простор. Истата појава се случува и кога има постоечко млечно забче, но тоа е странично расипано, односно, постои страничен кариес. Исто така, забите кои се наоѓаат во спротивната вилица продолжуваат да растат, ја поминуваат хоризонталната рамнина и го пополонуваат празниот простор на предвремено извадените млечни заби. Поради предвремено губење на забите во поголема мера и кариес на страничните површини во помала мера, просторот кај што треба да изникнат трајните заби се намалува.
Со намалување на просторот трајниот заб изникнува, еруптира на погрешно место. На пример, најчесто во горната вилица горните кучешки заби еруптираат високо во вилицата од надворешната страна, а премоларите може да еруптираат од внатрешната страна на непцето.
Во вакви услови просторот за предните заби е индиректно намален, а односот помеѓу вилиците претежно е нарушен, бидејќи забите не можат да дојдат во правилен контакт кога се во оклузија (загриз кога забите остваруваат контакт).
Превентивни мерки:
За да ги зачуваме млечните заби здрави, наједноставниот начин е навремена и правилна превенција.
Правилната орална и забна хигиена и здравата исхрана се добар начин да се одржат забите здрави. Притоа е важно со оралната хигиена да се започне што порано и таа да стане навика и секојдневна активност која не треба да се прескокнува. Кај дечињата најлесен начин да се започне е тоа да биде како забава на која учествуваат и други членови на семејството, и миењето заби да стане уште една активност што ја прават сите заедно. Така децата полесно ќе ја усвојат и прифатат како секојдневна обврска.
Но, не се доволени само совети забите да се четкаат и исхраната да биде здрава.
Треба што порано да се посети стоматолог и тој да го види детето веднаш штом ќе се појават првите млечни заби, а тоа најдоцна да биде до првата година. Редовните контроли треба да бидат најмалку два пати годишно, а за ризичните деца тоа треба да биде почесто.
Редовните контроли и следењето на ризикот уште од рана возраст овозможуваат рано откривање на факторите на ризик и првичните промени, на кои веднаш може да се делува..
Извор:
https://www.cdc.gov/oral-health/prevention/oral-health-tips-for-children.html
https://www.nidcr.nih.gov/research/data-statistics/dental-caries/children
https://ortodoncijavrsac.com/blog/32-zasto-su-vazni-mlecni-zubi
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести