- 10.03.2025
МАРТ - МЕСЕЦ НА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ 2025
МАРТ - МЕСЕЦ НА КОЛОРЕКТАЛЕН КАРЦИНОМ 2025
Колоректалниот карцином е вид на рак кој започнува во дебелото црево или ректумот. Според Светската здравствена организација, (СЗО), колоректалниот карцином е трет најчест карцином во светот, со околу 10% од сите случаи на рак и е втора водечка причина за смртни случаи поврзани со рак на глобално ниво. Ризикот од колоректален карцином се зголемува со возраста. Додека повеќето случаи ги погодуваат лицата постари од 50 години има зголемување на случаите кај помладите лица. Според истражувањето објавено во “Clinical Gastroenterology and Hepatology”, во споредба со луѓето родени во периодот од 1950 до 1954 година, луѓето родени помеѓу 1980 и 1984 година имаат приближно двојно поголема веројатност да заболат од колоректален карцином, а кај оние родени помеѓу 1990 и 1994 година, веројатноста за добивање на колоректален карцином е тројно поголема. Вообичаени симптоми вклучуваат дијареа, запек, крв во столицата, абдоминална болка, необјаснето губење на телесната тежина, замор и ниско ниво на железо. Повеќето луѓе немаат видливи симптоми во раните фази на болеста. Редовниот скрининг за колоректален карцином е најдобриот начин да се спречи ширењето на карциномот. Скринингот може да ја намали и инциденцата и смртноста на колоректалниот карцином преку рано откривање и отстранување на преканцерозните израстоци.
Во 2025 година, со одбележувањето на месецот за подигање на свеста за КРК, фокусот е на најсовремените достигнувања во третманот на ректалниот карцином, со посебен акцент на пристапот „директно до хирургија“ и дополнително, ќе ја истражи тековната еволуција на минимално инвазивните техники и нивното влијание врз квалитетот на животот на пациентот, дури и на сложени случаи, како што се целосни ресекции кај ректален карцином и Д3 лимфаденектомија кај рак на дебелото црево.
Што е рак на дебелото црево? Рак на дебелото црево е малигнитет кој може да се развие по должина на целото дебело црево или на неговиот завршен дел (ректумот). Дебелото црево е долг орган кој личи на цевка во близина на дигестивниот систем. Откако храната ќе помине низ желудникот и тенкото црево, дебелото црево е одговорно за отстранување на течностите и некои хранливи материи од храната што ја консумирате. Дебелото црево потоа го турка преостанатиот цврст отпад во ректумот од каде што се исфрла од телото. Колоректалниот карцином е уште еден најчесто користен термин кој вклучува не само канцер на дебелото црево, туку и карциноми кои се формираат во ректумот. Ректумот е последниот дел од дебелото црево каде што столицата и отпадните материи од телото, се исфрлаат преку анусот.
Како започнува карцином на дебелото црево? Повеќето карциноми на дебелото црево започнуваат како бенигни полипи. Се работи за рамни или испапчени израстоци на слузницата на дебелото црево. Повремено, израстоците предизвикуваат симптоми како што се крварење, запек или течна столица. Но често, настанатите промени не даваат никакви симптоми, па луѓето најверојатно и не знаат дека ги имаат. Најдобар начин да се открие присуството на полипи е со процедура наречена колоноскопија, која се изведува во болнички услови. Додека некои полипи остануваат бенигни (неканцерозни), некои може да станат малигни (канцерогени) со текот на времето. Поради оваа причина, кога докторот ќе открие еден или повеќе полипи за време на колоноскопија, тие генерално се отстрануваат за време на самата процедура.
Kако да спречите формирање на полипи на прво место? Семејната историја на полипи или канцер на дебелото црево може да ги зголеми шансите да добиете полипи. Луѓето кои се постари од 50 години исто така имаат поголем ризик од формирање на полипи на дебелото црево. Но, постојат и одредени ризик фактори кои играат улога во развојот на овие израстоци. Како најчести ризик фактори се наведуваат дебелината, пушењето, храна богата со масти, алкохолот, недоволната физичка активност и други ризици.
Кој може да добие канцер на дебелото црево? Секој може да развие канцер на дебелото црево. Колоректалниот карцином ги погодува мажите и жените и луѓето од сите раси и националности. 30% од дијагнозите на КРК се на возраст под 55 години. 5-годишната стапка на релативно преживување за стадиум I и стадиум II на рак на дебелото црево е 90%; стапката на 5-годишно преживување за пациентите дијагностицирани во стадиум III е 71% и стадиум IV е 14%. Луѓето кои имаат семејна историја на колоректален карцином се изложени на поголем ризик и докторите генерално препорачуваат да се започнете со скрининг на порана возраст, бидејќи ризикот од добивање на болеста може да биде поголем. За оние кои немаат семејна историја на болеста, препорачаните скрининзи обично започнуваат на 50-годишна возраст, бидејќи тоа е период во животот на човекот, кога се зголемува ризикот од добивање на болеста. Сепак, дури и ако сте помлади од 50 години и немате семејна историја на рак на дебелото црево, ако воочите симптоми како абдоминална болка, крв во столицата, стеснување на столицата или промена во навиките на дебелото црево, треба да разговарате со вашиот доктор за преглед. Погрижете се да дадете што е можно повеќе информации, вклучително и кога започнала болката или непријатноста и/или зачестеноста на симптомите.
Како да се спречи канцер на дебелото црево? Истражувањата покажуваат дека исхраната богата со масти е голем ризик фактор за рак на дебелото црево. Исхраната треба да биде богата со природни влакна, а не да се додаваат влакната како додаток во исхраната. Се препорачува да се земаат најмалку пет порции свежо овошје (јужно овошје, јаболко, круша, слива) и зеленчук дневно. Брокулата и зелката треба да се земаат најмалку еднаш неделно. Се препорачува да се намали потрошувачката на црвено месо, не повеќе од три пати неделно и да се избегнува консумирање на сушени месни производи. Се препорачува често да се јаде риба и живина како извор на протеини од животинско потекло.
Што е скрининг? Скрининг е метода за откривање на болест пред да се појават симптомите. Скринингот овозможува откривање на ракот во рана фаза пред да стане инвазивен, истиот се однесува на луѓето со просечен ризик (како и општата популација). Скринингот има за цел да обезбеди преживување, да го намали морбидитетот и да го унапреди квалитетот на животот на оние кои развиле канцер. Неговата цел е намалување на ризикот, но тој не дијагностицира болест. Скринингот треба да започне на 45-годишна возраст за лица со просечен ризик без семејна историја. Некаде помеѓу 15 и 40% од возрасните може да имаат полипи на дебелото црево. Приближно 3,4% од полипите се преканцерозни. Скринингот за колоректален карцином преку колоноскопија може да го спречи ракот со отстранување на преканцерозните полипи. Достапни се многу скрининг тестови, вклучително и некои неинвазивни, евтини тестови кои можат да се направат во приватноста на вашиот дом. Скринингот на препорачаната возраст ја зголемува веројатноста колоректалниот карцином да биде откриен во раната фаза. Кога колоректалниот карцином ќе се открие во раните фази, поголема е веројатноста да се излечи, третманот е помалку инвазивен, а закрепнувањето е многу побрзо. Ризикот од развој или смрт од колоректален карцином може да се намали со одржување на здрава телесна тежина, редовна физичка активност, ограничување на внесот на црвено и преработено месо и со непушење. Колоректалниот карцином не секогаш предизвикува симптоми и симптомите може да не се појават додека ракот не стане понапреден, така што навремениот скрининг е од голема важност.
Што друго? Колоректалниот карцином обично се развива бавно во период од 10 до 15 години. Стапките на колоректален карцином варираат во голема мера на светско ниво. Сиромашните држави имаат повисока стапка на смртност од колоректален карцином, бидејќи е мала веројатноста пациентите да бидат скринирани навреме. Послаб пристап до скрининг значи и помали шанси за рано откривање на колоректален карцином. Со навремен скрининг и тестирање, колоректалниот карцином може да се спречи, да се лекува и да се победи.
Обработка и превод: Оддел за здравствена промоција и следење на болести