• 31.05.2025

Светскиот ден без тутун


 


СВЕТСКИ ДЕН БЕЗ ТУТУН – 31 МАЈ 2025

Светскиот ден без тутун, кој се одбележува секоја година на 31 мај, претставува глобална иницијатива со цел да се подигне јавната свест за штетните ефекти од употребата на тутун, изложеноста на пасивно пушење, и се залага за ефикасни политики за намалување на потрошувачката на тутун низ целиот свет. Овој ден има за цел и да поттикне носење мерки кои ќе ја намалат зависноста од тутун и ќе го заштитат здравјето на сегашните и идните генерации.

Во 2025 година, темата на Светскиот ден без тутун е „Разоткривање на привлечноста – Откривање на индустриските тактики со тутун и никотин“ (оригинално: Unmasking the Appeal – Exposing Industry Tactics on Tobacco and Nicotine Products). Со оваа тема СЗО се насочува кон разобличување на агресивните и манипулативни маркетинг стратегии на тутунската и никотинската индустрија, кои имаат за цел да ги привлечат младите и да создадат нова генерација зависници. Наместо да информираат за опасностите, производителите користат дизајни, вкусови и промоции што ги прикажуваат производите како модерни, безопасни и социјално прифатливи.

Овие индустрии сè почесто се насочуваат кон тинејџери и млади луѓе преку внимателно осмислени производи кои често изгледаат како слатки, козметика или технолошки уреди. Притоа се користат и вкусови што ја маскираат вистинската природа на никотинот, како што се овошје, чоколадо или ментол. Дополнително, со помош на инфлуенсери, онлајн содржини и игри, производите се промовираат на суптилен начин, кој не изгледа како класичен маркетинг, но има силно влијание врз младата публика. Голем дел од овие тактики се насочени кон создавање илузија дека одредени производи, особено електронските цигари и новите никотински уреди, се „побезбедна“ алтернатива, иако научните податоци покажуваат дека и тие се штетни и зависни.

Тутунот останува една од водечките причини за смртност во светот. Секоја година повеќе од осум милиони луѓе умираат од болести поврзани со употреба на тутун. Од нив, повеќе од еден милион се жртви на пасивно пушење. Во најголем број случаи, употребата на тутун започнува во адолесценцијата, токму поради агресивниот маркетинг и недостаток на целосна информација за последиците. Никотинот, како супстанција, има силно „зависничко дејство и влијае врз развојот на мозокот, концентрацијата и менталното здравје, особено кај младите.

Факти: 

Ø  Тутунот убива до половина од своите корисници.

Ø  Речиси 80% од повеќе од 1 милијарда пушачи во светот живеат во земји со ниски и средни приходи.

Ø  Тутунот содржи катран, кој предизвикува рак на белите дробови и стеснување на дишните патишта.

Ø  Ја намалува ефикасноста на црвените крвни зрнца во транспортот на кислород поради содржината на јаглерод моноксид; што доведува до:

  • Атеросклероза и висок крвен притисок.
  • Емфизем или бронхитис.
  • Ангина пекторис.
  • Оптичка атрофија.
  • Мозочен удар.
  • Губење на забите.
  • Срцев удар.

Одбележувањето на Светскиот ден без тутун е повик за заедничко делување. Потребна е вклученост на родителите, наставниците, здравствените работници, креаторите на политики, младинските организации и самите млади. Неопходно е јавното информирање да биде јасно, директно и засновано на научни докази. Треба да се поддржат иницијативи кои ја ограничуваат продажбата и рекламирањето на никотинските производи, особено оние што се насочени кон млади лица. Зголемувањето на акцизите, јасните здравствени предупредувања, забраните за вкусови и целосното регулирање на новите форми на тутунски производи се меѓу најефикасните алатки во борбата против оваа глобална закана.

Оваа година по повод одбележување на светскиот ден против употреба на тутун Институот за јавно здравје во соработка со СЗО ќе одржат конференција на која ќе присуствува директорката на ИЈЗ, шефот на канцеларијата на СЗО во Македонија, како и заменик министерот за здравство на Македонија, каде ќе бидат изложени сите битни факти поврзани со овогодинешните активности во борбата против употреба на тутун и насоките во кои ќе се движи кампањата.

Па затоа на овој 31 мај, да кажеме не на манипулациите на индустријата, да ги разоткриеме вистините зад производите што се рекламираат како „модерни“ и да работиме за создавање на генерација ослободена од зависност. Да го искористиме овој ден за да се информираме, да се здружиме и да направиме избор за подобро здравје, чиста околина и подобра иднина без тутун.