- 25.07.2025
ПРЕВЕНЦИЈА НА ЗАБОЛУВАЊА КОИ СЕ ПРЕНЕСУВААТ ПРЕКУ ХРАНА И ВОДА
Летниот период и високите температури го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, односно инфекции кои се пренесуваат преку храна и вода.
Навремената превенција, правилната термичка обработка и чување на храната, како и употребата на безбедна вода, се клучни за намалување на ризикот од овие заболувања.
Кои се најчести заболувања кои се пренесуваат преку храна и вода?
Заболувањата кои се пренесуваат преку храна и вода (food and water borne diseases), всушност настануваат после внесување во организмот на човекот, храна или вода која е контаминирана со инфективни или токсични агенси.
Во речиси 90% од случаите, овие заболување ги предизвикуваат бактерии, но можат да бидат предизвикани и од други инфективни агенси (вируси, паразити).
Најчести заболувања се:
· Салмонелоза (Salmonella enteritidis) – честа при консумирање на недоволно термички обработени јајца, месо или млечни производи.
· Акутна алиментарна интоксикација (Staphylococcus aureus) – честа во лето, кога високите температури овозможуваат побрзо размножување на бактеријата и зголемено производство на ентеротоксини во храната од животинско потекло.
· Кампилобактериоза (Campylobacter jejuni) – најчесто преку сурово или недоволно печено пилешко.
· Инфекции со Escherichia colli особено ентерохеморагична инфекција (EHEC) – преку недоволно обработено месо, свежо млеко и зеленчук.
· Шигелоза и тифусна треска (Shigella spp., Salmonella typhi) – се пренeсуваат преку контаминирана вода и нечисти раце.
· Хепатитис А – преку загадена вода, овошје, зеленчук или школки.
· Норовируси и ротавируси – предизвикуваат гастроентеритис и се шират преку загадена храна, вода и преку контакт со предмет или заразено лице.
· Амебијаза и џардијаза – преку загадена вода или сурова храна.
Кои се најчестите симптоми?
Најосетливи на труење со храна се децата, постарите лица, трудниците и лицата со ослабен имунитет. Најчести симптоми кои може да се јават после консумирање на храна и вода со сомнителна здравствена исправност се: повраќање, проливи, покачена телесна температура, главоболка и вртоглавица, нарушена ресорпција на хранливи материи, болки и грчеви во стомакот, како и придружни инфекции на други органи.
Кога да побарате помош?
Доколку почувствувате некои од наведените симптоми и се сомневате на користење на храна или вода со сомнителна исправност, обратете се кај вашиот матичен доктор или во најблиската здравствена установа. Следете ги советите од стручните лица, во меѓувреме хидрирајте се со исправна вода, одморајте и земете симптоматска терапија.
Кои се најчести ризици?
Чувањето на веќе подготвената храна на собна температура, особено во топлите летни месеци, овозможува брзо размножување на инфективните агенси и лачење на нивни токсини и е најчеста причина за настанување на заболувањата кои се пренесуваат преку храна.
Во летните месеци и во ситуации кога има нарушување на стабилноста на водоснабдителниот систем пратен со повремен недостаток на чиста вода, се зголемува ризикот од појава и ширење на болести кои се пренесуваат преку загадена храна и вода. Високите температури ја забрзуваат контаминацијата и размножувањето на микроорганизмите, а недостигот на чиста вода ја отежнува личната хигиена, подготовката и чувањето на храната.
ПРЕВЕНТИВНИ МЕРКИ:
Внимавајте на хигиената
- Мијте ги рацете пред земање на храна и во тек на подготвување на храна. Мијте ги рацете после одење во тоалет. Одржувајте ги чисти работните површини кадешто приготвувате храна.
- Заштитете го просторот во кујната и храната од инсекти, животни и други штетници.
Правилно подгответе ја храната
- Не консумирајте сирова, термички непреработена храна од животинско потекло (месо и производи од месо, млеко и млечни производи, јајца).
- Термичката обработка на храната да биде доволно долга и на доволно висока температура за да ги уништи бактериите и нивните токсини.
- При подгревање на храната, темелно да се загрее.
- Да се избегнува подготвување и консумација на храна од свежи, термички непреработени животински намирници (кремови, сладоледи, крем сирења и сл.).
₋ Обработката на сирова, термички непреработена и термички обработена храна да се врши на различни работни површини, со различен прибор и во различни садови.
₋ Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сецкање или готвење, па дури и кога се излупени.
Правилно чувајте ја храната
₋ Свежите прехранбени продукти треба да се чуваат во разладни уреди (фрижидери) за да се спречи размножување на бактериите и лачење на токсини.
₋ Во летниот период потребно е зачестено чистење на фрижидерите.
₋ Храната да се користи веднаш по подготвувањето. Доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура до 5°Ц (во фрижидер) или над 70°Ц до нејзина употреба.
₋ Чувајте ја храната во одвоени садови за да се избегне контакт на сировата, термички непреработена храна со термички обработената храна.
Употребувајте безбедна вода
₋ Да се употребува безбедна, исправна вода за пиење.
₋ За миење на овошје и зеленчук да се употребува безбедна, исправна вода.
₋ Да се избегнува нечиста вода за спорт, риболов и капење.
Лицата кои вршат подготовка на големи количини храна (ресторани, кафани, кујни и сл. објекти) да бидат здравствено просветени и да ги спазуваат основните принципи на хигиенски минимум при ракување со храна (подготвување, чување и дистрибуција). Тие треба да поминат обука за начинот и постапките во технологијата на подготвувањето на храна и да прават редовни санитарно-здравствени прегледи.
Заради безбедноста на продуктите од животинско потекло, потребна е засилена и прописна ветеринарна контрола на животните, контрола на кланиците при колење и обработка на месото и контрола на месото и неговите преработки во индустријата и на пазарот.
Оддел за епидемиологија на заразни заболувања