- 02.08.2025
Конструктивна работна средба на Институтот за јавно здравје со министерот за здравство, Азир Алиу
Вчера во просториите на Институтот за јавно здравје се одржа конструктивна работна средба помеѓу министерот за здравство, Азир Алиу, директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, како и раководителите на оддели и вработените. На средбата беа презентирани отчет за работењето на ИЈЗ последната година, тековните активности на Институтот, проектите во реализација и идните планови за развој и модернизација.
Министерот Алиу ја нагласи стратешката улога на Институтот за јавно здравје како столб на јавноздравствениот систем и истакна дека Министерството ќе се фокусира на дигитализација и систематизирање на податоците, со цел нивно претворање во конкретни акциски планови. Тој додаде дека благодарение на одговорното менаџирање и посветената работа на раководството, Институтот денес функционира на повисоко ниво и иницира нови процеси за унапредување на работењето. Министерот Алиу даде сопствено видување, насоки и предлози за унапредување на функционирањето на ИЈЗ , како и на целиот здравствен систем, останувајќи посветен на процесите.
Директорката Андоновска даде детален преглед на резултатите и реализираните активности во изминатиот период, меѓу кои и воведувањето втора смена во микробиолошката лабораторија, што го прави ИЈЗ единствена лабораторија во државата која нуди услуги и по завршување на стандардното работно време.
„Реализиравме бројни проекти кои директно ги подобруваат услугите за граѓаните – ставивме во функција опрема која со години стоеше неискористена, воспоставивме две телефонски линии за директна комуникација со граѓаните, изработивме промотивни материјали адаптирани со Брајова азбука, обезбедивме континуирана едукација за вработените и подобри услови за работа и прием на пациенти“, истакна директорката Андоновска.
Институтот за јавно здравје продолжува со реализација на амбициозен развоен план, насочен кон подигнување на квалитетот и достапноста на јавноздравствените услуги и понатамошно јакнење на институционалните капацитети.
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)


