• 26.04.2026

Зајакнување на подготвеноста: Институтот за јавно здравје учествува во вежба за радијациона сигурност


На 24 април 2026 година, на граничниот премин Табановце, успешно беше реализирана теренска вежба во организација на Дирекцијата за радијациона сигурност. Вежбата имаше за цел унапредување на националната подготвеност и меѓуинституционалната координација при справување со потенцијални радиолошки закани, како и идентификација на непознати извори на јонизирачко зрачење.

Активно учество во вежбата земаа физичарите од Одделението за радијациона заштита при Институтот за јавно здравје, кои придонесоа со стручен теоретски осврт и практична реализација преку симулација на реални сценарија. Преку ваквиот интегриран пристап, учесниците имаа можност да ги унапредат своите знаења и вештини за брза, координирана и ефикасна реакција на терен.

Во вежбата беа вклучени и претставници од Граничната полиција, Царинската управа, РЖ Техничка контрола и Биотек, со што се обезбеди мултиинституционален пристап и дополнително се зајакна меѓусебната соработка.

Овој тип на активности претставува значаен чекор кон унапредување на националната подготвеност и безбедност во областа на радијационата заштита.