- 26.06.2026
Меѓународен ден против злоупотреба и недозволена трговија со дрога
На 26 јуни секоја година се одбележува Меѓународниот ден против злоупотреба и недозволена трговија со дрога, воспоставен од Генералното собрание на Обединетите нации во 1987 година. Овој ден претставува глобален повик за зајакнување на активностите и меѓународната соработка во справувањето со проблемот со употребата на дроги и нелегалната трговија со психоактивни супстанции.
Злоупотребата на дроги претставува сериозен јавно-здравствен, социјален и безбедносен предизвик. Последиците се одразуваат врз физичкото и менталното здравје на поединецот, семејството и заедницата, а недозволената трговија со дрога е тесно поврзана со организираниот криминал, насилството и социјалната нестабилност. Според Обединетите нации, глобалниот проблем со дрогите продолжува да се развива, при што растат и употребата на дроги и разновидноста на супстанциите достапни на нелегалниот пазар.
Овогодишното одбележување повторно ја нагласува потребата од пристап заснован на научни докази, човекови права и заштита на здравјето. Посебно внимание се посветува на превенцијата како најефективна стратегија за намалување на употребата на дроги, особено кај децата и младите. Навремената едукација, развивањето животни вештини, поддршката од семејството и училиштето, како и создавањето здрава и безбедна средина, претставуваат клучни фактори во спречувањето на ризичните однесувања.
Лицата кои се соочуваат со проблеми поврзани со употреба на дроги имаат потреба од навремен пристап до здравствени и социјални услуги, третман, рехабилитација и поддршка за повторно вклучување во заедницата. Намалувањето на стигмата и дискриминацијата е исто така важен предуслов за успешна превенција и закрепнување.
По повод 26 Јуни – Меѓународниот ден против злоупотреба и недозволена трговија со дрога, Институтот за јавно здравје потсетува дека спречувањето на употребата на психоактивни супстанции е заедничка одговорност на здравствениот, образовниот и социјалниот сектор, институциите, семејствата и целата заедница. Само преку координиран пристап, континуирана едукација и примена на ефективни превентивни мерки можеме да придонесеме за поздрава и побезбедна средина за сегашните и идните генерации.
„Превенцијата започнува со информираност, поддршка и навремена реакција.“

Подготвил: Оддел за здравствена превенција и следење на болести