• 16.01.2023

РАЗГОВОР СО ПАРТНЕРОТ ЗА СЕКСУАЛНОТО ЗДРАВЈЕ


1
Сосема е нормално една личност да сака да ги чува во приватност работите поврзани со сексуалното здравје и да не ги дели со никој. Но во интимната врска постојат работи кои со партнерот е потребно да ги споделиме и да разговараме за нив.
Младите често не се свесни за ризиците од сексуално преносливите инфекции (СПИ) и непланираната бременост, а тоа е нешто за кое треба да се зборува.
Интимните разговори не се само за задоволство. Пример: Како можам да го зачувам моето сексуално здравје, како да се заштитам од сексуално преносливи болести, како да зборувам ако имам сексуално пренослива болест и како да спречам непланирана бременост?
Способноста на мажите и жените да постигнат сексуално здравје и благосостојба зависи од:
  • Пристапот до сеопфатни, квалитетни информации за сексот и сексуалноста;
  • Знаење за ризиците со кои можат да се соочат и нивната ранливост на негативни последици од незаштитен сексуален однос;
  • Пристап до грижа за сексуалното здравје;
  • Живеење во средина која го афирмира и промовира сексуалното здравје.
Секој кој е сексуално активен треба да биде свесен за ризиците и  можните последици од сексуалниот однос. Знаењето за ХИВ и другите сексуално преносливи болести и одговорното сексуално однесување се важни за сексуалното и репродуктивното здравје. Трите главни мерки за спречување на инфекцијата се едукација, односно пронаоѓање на вистинските извори на информации за заштита (употреба на кондоми) и тестирање (ако сте биле во ситуација да се заразите). Разговор за безбеден секс вклучува и правилна и постојана употреба на заштитни методи. Со одговорно сексуално однесување, сексуално преносливите болести можат да се спречат или барем значително да го намалат ризикот од инфекција. Во спречување на инфекција, како и непланирана бременост  познавањето на таканаречените ABC стратегии се опции за заштита и одговорно сексуално однесување кое вклучува:
A-апстиненција или воздржување од сексуален однос. Апстиненција е најефективниот и сигурен метод за спречување на сексуално преносливите инфекции и непланирана бременост. Сè додека некое лице нема сексуални односи и не доаѓа во  контакт со заразени телесни течности и заразена кожа или мукозни мембрани на друго лице, тој не е изложен на ризик од инфекција.
B-биди верен, да се биде верен односно взаемно верна врска меѓу двајца здрави партнери (испитувања на двајца здрави партнери пред стапување во сексуална врска). Ако двајца неинфицирани партнери имаат меѓусебна, верна врска, ниту еден нема да биде изложен на ризик од сексуално преносливи болести, под услов ниту еден од партнерите да не биде изложен на сексуално преносливи болести на било кој друг начин. На пример, ХИВ инфекција  која е крвно пренослива, што значи дека доколку еден од партнерите користи дрога за инјектирање, може да се зарази со хепатит Ц или ХИВ и сексуално да ги пренесе овие инфекции на својот партнер. Стабилна и взаемно верна врска дава сигурност.
C – кондом или презерватив, правилна и доследна употреба на кондом обезбедува многу добра заштита од сексуално преносливи болести, кои се пренесуваат со директен контакт на мукозна мембрана со заразни телесни течности (вагинална течност, предејакулат, ејакулат, крв) или заразена мукозна мембрана. Правилната употреба на кондомот вклучува негова употреба во текот на целото време при сексуален однос (вагинален, анален, орален) односно воопшто да нема меѓусебен контакт со заразните телесни течности и мукозните мембрани на партнерот. Кондомите не го спречуваат преносот на болести кои се пренесуваат преку кожата која не е покриена со кондомот (како ХПВ инфекција или срамни вошки), но значително ја намалуваат веројатноста за пренесување. Кондомот е исто така ефикасно сретство за спречување на несакана и непланирана бременост.
Зборувањето за заштита од сексуално преносливи болести и непланирана бременост понекогаш не е пријатно, но неопходно е меѓу партнерите за да се спречат несаканите последици. За разговорот со партнерот да биде поопуштен, едноставен и продуктивен подгответе се и информирајте се однапред. Ако сакате да зборувате за методите на заштита од сексуално преносливи инфекции и бременост со вашиот партнер, прашајте однапред за достапните методи за заштита и контрацептивни средства. Разговарајте за добрите и лошите страни на секој метод на контрацепција и прашајте го вашиот партнер за негово мислење. Бидете искрени, бидејќи на тој начин вашиот партнер ќе претпочита да учествува во заедничкото одлучување за заштита од непланирана бременост и сексуално преносливи болести. Подготвеноста за таквиот разговор е одраз на вашата зрелост за сексуален живот и меѓусебна блискост и доверба. Разговарајте за тоа како и зошто заштитата од бременост е важна за вас, и колку повеќе знаете за методот на контрацепција што ќе го изберете заедно, толку е поголема веројатноста дека и двајцата ќе ја преземете одговорноста за негова успешна употреба. Важно е конечниот резултат да биде во согласност со вашите желби и очекувања.
Подготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести
Користена литература:
  1. World Health Organization. Sexual and reproductive health end rights.  Available At: https://www.who.int/health-topics/sexual-health#
  2. World Health Organization. Sexual health. Available at: https://www.who.int/health-topics/sexual-health#tab=tab_1
  3. Spolno Zdravlje. Kako s partnerom o spolnom zdravlju. Available at: https://spolnozdravlje.hr/clanak.php?id=12475
  4. https://www.healthywomen.org/your-health/sexual-health/how-to-tell-your-partner-about-an-sti