- 13.10.2023
СОСТОЈБА СО ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2023/2024 (40 недела, до 08.10.2023)
Со почетокот на 40-тата недела од 2023 година, започнува и следењето на грипот/ заболувањата слични на грип на неделно ниво. Согласно законската регулатива, пријавувањето на грип се врши седмодневно од четириесеттата недела од тековната година до дваесеттата недела следната година, по возрасни групи на Збирна пријава на заболени/ умрени од грип.
Во текот на 40-тата недела од 2023 година (од 02-08.10.2023), во Република Северна Македонија, пријавени се 32 случаи (I=1,74/100.000 жители) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип. За споредба, во 40-тата недела од минатата сезона, не беа регистрирани заболени лица, додека во однос на моделот за последните 13 сезони (n=29), се регистрира зголемување од 11,5%.
Заболените лица оваа недела се првите случаи пријавени во новата сезона и се регистрирани во Дебар – 13, Прилеп – 8, Куманово – 6, Струмица – 4 и Радовиш - 1.
Во однос на возраста, од 5-14 години регистрирани се 15 лица, од 15-64 – 14 и од лица над 65 години – 3.
Во текот на 40-та извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 10 материјали за лабораториско тестирање на грип од кои 9 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот. Две лица се COVID-19 позитивни, а кај едно лице е детектиран Adenovirus.
Вакцинација против грип
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):
· Постарите лица (над 65 години)
· Деца на возраст од 6-59 месеци
· Лица постари од 6 месеци со хронични болести
· Бремени жени, и
· Здравствени работници.
За сезоната 2023/2024, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 60.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 15.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).
Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2023/2024 ќе се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици и/или Здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.
Дополнителни 4.500 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи, истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.
Првиот извештај за состојбата со грип во Европскиот Регион на почетокот на новата сезона 2023/2024 (40 недела) ќе биде презентиран во наредниот извештај.
Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за периодот од 36-39-та недела 2023 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво, карактеристично за овој период од годината. Осум земји пријавија ниска активност, а една средна активност, а една земја пријави регионална географска распространетост. Рани знаци на активност на РСВ се забележани во делови од Регионот.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје