• 17.11.2023

17 ноември - Светски ден на предвремено породување


 

 

 

 

Светскиот ден на предвремено родени деца, 17 ноември, е еден од најважните денови во годината за подигање на свеста за предизвиците и товарот на предвременото породување на глобално ниво.

Глобалната тема за Светскиот ден на предвремено родените 2023 година е: MАЛИ АКЦИИ ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ: непосредна нега кожа на кожа за секое бебе насекаде!

Покрај виолетовата боја која означува чувствителност и исклучителност, чорапите станаа симбол за Светскиот ден на предвремено родените деца. Малиот пар виолетови чорапи – врамени со девет пара детски чорапи со целосна големина – симболизираат дека  1 од 10 бебиња е родено предвремено во светот. Предвремено родените бебиња имаат гестациска возраст под 37-ма недела од раѓање и доенчиња со мала родилна тежина  под 2,5 килограми. Приближно 1 милион деца годишно умираат поради компликации од предвремено породување. Предвременото раѓање е водечка причина за смрт кај децата на возраст под пет години. Секоја година, околу 15 милиони бебиња ширум светот се раѓаат предвреме.

Од податоците објавени во Државиот завод за статистика во  Република Северна Македонија стапката на смртност кај доенчиња за 2022 година изнесувала 3,2 умрени доенчиња на 1000 живородени деца. Додека стапката на смртност кај доенчиња за 2012 година изнесувала 9,8 умрени доенчиња на 1000 живородени. Во дадениот период бележиме позитивен тренд на намалување на доенечката смртност.

Многу преживеани бебиња се соочуваат со доживотна попреченост, вклучително и пречки во учењето и проблеми со видот и слухот.

Глобалната пандемија COVID-19 ги ​​принуди неонаталните одделенија ширум светот да усвојат строги безбедносни мерки кои за жал честопати ги одвојуваа родителите од нивните предвремено родени бебиња во неонаталната единица, со штетни последици подеднакво за бебињата и за родителите.

 

Покрај здравствените предизвици со кои се соочуваат новороденчињата, одвојувањето на родителите од нивните бебиња придонесува за сериозни и долгорочни здравствени и развојни проблеми кај новороденчињата, а исто така влијае на менталното здравје на родителите на долготрајни последици.

Дури и без дополнителните ризици, недоносените бебиња се меѓу најранливите пациенти ширум светот и како што студиите постојано покажуваат,  на бебињата им требаат родителите покрај себе!

Препораки

Контактот кожа на кожа познат како  кенгур метод што е можно порано да се примени по раѓањето и што е можно почесто има позитивни и заштитни ефекти, како што се регулирање на срцевиот и респираторниот ритам, спречување на сепса (тешка инфекција), хипотермија (ниска телесна температура) и хипогликемија (ниска шеќер во крвта) и намалена реадмисија во болница. Грижата со кенгур методот му овозможува на бебето да заспие во подлабок сон што му овозможува да насочи повеќе енергија кон другите телесни функции. Покачување на телесната тежина значи и пократок престој во болница.  

 

Во меѓувреме, раното и ексклузивно доење и обезбедувањето мајчино млеко имаат позитивно влијание врз краткорочните и долгорочните физиолошки и невроразвојни резултати на бебето.

Подеднакво е важно да сте сигурни дека бебињата родени прерано, премногу мали или премногу болни, доколку е потребно, имаат рамноправен и брз пристап до повисоки нивоа на болничка нега, без разлика каде се родени.

Светскиот ден на предвремено родените деца е потсетник  за да се подигне свеста и да се поттикне акција за спречување на предвремено раѓање каде што е можно, подобрување на здравствените системи и спасување на животите на бебињата.

 
 

Подготвил:Оддел за здравствена промоција и следење на болести