• 08.03.2024

8 Март – ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ДЕН НА ЖЕНАТА


 

 

ДА ИСПИРИРАМЕ ИНКЛУЗИЈА

 

Интернационалниот ден на жената 8 Март, оваа година, 2024, се прославува под мотото „Да инспирираме инклузија“ и има за цел вклучување и интеграција на сите поединци во општеството, без разлика на нивната расна, верска, етничка и полова припадност, односно претставува тенденција секој поединец да може да се исполни како индивидуа, во секој сегмент од човековото постоење, всушност „Кога навистина ја цениме разликата, вклучувањето доаѓа од срцето.“  Познатата феминистка, новинарка и активист, Глорија Стајнем, објаснува: "Приказната за борбата на жените за еднаквост не припаѓа на ниту еден феминист, ниту на една организација, туку на колективните напори на сите кои се грижат за човековите права." (1)

Гледано од историски аспект, тешко е да се опишат и опфатат правата на жените низ вековите, во различни нации, етничките групи, расни дискриминации, па токму затоа ќе посочиме само дел од статусот на жените во неколку примери. „Жените биле спречени да водат бизнис без машки претставник, било тоа татко, брат, сопруг, правен агент, па дури и син. Мажените жени не можеле да вршат контрола врз сопствените деца без дозвола од нивните сопружници. Жените имале мал или никаков пристап до образование и биле забранувани од повеќето професии. Кон крајот на 14-тиот и почетокот на 15-тиот век во Франција, првиот феминистички филозоф, Кристин де Писан, ги предизвика преовладувачките ставови кон жените со храбар повик за женско образование.“ (2)

 

Жените биле под строги или „како во окови“ контролирани од страна на машкиот авторитет, почитувајќи ги исклучиво нивните принципи и правила, воспитувани под патријархални норми и без нивна надлежност и надзор не смееле да превземат самостојно било каква активност, во општествениот, социјалниот и семејниот живот. 

Мери Волстоункрафт (Mary Wollstonecraft) (1759-1797), инспирирана од француската револуција, објавила во 1792 г. еден феминистички есеј, „Во одбрана на женските права (A vindication of the righs of women)“, во кој застанува против Русоовата доктрина и ставот на француските револуционери и буржуазијата од сите земји во кои на девојките им е скратена рамноправноста со момчињата во образованието. Францускиот филозоф Жан-Жак Русо, роден во Швајцарија, на пример, ги прикажува жените како глупави и несериозни суштества, родени да бидат потчинети на мажите“.(3)

Елизабет Кејди Стентон, американски активист, во 1848 година ја одржала првата конвенција за правата на жената во Њујорк, повикувајќи да се направат промени во законите за жените да имаат еднакво место во општеството, како право на глас, или контрола над сопствените пари и имот. Се залагала за промени во законот во Америка, а во 1869 година во САД била формирана Националната асоцијација за право на глас на жените. Спротивно на мислењето на Ж.Ж.Русо, таа смета дека никој не може да се повика на „женската природа“ со цел улогата на жените да се сведе само на домаќинството и угодувањето на мажите. Мери Волстоункрафт, ја упатила мислата која на феминистките ќе им биде идеја водилка: „Време е на жените да им се врати нивното изгубено достоинство и да им се овозможи... да учествуваат во светскиот напрадок. (4)

Во основа феминизмот не смее да се толкува како спротивставување на жените во однос на мажите, или како омраза спрема машкиот пол, едноставно феминистките се залагаат за рамноправност меѓу половите, или самата дефиниција феминизам сама по себе означува еднаквост на жената со мажот.

Најголемата заслуга за празнување на денот на жената ја имаат Роза Луксембург и Клара Цеткин кои биле едни од најважните претставнички на демократскиот социјализам во Европа и важат за едни од основоположничките на меѓународното женско движење. Нивната борба за економска, социјална и политичка еднаквост оставила силен печат во борбата за женските права низ историјата. Светлана Слапшак, антрополог, класичен филолог, доктор на науки по антички студии,  книжевник и феминист, за Роза Луксембург пишува: „Иконата на левицата, во голема мера цензурирана во историјата на работничкото движење... беше олицетворение на сите политички цели и сите стратегии на феминизмот: со широко идејно поле, нејзината врвна интелектуалност, чувствителноста кон социјалната неправда, личното живеење на политичките идеали, недвосмисленото феминистичко однесување и размислување... револуционерноста, отпорот против идеолошките ограничувања.“ (5)

За прв пат денот на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 г. под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911, овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.

На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири и ја одбележуваат борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Со одлука на Обединетите нации од 1975 година, 8 март бил прогласен за Меѓународен ден на жената.

По победата на болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8 март по првпат е прогласен за државен празник. На запад во 1920-тите одбележувањето на 8 март полека замира и повторно оживува во 1960-тите заедно со растежот на феминизмот. Сепак, во ниту една западна земја 8 март не е прогласен за државен празник, освен во малку земји како Русија, Белорусија, Молдавија, Украина, Ерменија, Монголија, Узбекистан, Виетнам, Кина. Република Северна Македонија е една од земјите во коja секоја година се одбележува Меѓународниот ден на жената 8 март.

Виолета Михајловска, магистер по родови студии наведува: „Првата светска војна создала услови за пробив на жените од домашните обврски до обврските кон државата, односно потребите за војната. Најголемиот број мажи веќе биле во војничките редови, па жените биле вклучени на работа во фабриките произведувајќи муниција и оружје, возеле тешка механизација за потребите на производството, работеле тешки физички работи по полињата и нивите за да обезбедат доволно храна за војската и семејствата. Популарна икона од овој период е Роси ковачката, која претставувала симбол на вработените жени. По завршување на војната голем дел од жените морале да им ги отстапат работните места на мажите кои се вратиле од фронтот, а само мал дел жени останале да работат и тоа како службенички, или најчесто како медицински сестри. Ова е всушност периодот на етаблирање на професијата медицинска сестра како резултат на работата на Флоренс Најтингејл. Сите овие активности практично ги отсликуваат заложбите и придобивките на жените во првиот бран на феминизмот – политичките, економските и социјалните права.Шеесеттите години на минатиот век се период на вториот бран на феминизам, кој се карактеризира со борбата на жените за репродуктивни права, абортус, сексуалната слобода, борбата против семејно насилство, а паралелно со ова се воделе кампањи за изедначување на платите и за правото на абортус. Феминистичките барања варирале од темите за вработување и еднакви плати, до право на згрижување на деца, контрацепција и абортус, па сѐ до заштита од сексуално вознемирување на работното место“. (6)

Голем број жени во современите општества ги уживаат во целост своите права, но да не го заборавиме фактот дека и во 21 век се уште постојат земји во кои под влијание на социјалната, општествената, политичката и културната средина, сé уште се под „управа“ на машкиот свет, жени кои се подложни на семејно насилство, третирани како лична своина на своите сопружници, браќа и блиски роднини од машки пол, дури и под надзор и контрола на членовите од потесното и поширокото семејство од страна на жените, жени кои се силувани, а никогаш не го пријавиле чинот од сопствен срам, уцена и страв од преживеаното насилство.

ЈЗУ-Институтот за јавно здравје на РСМ – Скопје, им го честита празникот на сите жени со истата парола за рамноправност, достоинство, личен избор на партнер, без предрасуди, да го подигнеме нивото на меѓусебно разбирање без расна и верска омраза, подеднакво право на лична определба за својата економска независност, подеднакво учество во политичкиот живот, како и да им се помогне на лицата кои се во ситуација на социјална сеграгација или маргинализација да се вклучат во општествениот живот. Институтот со честитките за празникот, како превентивно здравствена и научна установа, ја користи оваа прилика за испраќање на јавен апел за редовна контрола и превенција на здравјето на сите, подеднакво за двата пола, како за жените, така и за мажите.

Извори:

(1)     IWD: International Women's Day 2024 campaign theme is 'Inspire Inclusion', достапно на www.internationalwomensday.com

(2)     Feminism | Definition, History, Types, Waves, Examples, & Facts, достапно на: Britannica.com

(3)     The origins and history of International Women’s Day, достапно на: Home - CBBC Newsround

(4)     Мишел А. Феминизам. Феникс, Скопје, 2014

(5)     Слапшак С. Женски икони на ХХ век. Темплум, Скопје, 2003

(6)    М-р Михајловска Виолета: Правата на жената низ историјата и денес (колумна), достапно на  www.sloboden pecat.mk

 

 

 

ПОДГОТВИЛ:

ОДДЕЛ ЗА ЗДРАВСТВЕНА ПРОМОЦИЈА И СЛЕДЕЊЕ НА БОЛЕСТИ