• 05.09.2024

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПОЈАВА НА ВТОР СЛУЧАЈ СО МАЛИ СИПАНИЦИ ВО Р.С. МАКЕДОНИЈА


 

ИНФОРМАЦИЈА

ЗА ПОЈАВА НА ВТОР СЛУЧАЈ СО МАЛИ СИПАНИЦИ ВО РС МАКЕДОНИЈА

 

 

Вовед

Малите сипаници се многу заразна болест предизвикана од вирус. Болеста лесно се шири кога заразено лице дише, кашла или кива. Може да предизвика тешка болест, компликации, па дури и смрт.

Од малите сипаници можат да заболат сите, но најчесто се јавува кај децата.

Малите сипаници го инфицираат респираторниот тракт, а потоа се шират низ телото.

Симптомите на мали сипаници обично започнуваат 10-14 дена по изложувањето на вирусот. Исипот е најкарактеристичен симптом. Раните симптоми обично траат 4-7 дена. Тие вклучуваат:

·         течење на носот

·         кашлица

·         црвени и насолзени очи (конјуктивитис)

·         мали бели дамки во внатрешноста на образите (Копликови дамки).

Исипот започнува околу 7-18 дена по изложувањето, обично на лицето и горниот дел на вратот. Се шири во текот на околу 3 дена, на крајот на рацете и нозете. Обично трае 5-6 дена пред да избледи.

Повеќето смртни случаи од мали сипаници се од компликации поврзани со болеста.

Компликациите може да вклучуваат:

·         слепило

·         енцефалитис (инфекција што предизвикува оток на мозокот и потенцијално оштетување на мозокот)

·         тешка дијареа и поврзана дехидрација

·         инфекции на увото

·         тешки проблеми со дишењето, вклучително и пневмонија.

Ако жена заболи за време на бременоста, тоа може да биде опасно за мајката и може да резултира со тоа нејзиното бебе да се роди предвремено со мала родилна тежина.

Компликациите се најчести кај децата под 5 години и кај возрасните над 30 години. Самата болест го ослабува имунолошкиот систем и може да го натера телото да „заборави“ како да се заштити од инфекции, оставајќи ги децата крајно ранливи.

Вакцинацијата е најдобриот начин да се спречи болеста или ширењето на други луѓе. Вакцината е безбедна и му помага на организмот да се бори против вирусот.

Пред воведувањето на вакцината против мали сипаници во 1963 година и широко распространетата вакцинација, големи епидемии се случуваа приближно на секои две до три години и предизвикуваа околу 2,6 милиони смртни случаи секоја година на светско ниво.

Забрзаните активности за имунизација од страна на земјите, СЗО и други меѓународни партнери успешно спречија околу 57 милиони смртни случаи помеѓу 2000-2022 година. Вакцинацијата ја намали проценетата смртност од 761.000 во 2000 година на 136.000 во 2022 година.

Состојба во 2024 година во РСМ

Во Р.С. Македонија, во текот на 2024 година, пријавени се вкупно 2 лабораториски потврдени случаи на мали сипаници.

Првиот случај, регистриран во месец јуни 2024 година, кај жител на с. Лабуништа, Струга, на територијата на ЦЈЗ Охрид.

Вториот случај е импортиран, во месец септември 2024 година, кај жител на с. Долно Коњаре, Петровец, на територијата на ЦЈЗ Скопје.

 

За споредба, во 2023 година во Република Северна Македонија пријавен е еден случај на заболување од мали сипаници. Во десетгодишниот период од 2014-2023 година, регистрирани се вкупно 2.020 заболени од ова заболување. Епидемии се регистрирани во 2014, 2017, 2018 и 2019 година. Последната регистрирана епидемија на ова заболување во Република Северна Македонија започна во 2018 година, а беше одјавена во 2019 со вкупено 1.901 регистрирано лице, во 24 градови во републиката.

 

Информација за вториот случај на мали сипаници

Од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни болести беше информиран за случај со мали сипаници преку добиена Пријава за изолиран/докажан причинител доставена на ден 03.09.2024 година.

Одделот за епидемиологија на заразни болести веднаш го информира надлежниот епидемиолог во ЦЈЗ Скопје.

Регистрираниот случај е 12-годишно лице од с. Долно Коњаре, Петровец.

 

Клинички податоци:

Првичните симптоми кај пациентот започнале на 30.08.2024 со ситно црвен исип најпрво на лицето, а потоа и на градите и грбот, покачена температура, секрет од носот, конјуктивит, кашлица и повраќање.

На 02.09.2024 детето е прегледано од страна на матичен лекар и поради сомнение за мали сипаници е препратено на УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје од каде е препратено за доиследување во Одделението за вирусологија при ИЈЗ каде е земена урина, крв и брис од нос и грло за анализа како и на РТГ одделот во склоп на УК ТОАРИЛУЦ за РТГ снимка на бели дробови.

Со серолошко и молекуларно (PCR) испитување е потврдено заболувањето.

Заболениот е на домашно лекување откако одбил хоспитализација.

 

Епидемиолошки податоци:

Детето е невакцинирано со МРП вакцина. Живее во 7-члено семејство, двајца родители и 5 деца. Во однос на вакциналниот статус на семејството, 3 деца се вакцинирани со 2 дози МРП вакцина, две деца не се вакцинирани, а родителите се уредно вакцинирани согласно возраста.

Семејството престојувало во Нови Пазар, Р.Србија од 10.08-24.08.2024. Патувале со сопствено возило. Во Нови Пазар, дете на шест годишна возраст било со дијагностицирани мали сипаници за време на нивниот престој.

По враќањето од Нови Пазар, немал контакт со останатите членови од другите три семејства кои живеат во ограден заеднички двор и не посетувало училиште.

Проценка на ризик:

Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со 2 дози на МРП вакцина. Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на 6-годишна возраст.

Во РСМ опфатот со првата доза на МРП во 2023 година на национално ниво изнесува 73,4%, а во Скопје е 83,7%. Опфатот се ревакцинација на национално ниво во 2023 година изнесува 87,7%, а во Скопје е 85,9%.

Примарната вакцинација со МРП вакцина во 2023 година, бележи намалување во однос на просекот на опфатот регистриран во изминатите 5 години (74,4% на национално ниво), додека ревакцинацијата во 2023 година бележи зголемување во однос на просекот (85,1% на национално ниво).

Имајќи го во предвид пријавениот неоптимален опфат со вакцинација (<95%), фактот дека следните месеци претставуваат сезонски врв на вирусот и можноста за импортирање, пријавувањето на нови случаи не е неочекуван настан.

 

Превземени мерки:

1.      Изготвена е епидемиолошка анкета за заболеното лице од епидемиолог од ЦЈЗ Скопје.

2.      Обезбедена Пријава за заразна болест и Пријава за изолиран причинител.

3.      Постојан контакт на епидемиолошките служби од ИЈЗ и ЦЈЗ.

4.      Контактиран е директорот на училиштето од каде е добиен податок дека заболениот не се јавил на настава од почеток на школската година заедно со останатите браќа/сестри.

5.      При контактот со директорот на училиштетео кое го посетува заболеното дете побарано е да се информираат сите родители за вакцинација на децата кои немаат примено МРП вакцина или имаат пропуштена доза од истата.

6.      Воспоставен е контакт со матичниот лекар на заболеното дете и побарани се дополнителни информации. Нагласена е и потребата да се добијат податоци и да се контактираат лицата кои се затекнале во иста просторија – чекална во матичната амбуланта  со заболеното дете.

7.      Од вакциналниот пункт во Петровец побарано е да се изнајдат сите невакцинирани  школски деца прикрепени кон училиштето во с. Средно Коњари (едно училиште за сите три околни села) и истите да се повикаат на вакцинација, како и сите предучилишни деца кои ја немаат примено првата доза на МРП вакцина.

8.      Остврен е контакт со вработените на РТГ одделот во склоп на УК ТОАРИЛУЦ каде е направено снимањето на заболеното дете и дадени се напатствија за обрнување внимание за евентуалан појава на симптоми како и можноста за вакцинација.

9.      Контактирани се лицата кои се затекнале на преглед во тој временски период кога и заболеното дете, како на УКИБФС така и на РТГ одделот во склоп на УК ТОАРИЛУЦ и на сите им е предочено за можноста да биле во контакт со заболеното лице како и потребата да обрнат внимание на евентуална појава на симптоми како и можноста за вакцинација.

10.  Дадени се упатства на семејството за вакцинација и изолација.

 

 

 

 

 

Препораки:

·         Да се засили епидемиолошки надзор над исипните трески. Секој суспектен случај на мали сипаници согласно клинички критериуми на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.

·         Да се зголеми свесноста за присуство на мали сипаници во земјата и кај населението и кај здравствените работници.

·         Да се информираат матичните лекари/педијатри/инфектолози да ги пријавуваат сите сомнителни случаи до епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, во рок од 24 часа и да го упатуваат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог. Дополнително најдоцна за 24 часа, треба да достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест, согласно законската регулатива. 

  • Од сите сомнителни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување, како и друг биолошки материјал (назофарингеален брис, урина, плунка) за молекуларна дијагностика (PCR) и истите да се испраќаат до Одделението за вирусологија при ИЈЗ РСМ.
  • Да се направи засилена контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежечките лица на територијата каде живее потврдениот случај, потоа изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање, во регионот и во сите вакцинални пунктови во земјата.
  • Постигнување и одржување на висок опфат со МРП (>95% со две дози). Од витално значење е да се обезбеди вакцинација со прва и втора доза навреме, според националниот календар кај доенчињата и децата. Исто така, важно е да се идентификуваат и вакцинираат подлежечки лица преку catch-up програмите.

·         Да се засилат здравствено-едукативните активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.

 

 

 

Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ, во соработка со епидемиолошката служба при ЦЈЗ Скопје ќе ја следат состојбата и дополнително ќе известуваат за текот на настаните и развојот на епидемиолошката ситуација.

 

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје на РСМ

05.09.2024