• 20.09.2024

Светски ден за подигање на свеста од Алцхајмерова болест


 

Светскиот ден за подигање на свеста од Алцхајмеровата болест се одбележува секоја година на 21 септември со цел да се подигне свеста за предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат луѓето со оваа болест и нивните семејства, како и за да се делува за намалување на стигмата што ја опкружува деменцијата.

Алцхајмерова болест (латински: Morbus Alzheimer) —  болест од групата на невродегенеративни заболувања. Обично се јавува кај населението над 65 годишна возраст и е одговорна за 60% од дементните заболувања, следена од васкуларните деменции на второ место и алкохолната деменција на трето место.

Алцхајмеровата болест е прогресивна, фатална болест на мозокот која се карактеризира со губење на меморијата, губење на говорот и способноста за размислување, како и промени во расположението и однесувањето. Глобално е признато дека оваа болест е мултифакторна, хетерогена и неповратна, а нејзината појава и развој се потпомогнати од комбинација на генетски фактори и фактори на животната средина. Сепак, биолошките промени во мозокот може да се појават децении пред првите симптоми. Во доцните фази на болеста, луѓето честопати не се во состојба да комуницираат и комплетно се зависни од други лица дури и при едноставни секојдневни задачи.

Кај Алцхајмеровата болест се нарушени осум когнитивни функции – помнење, говор, перцепција, внимание, конструктивни способности, ориентација, решавање на проблеми и функционални способности.

Предупредувачки знаци

Според Американскиот национален институт за стареење, постојат седум предупредувачки знаци на болеста:

1.   Повторување на едни исти прашања

2.   Повторување на една иста приказна

3.   Заболениот не знае да извршува одредени секојдневни активности пр. готвење, играње карти, ракување со далечински управувач

4.   Заболениот не знае да раководи со пари, сметки, префрлања и сл.

5.   Заболениот не може да најде одредени предмети или ги сместува на невообичаени места и мисли дека други лица ги преместиле истите

6.   Запоставување на сопствениот надворешен изглед

7.   Болниот одговара на прашања со поставување на истото прашање кое му е упатено нему

Прогресијата  на Алцхајмеровата болест е во три фази

Некои карактеристики на Алцхајмеровата болест најчесто се класифицираат во три степени или фази. Сите овие карактеристики нема да бидат присутни кај секој човек и тие може да се појават во различни фази.

 

Блага или почетна фаза Алцхајмерова болест

Понекогаш оваа фаза е очигледна само во ретроспектива. Почетокот на Алцхајмеровата болест обично е постепен и често е невозможно да се идентификува кога точно започнала.

Лицето може: • да изгледа поапатично • да изгуби интерес за хоби и активности • да биде помалку подготвено да пробува нови работи • да биде помалку способен да се прилагоди на промените • да биде побавен за да ги сфати сложените идеи и им треба подолго време со рутинските работи • да стане позаборавен за неодамнешните настани • да стане збунет или дезориентиран за времето и местото • да се изгуби ако е далеку од познатото опкружување • да има поголема веројатност да се повтори или да ја изгуби нишката од нивниот разговор • да биде повеќе раздразливо или вознемирено ако се направи грешка • да има потешкотии со управувањето со финансиите • да има потешкотии да купува или да подготвува оброци.

Умерена фаза на Алцхајмерова болест

Во оваа фаза, влијанијата на состојбата се поочигледни и поприсутни. Едно лице може да доживее значителни предизвици во својата независност и да им треба секојдневна поддршка.

Лицето може: • да ги заборава тековните и неодамнешните настани, иако генерално го памтат далечното минато, дури и ако деталите може да бидат заборавени или помешани • често да е збунет во однос на времето и местото • полесно да се губи • да ги заборави имињата на семејството или пријателите или да ги побрка членовите на семејството • да ги заборави тенџерињата или чајниците оставени да се греат на шпоретот • да биде помалку способен да врши едноставни пресметки • покажуваат слабо расудување и донесуваат лоши одлуки • да гледа или слуша работи што ги нема или стануваат сомничави спрема другите луѓе • да се повторува • да ја занемари личната хигиена или јадењето • да не може да избере соодветна облека за времето, приликата или времето од денот • да се налути, вознемири или потресе поради фрустрација.

Напредна фаза на Алцхајмерова болест

Во оваа фаза, лицето е сериозно погодено од деменција и има потреба од континуирана грижа за сите секојдневни активности.

Лицето може: • да не може да се сети на тековните или неодамнешните настани, како што е заборавањето дека штотуку јаделе или не може да се сети каде живеат • да не може да се присети на важни настани или факти од својот ран живот • да биде збунет во обидот да ги препознае пријателите и семејството • да не успева да ги препознае секојдневните предмети или да разбере за што се користат • да ја загуби способноста да разбира или да зборува • да им треба помош при јадење, миење, капење, миење заби, тоалет и облекување • да стане инконтинентен • да искуси нарушен сон • да биде немирен или нервозен • често да вика или има агресивни испади • да има потешкотии при одењето и други проблеми со движењето, вклучително и вкочанетост.

Фактори на ризик за појава на Алцхајмерова болест

Возраст:Тоа е главнит маркер за ризик на болеста,така што преваленцата се зголемува со зголемување на возраста,двојно се зголемува на секои 5 години по 60 година животот. Пол: Жените страдаат од оваа болест повеќе од мажите.

Семејна историја на деменција: Помеѓу 40 и 50% од пациентите со Алцхајмерова болест имаат член од семејството кој има и имал деменција.

Образование: Иако Алцхајмерова болест може да се појави кај луѓе со кое било ниво на образование, постои зголемување на Алцхајмерова болест кај субјектите со помалку образование.

Исхрана: Многу висок внес на калории може да биде фактор за ризик на болеста.Исто така,полинезаситените масни киселини и додатоци (витамини Е и Ц) покажале невропротективна улога за Алцхајмерова болест.

Бидејќи Алцхајмеровата болест се јавува кај постари луѓе, обично постари од 65 години, така инциденцата на оваа болест кај општата популација е ниска, приближно 2%.Сепак,кај постарата популација  преваленцата достигнува до 15%, што се зголемува со зголемување на возраста. Меѓу луѓе постари од 85 години преваленцата достигнува 30-40% што е далеку најраспространет вид на деменција. Алцхајмеровата болест е епидемија на XXI век или тивок крадец на спомените. Овие синоними на заболувањето Алцхајмер, сами по себе ја доловуваат сериозноста на оваа појава, од која директно се засегнати над 46,8 милиони луѓе ширум светот. Алармантноста на статистиката, дополнително е верификувана со истражувачките прогнози кои предвидуваат повеќе од 135 милиони болни од Алцхајмерова болест до 2050,додека 9,9 милиони лица се новодијагностицираат со деменција секоја година.

Како се лекува Алцхајмеровата болест?

Медицинската терапија може да помогне да се стабилизира или забави падот на меморијата и способностите за размислување. Лековите може да се препишат и за секундарни симптоми како што се нервоза или депресија или за подобрување на спиењето. Терапиите без лекови може да бидат корисни, како што се одржување активност и социјална поврзаност и справување со стресот.Разговарањето со советник или психолог е важно за да помогне во управувањето со промените во однесувањето и расположението. Работната терапија може да помогне во подобрувањето на секојдневното функционирање дома.

Во сите фази на Алцхајмеровата болест, достапни се третмани и услуги за поддршка за да се намали влијанието на симптомите, за да се обезбеди најдобар можен квалитет на живот за секое лице кое живее со оваа состојба.

Медицинската терапија може да го подобри квалитетот на животот на лицата кои живеат со Алцхајмерова болест и нивните негуватели. Во моментов не постои познат лек за Алцхајмеровата болест, и ова претставува еден од најголемите предизвици на јавното здравје во денешно време. Моменталните третмани се фокусирани кон олеснување на симптомите. Тие не се во состојба да ја запрат прогресијата на болеста бидејќи не влијаат врз основните причини за болеста и се насочени за намалување на влијанието на симптомите, за обезбедување на поквалитетен начин на живот за секое лице кое живее со оваа состојба. Алцхајмеровата болест е голем проблем за општеството бидејќи стотици милиони старатели и членови на семејства се погодени заедно со пациентите, страдајќи емотивно, физички и финансиски

Терапијата се занимава со различни области:

  • преку помагање луѓето да ја одржат менталната функција.
  • управување со бихевиоралните симптоми.
  • со забавување или одложување на симптомите на болеста.

Потребно е  да им се помогне на семејствата во грижата за своите сакани не само да се препишат лекови,, бидејќи некои од нив не се едуцирани како да постапат со одредени однесувања на лицето кое што страда од оваа болест.Едукацијата за болеста и професионалната поддршка се важни за лицето кое живее со деменција и неговото семејство и старателите. Оваа поддршка може да направи позитивна разлика во управувањето со состојбата.Низа пристапи и активности можат да ги ангажираат способностите и интересите на лицето кое живее со деменција, за да живее добро што е можно подолго. Потребни се  интензивни напори од страна на институциите за подобрување на здравствената заштита и поддршка на пациентите и нивните семејства. Потребни се професионални негуватели,  дневни центри за згрижување на лицата со оваа болест. Алцхајмеровата болеста ги краде спомените, но институциите и државата не треба да дозволат да им се украде квалитетот на живот, љубовта, радоста, среќата. Тоа се емоции тоа не е меморија.

Литература

Alzheimer’s Association. 2015 Alzheimer’s Disease Facts and Figures. Alzheimer’s & Dementia Alzheimer’s Disease International. World Alzheimer Report 2015: The Global Impact of Dementia. Достапно на: http://www.alz.co.uk/research/WorldAlzheimerReport2015.pdf. https://www.dementia.org.au

Изготвил:Оддел за здравствена промоција и следење на болести