• 07.04.2025

Светски ден на здравјето 2025 година


 

„Здрави почетоци, надежна иднина“

 

На 7 април 2025 година, го одбележуваме Светскиот ден на здравјето, со фокус на најважниот темел за секое општество – здравјето на мајките, новороденчињата и децата. Светската здравствена организација (СЗО), под мотото „Здрави почетоци, надежна иднина“, започнува едногодишна глобална кампања која ги повикува владите, заедниците и сите нас да преземеме конкретни чекори во поддршката на мајките, новороденчињата и децата уште од најраните моменти во животот, помагајќи да создадеме сигурна и надежна иднина. Имено, без сигурен почеток, нема сигурна иднина. Секој здрав живот започнува со стабилна бременост, безбедно породување и поддршка за мајките и новороденчињата во постнаталниот период. Затоа, главна цел на овогодинешната кампања е да се спречат смртните случаи и да се обезбеди долгорочно здравје и благосостојба на жените ширум светот. Во тој контекст, СЗО и нејзините партнери споделуваат едукативни материјали и корисни информации кои ќе бидат од голема помош во поддршката на здрава бременост, безбедни породувања и подобра грижа во периодот по породувањето, бидејќи квалитетната здравствена грижа не престанува со раѓањето на бебето, туку продолжува да обезбедува поддршка за мајката и детето во сите наредни фази од нивниот живот.

 

Зошто здравјето на мајките, новороденчињата и децата е приоритет?

Помошта и поддршката на секоја жена и новороденче да преживеат и да напредуваат е од клучно значење за градење на здраво општество. Сепак, податоците на глобално ниво се алармантни:

·         Речиси 300.000 жени годишно го губат животот поради компликации поврзани со бременост и породување.

·         Повеќе од 2 милиони бебиња умираат во првиот месец од животот, а илјадници други не преживуваат при породувањето. Ова значи дека на секои 7 секунди умира една мајка или едно новороденче од причини кои можат да се спречат!

·         Според тековните трендови, 4 од 5 земји се далеку од остварување на глобалните цели за намалување на смртноста кај мајките и новороденчињата до 2030 година.

Ова е повик за будење – време е за акција!

Слушање и поддршка на жените и семејствата – клуч за промени кон здрава иднина

За да ги смениме овие трендови, потребно е да ги слушнеме жените и семејствата, да ги цениме нивните искуства и да им обезбедиме здравствена грижа на високо ниво, особено во смисла на физичка и емоционална поддршка – пред, за време и по породувањето. Здравствените системи треба да бидат подготвени да се справат со бројните здравствени предизвици поврзани со мајчиното и новороденечкото здравје, како што се акушерските компликации, состојбите поврзани со менталното здравје, незаразните болести и планирањето на семејството

Дополнително, здравјето и правата на жените треба да бидат заштитени со закони и политики кои се грижат за нивното здравје со цел да создадеме општество што вложува во иднината на секое семејство.

Цели на кампањата

·         Подигнување на свеста за проблемите поврзани со преживувањето на мајките и новороденчињата и потребата да се даде приоритет за грижа за долгорочното здравје на жените.

·         Залагање за ефективни инвестиции во здравствените системи коишто обезбедуваат квалитетна грижа за здравјето на мајките и децата.

·         Поттикнување на колективна акција преку охрабрување и поддршкапочнувајќи од помош за родителите, до мотивирање на здравствените работници кои обезбедуваат витална нега.

·         Обезбедување на корисни информации во врска со безбедна бременост, породување и постнатална нега, што секоја жена и секое семејство треба да ги има.

Како можете да се вклучите?

·         Подигање на свеста: Споделете информации за кампањата на социјалните мрежи со хаштаговите #HopefulFutures и #HealthForAll.

·      Учествувајте: Приклучете се на глобалните настани за Светскиот ден на здравјето и дознајте повеќе за тоа како може да се стави крај на смртноста кај мајките и бебињата.

·         Донирајте: Поддржете ја Фондацијата на СЗО, која работи на подобрување на здравјето на мајките и новороденчињата во земјите низ светот.

·         Споделете приказни: Раскажете ги своите искуства за бременост, породување или за луѓето кои биле ваша поддршка на тој пат.

Состојба во Северна Македонија: Предизвици и препораки за подобрување на здравјето на мајките и децата

На Светскиот ден на здравјето, нашата држава продолжува со своите заложби за унапредување на здравјето на мајките, новороденчињата и децаta, што и понатаму останува еден од клучните приоритети на јавно - здравствената политика. Сепак, и покрај постигнатиот напредок во последните години, продолжуваме да се соочуваме со сериозни предизвици кои бараат континуирани напори и решавање на структурни проблеми. Мајчината и доенечката смртност се намалени, но сè уште остануваат високи во одредени региони, особено во руралните и сиромашни подрачја на земјата, што укажува на потребата од понатамошни интервенции и мерки.

 

Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца во Република Северна Македонија е клучен механизам за справување со овие предизвици. Преку активности за рано откривање на болести и превенција, програмата има за цел да ги подобри здравствените индикатори преку унапредување на антенаталната и постнаталната грижа, неонаталниот скрининг, како и едукацијата за здрави животни стилови. Оваа програма не се фокусира само на медицинските аспекти, туку има за цел да обезбеди еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита, со посебен акцент на ранливите категории на населението, како што се жените Ромки, жените од руралните средини и лицата без здравствено осигурување.

Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата е тесно поврзана со социјалните и економските услови. Сиромаштијата, ниската образовна структура и ограничениот пристап до здравствени услуги директно влијаат на здравствената состојба на мајките и децата. Без решавање на овие прашања, постигнувањето на целосен напредок во намалувањето на мајчината и доенечката смртност ќе биде тешко и ограничено. Затоа, за да се постигне вистинско подобрување на здравјето на овие групи, неопходно е да се усвои холистички и инклузивен пристап, кој ќе вклучи различни сектори и ќе се фокусира на решаваање на овие критични социјални детерминанти.

Северна Македонија, исто така, се соочува со предизвикот на ниската реализација на одредени активности во рамките на програмата. Иако во последниве години има напредок во сферата на здравствената едукација и превенцијата, многу од овие активности не се имплементираат на ниво кое би дало значајни резултати. Пример за тоа е нискиот процент на искористеност на бесплатните контрацептиви, кој изнесува само 16,5% во 2023 година, што укажува на недостаток на ефикасна комуникација и координација меѓу здравствените институции и целните групи, што води до нецелосно искористување на ресурсите. Дополнително, реализирани се само 13% од планираните бесплатни прегледи за жени кои претрпеле сексуално, родово базирано и семејно насилство, што го потврдува потребното засилување на интерсекторската соработка и обезбедувањето на подобра достапност на услугите. Во Општина Шуто Оризари, и покрај месечната стимулација од 15.000 денари за избраниот гинеколог, постои ризик од затворање на гинеколошката служба поради финансиска неодржливост. Овие предизвици покажуваат дека е неопходна дополнителна поддршка и подобро планирање за обезбедување континуирана и квалитетна здравствена заштита за ранливите групи.

Дополнително, за да се постигне напредок, потребно е да се подобри финансирањето на програмата, како и да се дефинираат јасни и реалистични буџетски потреби. Со тоа ќе се овозможи континуиран развој на активностите и намалување на долговите на здравствените установи. Планирањето на индикатори за успешност и редовната евалуација на резултатите ќе овозможат континуирана адаптација на стратегиите и ќе придонесат кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на програмата.

Со продолжување на соработката меѓу Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и локалните самоуправи, како и зајакнување на партнерствата со невладиниот сектор, може да се обезбеди подобар пристап до здравствените услуги за најранливите групи на население. Исто така, потребно е да се вложува во континуирана едукација на здравствените работници и општата популација, со цел да се обезбеди навремена и соодветна грижа за мајките и децата.

Од особена важност за подобрување на грижата за мајките и децата е и зајакнувањето на патронажната служба. Патронажните сестри играат клучна улога во пружањето на домашна грижа за бремените жени, мајките, новороденчињата и децата, како и во едукацијата за здрави практики. Со редовни посети и мониторинг на здравјето на мајките и децата, тие помагаат во раното откривање на потенцијални здравствени проблеми и промовираат превентивни мерки. Зголемената поддршка и ресурси за патронажната служба ќе овозможат проширување на услуги, посебно за ранливите групи на население. Според последната анализа на трендовите во капацитетите и функциите на патронажната служба, некои од најголемите проблеми се поврзани со недостаток на кадри и ограничена опрема. Во 2023 година, бројот на патронажни сестри во Република Северна Македонија се намалил на 258, што е недоволно за да се обезбеди квалитетна грижа за сите мајки и деца. Ова се должи на прераспределувањето на сестрите во други здравствени служби, а главната причина за напуштањето на патронажната служба е преместувањето во други здравствени структури. Во контекст на овие предизвици, неопходно е да се вложат ресурси за зголемување на бројот на патронажни сестри и подобрување на опремата, што ќе доведе до подобрување на квалитетот на здравствената грижа. Ефикасната комуникација со јавноста, е исто така, клучна за успехот на патронажната служба, бидејќи зголемената свест и промоција на услугите што ги нудат патронажните сестри ќе доведат до нивна поголема искористеност.

Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија игра клучна улога во континуираната поддршка и промоција на здравјето на мајките и децата. Во оваа насока, институцијата редовно организира кампањи за одбележување на светски денови и недели поврзани со мајчинството и детското здравје. Со цел подигање на свеста и едукација на населението, се изготвуваат различни флаери, постери и информативни материјали кои ги промовираат важните аспекти на здравата бременост, правилното доење и грижата за новороденчињата.

Покрај тоа, Институтот за јавно здравје активно работи на поддршка на жените преку Центарот за советување „Инфо Бебе“. Оваа телефонска линија е активна секој вторник и четврток од 11 до 13 часот и нуди бесплатни препораки и совети на жените за здрава бременост, мајчинство и грижа за бебето. Препораките вклучуваат здрави животни навики, правилно консумирање на здрава храна, доење, хигиена на бебето, навремена вакцинација и други аспекти на грижа за бебињата. Сите информативни и едукативни материјали, вклучувајќи ги и водичите за доење, се достапни на веб-страницата на Институтот за јавно здравје, што овозможува лесен пристап за сите заинтересирани.

Имајќи го сето ова предвид, на Светскиот ден на здравјето не само што ја потврдуваме нашата посветеност на здравјето на мајките и децата, туку и ја истакнуваме потребата од заеднички напори и ресурси за постигнување одржлив напредок. Со инвестирање во здравствени услуги, едукација и поддршка на најранливите групи, можеме да обезбедиме најдобри услови за раст и развој на идните генерации. Тие не само што ќе растат во здрава средина, туку и ќе станат креатори на здраво и просперитетно општество.

Здравите почетоци не се само личен успех, туку и колективна одговорност и најголема инвестиција за подобро утре. Да вложиме во здравјето на мајките и децата денес, за да изградиме сигурна и здрава иднина за сите!

Референци:

1.      Светска здравствена организација (СЗО). Светски ден на здравјето 2025: Здрави почетоци, надежна иднина. Преземено од https://www.who.int/campaigns/world-health-day/2025.

2.      Рахиќ, Б. и Шаќири, Ј. Анализа на трендот на капацитетите и функциите на патронажната служба и грижата за здравјето на мајките и децата. Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија. 2024.

3.      Влада на Република Северна Македонија. Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Северна Македонија за 2023 година. 2023.

4.      Министерство за здравство на Република Северна Македонија. Годишен извештај за програмска и буџетска реализација на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 2023 година. 2023.

5.      ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ - Заедно Посилни, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари. Главни економски аргументи за инвестирање во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. 2023.

Подготвено: Оддел за здравствена промоција и следење на болести