- 21.09.2025
21 септември - Светски ден за подигање на свеста од Алцхајмерова болест
Сетскиот ден за подигање на свеста од Алцхајмеровата болест се одбележува секоја година на 21 септември со цел да се подигне свеста за предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат луѓето со оваа болест и нивните семејства, да се сврти вниманието на јавноста за влијанието на оваа болест, да поттикне навремена дијагноза, поддршка и истражување како и да се делува за намалување на стигмата што ја опкружува деменцијата. Алцхајмеровата болест претставува најчеста форма на деменција и е прогресивно, невродегенеративно нарушување кое води до губење на когнитивните функции, меморијата, способноста за комуникација и независност во секојдневниот живот. Со оглед на растечката глобална стапка на стареење на населението, ова заболување претставува сериозен јавно-здравствен и социјален предизвик.
Алцхајмерова болест (латински: Morbus Alzheimer) — болест од групата на невродегенеративни заболувања. Обично се јавува кај населението над 65 годишна возраст и е одговорна за 60% од дементните заболувања, следена од васкуларните деменции на второ место и алкохолната деменција на трето место.
Алцхајмеровата болест е прогресивна, фатална болест на мозокот која се карактеризира со губење на меморијата, губење на говорот и способноста за размислување, како и промени во расположението и однесувањето. Глобално е признато дека оваа болест е мултифакторна, хетерогена и неповратна, а нејзината појава и развој се потпомогнати од комбинација на генетски фактори и фактори на животната средина. Сепак, биолошките промени во мозокот може да се појават децении пред првите симптоми. Во доцните фази на болеста, луѓето честопати не се во состојба да комуницираат и комплетно се зависни од други лица дури и при едноставни секојдневни задачи.
Кај Алцхајмеровата болест се нарушени осум когнитивни функции – помнење, говор, перцепција, внимание, конструктивни способности, ориентација, решавање на проблеми и функционални способности.
Предупредувачки знаци за појава на болеста
Според Американскиот национален институт за стареење, постојат седум предупредувачки знаци на болеста:
1. Повторување на едни исти прашања
2. Повторување на една иста приказна
3. Заболениот не знае да извршува одредени секојдневни активности пр. готвење, играње карти, ракување со далечински управувач
4. Заболениот не знае да раководи со пари, сметки, префрлања и сл.
5. Заболениот не може да најде одредени предмети или ги сместува на невообичаени места и мисли дека други лица ги преместиле истите
6. Запоставување на сопствениот надворешен изглед
7. Болниот одговара на прашања со поставување на истото прашање кое му е упатено нему.
Фази на Алцхајмерова болест
Прогресијата на Алцхајмеровата болест е во три фази, секоја фаза се карактеризира со специфични симптоми кои бараат различен пристап.
Рана фаза
Понекогаш оваа фаза е очигледна само во ретроспектива. Почетокот на Алцхајмеровата болест обично е постепен и често е невозможно да се идентификува кога точно започнала.
· Краткорочно губење на меморијата
· Заборавање на зборови
· Губење на ориентација
· Промени во расположението.
Средна фаза
· Заборавање на лични информации како адреса и телефонски број
· Губење на ориентација во време и простор, потешкотии во препознавање блиски луѓе
· Промени на личноста, раздразливост, сомничавост и агресивност
· Потребна е помош при облекување, капење и хранење.
Доцна фаза
Во оваа фаза, лицето е сериозно погодено од деменција и има потреба од континуирана грижа за сите секојдневни активности, симптомите на состојбата се поочигледни и поприсутни. Едно лице може да доживее значителни предизвици во својата независност и да им треба секојдневна поддршка.
· Неможност да препознае блиски луѓе и да се потсети на лични приказни
· Ограничена или отсутна способност за зборување и разбирање на говорот
· Неможност за извршување на основните активности како што се јадење, облекување и движење
· Губење на тежината, тешкотии при голтање, инконтиненција и вкочанетост на мускулите.
Потреби на лицата со Алцхајмерова болест
· Постојан надзор и помош во сите аспекти од секојдневниот живот.
· Управување со медицински состојби и симптоми поврзани со напредната болест.
· Олеснување на болката и обезбедување удобност во последните фази на болеста.
Фактори на ризик за појава на Алцхајмерова болест
Возраст:Тоа е главнит маркер за ризик на болеста,така што преваленцата се зголемува со зголемување на возраста, двојно се зголемува на секои 5 години по 60-та година животот.
Пол: Жените страдаат од оваа болест повеќе од мажите.
Семејна историја на деменција: Помеѓу 40 и 50% од пациентите со Алцхајмерова болест имаат член од семејството кој има и имал деменција.
Образование: Иако Алцхајмерова болест може да се појави кај луѓе со кое било ниво на образование, постои зголемување на Алцхајмерова болест кај субјектите со помалку образование.
Исхрана: Многу висок внес на калории може да биде фактор за ризик на болеста.Исто така, полинезаситените масни киселини и додатоци (витамини Е и Ц) покажале невропротективна улога за Алцхајмерова болест.
Бидејќи Алцхајмеровата болест се јавува кај постари луѓе, обично постари од 65 години, така инциденцата на оваа болест кај општата популација е ниска, приближно 2%. Сепак,кај постарата популација преваленцата достигнува до 15%, што се зголемува со зголемување на возраста. Меѓу луѓе постари од 85 години преваленцата достигнува 30-40% што е најраспространет вид на деменција. Алцхајмеровата болест е епидемија на XXI век или тивок крадец на спомените. Овие синоними на заболувањето Алцхајмер, сами по себе ја доловуваат сериозноста на оваа појава, од која директно се засегнати над 46,8 милиони луѓе ширум светот, додека 9,9 милиони лица се новодијагностицираат секоја година.
Според Светската здравствена организација (СЗО), во светот над 55 милиони лица живеат со деменција, а Алцхајмеровата болест е причина за приближно 60-70% од тие случаи,Се проценува дека до 2050 година, бројот на лица со деменција ќе се зголеми на околу 139 милиони, најмногу поради зголемената животна возраст.
Раното препознавање и дијагностицирање на Алцхајмерова болест се клучни за навремено управување со симптомите.
Дијагнозата вклучува:
· Детален анамнестички преглед
· Невропсихолошко тестирање
· Невроимагинг (CT, MRI)
· Лабораториски испитувања
Како се лекува Алцхајмеровата болест?
Иако во моментов не постои лек кој ја запира прогресијата на болеста, постојат медикаментозни и немедикаментозни третмани кои ги ублажуваат симптомите и го подобруваат квалитетот на живот на пациентите и нивните негуватели.
Во сите фази на Алцхајмеровата болест, достапни се третмани и услуги за поддршка за да се намали влијанието на симптомите, за да се обезбеди најдобар можен квалитет на живот за секое лице кое живее со оваа состојба. Терапијата се занимава со различни области:
· преку помагање луѓето да ја одржат менталната функција
· управување со бихевиоралните симптоми
· со забавување или одложување на симптомите на болеста
Медицинската терапија може да го подобри квалитетот на животот на лицата кои живеат со Алцхајмерова болест и нивните негуватели. Во моментов не постои познат лек за Алцхајмеровата болест, и ова претставува еден од најголемите предизвици на јавното здравје во денешно време. Моменталните третмани се фокусирани кон олеснување на симптомите. Тие не се во состојба да ја запрат прогресијата на болеста бидејќи не влијаат врз основните причини за болеста и се насочени за намалување на влијанието на симптомите, за обезбедување на поквалитетен начин на живот за секое лице кое живее со оваа состојба. Терапиите без лекови може да бидат корисни, како што се одржување активност и социјална поврзаност и справување со стресот.Разговарањето со советник или психолог е важно за да помогне во управувањето со промените во однесувањето и расположението. Работната терапија може да помогне во подобрувањето на секојдневното функционирање дома.
Алцхајмеровата болест е голем проблем за општеството бидејќи стотици милиони старатели и членови на семејства се погодени заедно со пациентите, страдајќи емотивно, физички и финансиски.
Потребно е да им се помогне на семејствата во грижата за своите сакани не само да се препишат лекови, бидејќи некои од нив не се едуцирани како да постапат со одредени однесувања на лицето кое што страда од оваа болест. Едукацијата за болеста и професионалната поддршка се важни за лицето кое живее со деменција и неговото семејство и старателите. Оваа поддршка може да направи позитивна разлика во управувањето со состојбата. Низа пристапи и активности можат да ги ангажираат способностите и интересите на лицето кое живее со деменција, за да живее добро што е можно подолго. Потребни се интензивни напори од страна на институциите за подобрување на здравствената заштита и поддршка на пациентите и нивните семејства. Потребни се професионални негуватели, дневни центри за згрижување на лицата со оваа болест.
Неопходна е интердисциплинарна соработка помеѓу здравствените институции, социјалните служби, невладиниот сектор и заедницата. Алцхајмеровата болест претставува еден од најголемите здравствени и социјални предизвици на денешницата. Одбележувањето на Светскиот ден за подигање на свеста е важен чекор во правец на информираност, прифаќање и акција. Само преку колективна едукација, истражување и солидарност можеме да обезбедиме подобар живот за оние кои живеат со оваа болест и нивните блиски.
Изготвил:Оддел за здравствена промоција и следење на болести