- 04.03.2026
Телесната тежина, исхраната, физичката активност и социјалните детерминанти на дебелината кај децата - Светски ден на дебелината 2026
Наодите од студијата на Европска иницијатива за следење на дебелината кај децата (COSI) покажуваат сериозни предизвици поврзани со исхраната и телесната тежина кај децата од 6 до 9 - годишна возраст во С. Македонија.
Телесна тежина
31,2% од децата имаат зголемена телесна тежина, а 13,7% од нив живеат со дебелина – што е над просекот на Eвропскиот регион, 25% и 11%, соодветно.
Зголемената телесна тежина и дебелината е почеста кај момчињата во споредба со девојчињата.
Навики во исхраната
Само 25% од децата секојдневно јадат свежо овошје – ова е најниската дневна консумација на овошје во целиот Европски регион.
20% консумираат свеж зеленчук секој ден – што, исто така, е меѓу најниските нивоа во Европа.
Солени грицки консумираат 40% од децата – најмногу во однос на државите вклучени во COSI студијата во Европскиот регион.
Повеќе од половина (51%) од децата редовно консумираат слатки грицки три или повеќе дена во неделата.
Физичка активност
40% од децата поминуваат повеќе од два часа дневно пред екрани (телевизија или електронски уреди).
63,3% од децата пешачат или возат велосипед до училиште; кај оние што живеат на растојание до 2 km, оваа навика ја практикуваат дури 89%.
94% од децата секојдневно имаат најмалку еден час активна игра со умерен до силен интензитет.
48,2% активно спортуваат или танцуваат повеќе од два часа неделно.
Големо мнозинство, 88,6%, спијат најмалку 9 часа навечер.
Социјални фактори и перцепција на родителите
Децата со зголемена телесна тежина и дебелина живеат во семејства чиишто родители имаат низок или среден степен на формално образование.
Децата кои практикуваат навики коишто поддржуваат здравје живееле со родители коишто имале повисок степен на образование.
Постои ниска свесност кај родителите за препознавање на зголемената телесна тежина и дебелината кај нивните деца. За повеќе од половина од децата коишто живеат со зголемена телесна тежина и/или дебелина, родителите перципирале дека телесната тежина на нивните деца е во препорачани граници на „нормална телесна тежина“
Заклучок
Овие резултати ја нагласуваат итната потреба од системски интервенции во училишната и семејната средина на децата, со цел да се промовира нивен здрав раст и развој. Интервенции се потребни и во други области. Реформулацијата на храната, информациите поврзани со храната, рекламирањето, урбаната околина и можноста за практикување безбедно движење и физичка активност се само дел од нив.
