- 07.02.2023
Одржана панел дискусија во Канцеларијата на ЕУ
На 6 февруари 2023 година во Канцеларијата на ЕУ се одржа панел дискусија на покана на Клуб на млади лекари, на која присуствуваа Амбасадорот г-н Дејвид Гир, Првата Дама Г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонско лекарско друштво, како и доц. д-р Шабан Мемети, Директор на ИЈЗ.
На дискусијата се потенцираше важноста од редовни прегледи и рана превенција, но и пристапот до квалитетна здравствена нега,третман, медикаменти.
Директорот Мемети како претставник на Институтот, зборуваше за улогата на ИЈЗ во делот на здравствена статистика и накратко образложи за Националниот регистар и за начините на делување на ИЈЗ, промотивниот дел и промоција, и како да се спречи карциномот.
Присутноста на ИЈЗ е важна, бидејќи управува со Националниот регистар за рак на РСМ кој се води во електронска форма, каде што се внесени досега повеќе од 165000 лица, заклучно со 31.12.2021 година. Врз база на тие податоци ИЈЗ изготвува 10 годишен извештај каде што податоците овозможуваат попрецизни информации за состојбата.
Во јавното здравство во Северна Македонија се посветува големо внимание на примарната и секундарната превенција на малигните заболувања.
Во таа смисла, пред се, се работи на промоција на здравјето, односно здравиот стил на живот на луѓето, со цел да се превенираат ризик факторите за нивно настанување. Мерките и активностите се во доменот на здравствена едукација, организација на кампањи, подготовка на едукативен пропаганден материјал, изработка на видеа,соработка со средствата за јавно информирање за подигање на свеста кај граѓаните за водење на здрав стил на живот и потребата од редовни превентивни контроли на сопственото здравје.
Секундарната превенција се однесува на спроведување на скрининг согласно Програмата за рано откривање на малигни заболувања во РСМ, пришто обезбедени се бесплатни превентивни прегледи за рана детекција на рак на дојка, грло на матка , дебело црево и простата.
Институтот за јавно здравје и 10-те центри за јавно здравје преку Националната годишна програма за јавно здравје во РСМ, континуирано одбележуваат со многубројни активности и во соработка со невладиниот сектор, Македонското лекарско друштво и др. институции и тоа: Европска недела за борба против рак на грло на матка во јануари, 4 февруари – светскиот ден против рак, март – месец против рак на дебело црево, мај – месец против рак на кожата и други, се со цел да се информираат и едуцираат граѓаните за начините на превенција на сите видови малигни заболувања.
Борбата против овие заболувања продолжува и во наредниот период, затоа што само така може да го намалиме морбидитетот и морталитетот од овие заболувања, односно да го подобриме квалитетот на животот на луѓето во нашата држава.
Извор (фотографии): Europe House Skopje