Во текот на 47-ма недела од 2022 година (од 21-27.11.2022), во Република Северна Македонија се пријавени 18 случаи (1,0/100.000 жители) на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, соодветно за овој период од сезоната, со намалување за 48,6% во споредба со минатата недела (35), намалено во однос и на минатата сезона и просекот.

Заболените лица се регистрирани во Гостивар – 7, Тетово – 3, Струмица, Охрид и Прилеп – по 2 и Скопје и Куманово – по 1.

Во однос на возраста, забележани се заболени во сите возрасни групи освен во возрасната група од 0-4 години. Возрасната група 15-64 години бележи најголем број на заболени лица – 16.

Во текот на 47-ма извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, 397 материјали од кои 19 од сентинел САРИ надзорот беа паралелно тестирани за грип и COVID-19. Од тестираните материјали нема позитивен случај за грип. Oд САРИ примероците, 9 се тестирани за респираторен синцицијален вирус, од кои 8 се позитивни.

Кумулативно од 40-47 недела, пријавени се вкупно 144 случаи (7,8/100.000 жители).

Најголем број се пријавени во Тетово (56) и Гостивар (52). Во однос на возраста, најголем број е пријавен кај најголемата возрасна група од 15-64 години – 101 заболено лице.

Кумулативно, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ, досега се тестирани 2.250 материјали од кои пет се со позитивен резултат – 4 Influenza A(H3) и еден Influenza B.

 

Вакцинација против грип

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):

  • Постарите лица (над 65 години)
  • Деца на возраст од 6-59 месеци
  • Лица постари од 6 месеци со хронични болести
  • Бремени жени, и
  • Здравствени работници.

 

За сезоната 2022/2023, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 20.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).

Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2022/2023 започна на 19.10.2022 и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици и/или Здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.

 

Дополнителни 6.000 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи, истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 51.860 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини. Во однос на комерцијалните вакцини вакцинирани се 2.421 лица.

Заклучно со 47-ма недела, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно  54.281 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 46-та недела 2022 година за активноста на вирусот на грип низ Европскиот регион:

  • Пет земји во регионот пријавија широко распространета активност на грип и/или среден интензитет, Германија, Казакстан, Малта, Романија и Велика Британија (Шкотска).
  • Процентот на сите примероци од примарна здравствена заштита од сентинел од пациенти со симптоми на ИЛИ или АРИ кои биле позитивни на вирусот на грип се намали на 12% (13% во претходната недела), што е над епидемискиот праг поставен на 10%.
  • Франција, Германија, Грција, Израел, Казакстан, Киргистан, Холандија, Португалија, Шпанија и Велика Британија (Шкотска) пријавија активност на сезонски грип над 10% позитивност во сентинел местата од примарна здравствена заштита.
  • Се детектираат вирусите на грип тип А и Б, при што А(H3) се доминантни во сентинел и редовниот надзор.
  • Пријавени се хоспитализирани случаи со потврдена инфекција со вирусот на грип од одделенијата за интензивна нега (2 Influenza А и 1 Influenza B), од болнички одделенија (63 Influenza А и 3 Influenza B) и САРИ надзорот (33 Influenza B, од кои 19 се од Казакстан и 19 Influenza А).

 

Според квалитативните индикатори, во однос на интензитетот, 18 земји се на базично, 18 на ниско ниво, 1 земја на средно ниво и 2 земји на високо ниво.

Според географската распространетост, 8 земји немаат активност, 19 пријавуваат спорадични случаи, 3 со локална распространетост, 7 земји – регионална географска распространетост и 2 земји широка распространетост.

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје