• 11.08.2023

12 август – Светски ден на младите


Здравствена состојба и здравствена заштита на училишни деца и младина во Р. Северна Македонија, 2022
Дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина се остварува во  33 места пунктови, кои сите се во град.
Во оваа дејност работат 65 лекари и 83 здравствени работници со виша и средна стручна подготовка. При тоа не е постигнат задоволителен стандард на обезбеденост со лекари на оваа групација од населението и тоа 1 лекар на 5448 деца од 7-19 години просечно за Републиката.
Не задоволува и соодносот на лекарите и здравствените работници со виша и средна стручна подготовка кој изнесува 1:1.9
Вкупниот обем на превентивни здравствени услуги  и активности извршени во 2022 година бележат зголемување за 19.5 индексни поени во однос на 2021г. (Дијаграм 1)
Дијаграм 1
 dij1
Извор: ИЈЗРСМ – Извештај на Службата за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2021 и 2022
Вкупниот обем на остварени куративни здравствени услуги  и активности извршени во 2022 година бележат пораст од 11.4 индексни поени во однос на 2021г. Зголемен е бројот на посети во ординација кај лекар за 11.3 индексни поени во 2022 во однос на 2021г. Зголемен е бројот на посети кај здравствени работници за 15.5 индексни поени во 2022 во однос на 2021г. Зголемен е и бројот на посети кај психолог и логопед од 1871 во 2021 на 2011 посети во 2022г.(Дијаграм 2)
Дијаграм 2
 dij 2
Извор: ИЈЗРСМ – Извештај на Службата за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2021 и 2022
Морбидитет регистриран во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2021
Во дејноста за здравствена заштита на училишни деца и младина во 2021 година регистрирани се вкупно 535009 заболувања што е за 26.2% повеќе во однос на претходната година (423873-2020г.) (Табела 1 и дијаграм 3)
Табела 1. Број на случаи и морбидитет од заболувања регистрирани во 2021
Извор: ИЈЗРСМ – Извештај на Службата за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2021
Дијаграм 3
 dij 3
Извор: ИЈЗРСМ – Извештај на Службата за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2021
Дијаграм 4
 dij 4
Извор: ИЈЗРСМ – Извештај на Службата за здравствена заштита на училишни деца и младина, 2021
Во структурата на поедините групи на болести, респираторните се повторно на првото ранг место со учество од 37,2% во вкупниот број и стапка на морбидитет од 4500,3%оо.
На второ место се болести на кожа и поткожно ткиво со 5.3% учество и стапка од 638.7%оо; на третото место се одредени инфективни и паразитарни болести со учество од 4,8% и стапка од 589.5%оо; на четвртото место се болести на дигестивниот систем со учество од 4.2% и стапка од 506.5%оо; на петтото место се болести на око и аднекси со учество од 2,7% и стапка од 330.2%оо и. т. н.(Дијаграм 4)
Морталитет регистриран кај училишни деца и младина во 2022
Во 2022 година регистрирани се вкупно 105 умрени лица на возраст од 5-24 години и стапка од 21.5%оо.
Дистрибуцијата по возраст покажува дека младите луѓе од 15-24 годишна возраст се најзастапени во вкупниот морталитет на оваа популација и тоа со 68,6% учество и стапка од 27,4%оо.
Дистрибуцијата по пол покажува дека машките деца се повеќе застапени во морталитетот во однос на женските.
Морталитет според возраст и пол, 5-24, РСМ, 2022 (стапка/100.000)
Вкупно 5-9 години 10-14 години 15-24 години
Број Стапка Број Стапка Број Стапка Број Стапка
Вкупно 105 21,5 15 12,9 18 16,0 72 27,7
Мажи 62 24,6 3 5,0 10 17,3 49 36,6
Жени 43 18,2 12 21,5 8 14,7 23 18,3
Извор:Државен завод за статистика: Природно движење на населението,2022
Препораки:
- подигање на свеста на младите преку програми за здравствена едукација на сите нивоа со цел укажување на значењето на сопственото здравје и севкупната благосостојба;
– активно учество во имплементација на здравствените програми со цел примена на знаењата стекнати со здравствена едукација за здрави животни стилови;
- подигање на свеста на младите за ризикот кој постои по нивното здравје со цел намалување на ризичното однесување.
Иако младите како категорија не се најризична група на заболени, тие се многу загрозени од општествените и економските импликации од кризата. Со оглед на тоа што станува збор за граѓани со клучна улога за одржливоста на општеството и неговата иднина, мора да се преземат мерки за заштита на младите и намалување на негативните последици врз нив.
Оваа возрасна категорија сочинува околу една четвртина од вкупното население. Пандемијата и мерките за заштита од ширење на болеста имаат голем ефект врз младите.
Учениците и студентите беа првите кои го променија својот начин на живот со затворањето на образовните институции, во импровизираните онлајн училници кои и покрај најдобрите намери е нејасно колку се ефективни. Постојат млади без пристап до интернет и технологија чии родители не можат да им помагаат во учењето, и се под ризик уште повеќе да заостанат зад своите врсници. Отворените прашања како полагањето матура, уписите на факултет или почетокот на новата година создаваа голема неизвесност, особено кај младите кои треба да преминат од еден во друг степен на образование.
Од друга страна, вознемиреноста  на возрасните и  притисокот да се биде постојано во рамки на семејниот систем направи  дополнително негативно влијае врз менталното здравје на младите.
Најчести симптоми на нарушено ментално здравје кај младите се искуствата на: анксиозност, депресија,  панично  и  фобично  расположение,  самоповредување  и  суицидалност, соочување со загуба, криза на идентитет, поместена агресија, зависно однесување  меѓу  кое  интернет  зависност,  домашно насилство, насилство во врска, неактивност и  пасивизација,  негрижа  за  себе,  ниска  самодоверба,  безнадежност  и  очај,  силна психосоматизација, негативна слика за себе, силна фрустрација и ниска толеранција.
Овие ефекти може да се дел од нова симптоматологија на дисфункционално однесување причинета од хроничната и принудна изолација, но и засилување на веќе постоечки симптоми активирани под притисокот да се справуваат со изолација каде се враќаат во фокус личните и системските проблеми што биле умешно контролирани или игнорирани.
Иако младите како категорија беа директно погодени од оваа криза, на локално и национално ниво не смее да се занемари нивно вклучување во полесно справување со новото секојдневие.
Преку континуирана комуникација помеѓу локалните заедници и младинските организации, нивна координација и усогласување на заедничките капацитети, младите преку своите форми на организирање ќе придонесат онаму каде што се најпотребни. Истовремено институциите како Агенција за млади и спорт кои во својот главен фокус ги имаат младите, треба да обезбедат поддршка на опстанокот на најпогодените младински и организации за млади и ќе обезбеди простор за ефективно имплементирање на Законот за млади во надлежност на институцијата.
Состојбата  со  пандемијата  сериозно  се  одразува  врз  младите  во  смисла  на  почесто   конзумирање на психоактивни супстанци, како легални (алкохол, лекарства, тутун) така и  нелегални  (хероин,  марихуана,  амфетамини).  Зголемена  е  и  ризичната  употреба  на психоактивни супстанци вклучително и употреба на  комбинација  на лекарства и алкохол.
Да се организира систем на поддршка за ментално здравје на млади кој ќе содржи:
– онлајн психоедукација – креирање на психоедукациски материјали специјализирани за млади и насочени кон зајакнување на нивните капацитети за справување со притисокот  кој  го  наметнува  актуелната  состојба  и  поддршка  на  нивната добросостојба  (аудио  материјали, аудио-видео  материјали,  текст  материјали,серијали на тематски предавања),
– онлајн  групи  за  поддршка  на  млади  водени  од  лицецнирани  психолози  и психотерапевти,  индивидуална  онлајн  поддршка    за  млади  со  претходни потешкотии во однос на ментално здравје и за млади од маргинализирани групи,
– психолошко советување за млади кои изгубиле некој близок во период на Ковид-19,  како и кариерно советување за млади.
ЛИТЕРАТУРА
  1. Државен завод за статистика. Природно движење на населението во РСМ, 2021. Скопје, јуни 2022
  2. Институт за јавно здравје на РСМ. Годишни и полугодишни извештаи од службите за здравствена заштита на училишни деца и младина во Р.Северна Македонија за 2021. Скопје, јуни 2022
  3. Документ„Перспектива: Млади во криза – Итни препораки за намалување на негативните ефекти од Ковид-19 кризата врз младите“. Група граѓански организации , април 2020
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести