- 01.03.2024
3 Март - СВЕТСКИ ДЕН НА СЛУХОТ
Да го промениме начинот на размислување: да направиме грижата за увото и слухот да биде реалност за сите!
Насекаде во светот постојат луѓе кои не можат со еден збор да се наречат болни, но тие со раѓање или подоцна се стекнуваат со еден вид инвалидитети (психофизички недостаток) а со тоа нивното здравје во одреден сегмент е нарушено и притоа тие потешко се прилагодуваат во социјалната и општествена средина и оваа состојба им ја отежнува секојдневната комуникација и нивното експонирање како личности.
Овие лица во зависност од степенот на оштетување во аудитативната перцепција, се поделени и/или класифицирани во две групи: глуви и наглуви лица.
- Наглувите лица се класифицираат како лица со лесно, умерено или тешко оштетување во зависност од степенот на оштетување на слухот, времето кога настанало оштетувањето и степенот на говорната развиеност.
- Глувите лица се лица со поголемо општетување на слухот и истите без слушен амплификатор не се во можност да го разберат вербалниот говор. Дел од нив добро говорат бидејќи општетувањето настанало пред општетување на слухот, дел не го развиле вербалниот говор па подоцна со систематски и интензивен сурдоаудиолошки третман го подобриле слухот и лица кои немаат доволно изграден говор или се без говор од причина што слухот го изгубиле пред да го развијат вербалниот говор.
Лицата кои се соочуваат со пречки во слухот најчесто имаат емоционални, социјални и други видови проблеми, и најчесто се отфрлени или се третирани како „обележани“ од страна на општеството. Ако се вратиме наназад во старата класична литература, Проф.д-р Ристо Петров во „Лица со инвалидност“ навел: „Хипократ пишува дека глувите се безумни и глуви, а цар Јустинијан во својот закон им го оспорил правото на глувородените да можат да направат тестамент и да располагаат со својот имот. Од ваквите сфаќања не можеле да се ослободат ниту Кант и Кодилас. Првиот зборувал ‘глувите единствено имаат некоја аномалија со разумот’, а вториот сметал дека глувите имаат проблеми со памтењето, расудувањето, сознавањето. Глувите биле на висока цена поради својата приврзаност кон господарот (биле слуги) и затоа добивале доверливи задачи зошто не можеле да прислушкуваат.“ (1)
Низ историјата има безброј вакви примери што ги омаловажувале овие луѓе и гледале кон нив со предрасуди, при што се создавале еден вид „вештачки граници“ помеѓу членовите во заедниците каде што имало случаи на лица со општетен слух (или било кој друг вид попреченост).
Во далечната 1948 година во Република Македонија е основан Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор и други проблеми во развојот “Кочо Рацин“ најпрво во село Петровец, Скопје, а во 1955 година е преселен во градот Битола, а оваа година се одбележува 76-годишница од неговото формирање (2).
Државното училиште за образование и рехабилитација на младинци со општетен слух “Партенија Зографски” во Скопје е единствено средно стручно училиште во Македонија за ученици со посебни потреби, конкретно оние со оштетен слух и говор. Училиштето им овозможува на учениците да стекнат средно образование, работно оспособување и едукација, со цел интеграција на овие деца во сите сфери на општественото живеење и делување, при што обезбедува квалитетно образование на учениците, користејќи современи методи и практики на работа, вклучувајќи групна и тимска работа, истражување и активно учење (3).
ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас- Скопје е врвна здравствена установа која систематски ги следи и проучува состојбите од областа на патологијата во вербалната комуникација, испитува методи и применува мерки за рано откривање и рехабилитација на лица со нарушувања во вербалната комуникација, која пружа услуги на ниво на секундарна здравствена заштита, а дејноста која ја врши иституцијата е логопедска/ сурдоаудиолошка превентива, дијагностика, третман и протетика, односно рехабилитација на лица со нарушувања во слухот, говорот и гласот, како и организирање на соодветна дејност и работа со семејства на лицата со растројства во слухот, говорот и гласот(4).
Во Република Северна Македонија се уште нема етнолошко-антрополошка студија посветена на лица со општетен слух, при што антрополошките студии би ни дале податоци истражувајќи директно со семејствата во кои има лице со пречки во слухот, а со тоа се покажува/докажува дека глувоста се наметнува на многу аспекти на човечката активност. Многубројни примери од светот покажуваат дека студии кои вклучуваат глуви луѓе откриваат прашања од општо антрополошко значење, дури и за оние кои можеби (сé уште) немаат особен интерес за прашањата на глувоста (5).
Светскиот ден на слухот на 3 март секоја година се одбележува за подигнување на јавната свест за тоа како да се избегне глувоста и оштетувањето на слухот, како и да се поддржи грижата за ушите и слухот низ целиот свет.
Пред 2016 година, Светскиот ден на слухот бил наречен Меѓународен ден на грижата за ушите.
Целите на кампањата се да се шири информација и да се охрабрат луѓето да преземат чекори за да се избегне губење на слухот и зајакнување на грижата за ушите и слухот.
СЗО се обидува да покаже дека потребата од рано откривање и третман за губење на слухот е причина што многу луѓе имаат недијагностицирани проблеми со слухот, и не се свесни дека пропуштаат важни превентивни прегледи за навремено спречување на оштетување на слухот. Првиот чекор во справувањето со проблемот е да се процени и провери слухот од страна на стручни и компентентни лица од оваа област, а како најчеста причина за губење на слухот се хроничните инфекции на увото (6).
МЕРКИ НА ПРЕВЕНЦИЈА:
- Да се избегнуваат места каде има преголема бучава која е меѓу главните причини за губење на слухот.
- Лицата кои во текот на денот се изложени на голема бучава, потребно е во текот на денот да си овозможат малку мир и тишина.
- Напорите на јавното здравство може да помогнат во спречувањето на над 60% од случаите на губење на слухот кај децата.
- Многу од причините кои доведуваат до губење на слухот можат да се избегнат преку стратегии за јавно здравје и клинички интервенции спроведени во текот на животниот век.
- Рационална употреба на лекови за спречување на губење на слухот.
- Избегнување на професионална изложеност на бучава преку примена на заштитни средства.
Извори:
1. Петров, Ристо: „Лица со инвалидност: професионална ориентација оспособување и вработување, Филозофски факултет, Институт за дефектологија, 2007
2. ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола (ourckocoracin.com.mk)
4. Завод за рехабилитација на слух, говор и глас - Скопје (jzusluhgovorglas.mk)
5. www.annualreviews.org Annu. Rev. Anthropol. 2002.31:69-97. Access provided by Michigan State University Library on 02/11/15. LINGUISTICS AND COMMUNICATIVE PRACTICES Signs of Their Times: Deaf Communities and the Culture of Language, Richard J. Senghas and Leila Monaghan
6. WHO. World Report on Hearing (who.int)
ПОДГОТВИЛ:
ОДДЕЛ ЗА ЗДРАВСТВЕНА ПРОМОЦИЈА И СЛЕДЕЊЕ НА БОЛЕСТИ