• 10.05.2024

5 мај Меѓународен ден на акушерките


 По повод  Меѓународната недела на сестринството, на 5 мај се одбележува Меѓународен ден на акушерките.

 Меѓународниот ден на акушерките во целиот свет се одбележува од 1992 година со цел да се подигне свеста за професијата акушерка и промовира оваа професија Акушерството е една од најубавите, најодговорните и најхуманите професии, а најголемиот дел од нив својот празник 5 мај го поминуваат на своите работни места.

 Акушерките како професионални медицински сестри се врската помеѓу пациентот и лекарот и се многу важни за жените кои се во фаза на најголема болка и радост. Работата на акушерката е исклучително тешка, но и убава, бидејќи бара многу љубов и трпение. Затоа, на Меѓународниот ден на акушерките се обрнува внимание на нивното значење во функција на подобро здравје и зајакнување на структурата на семејството и заедницата.

 Еден од најубавите и најважните моменти во животот на една жена е кога таа носи нов живот на свет. Да се ​​биде акушерка е најубавата, најхумана и најодговорна професија. Тоа е исклучително убава и во исто време стресна работа. За жените кои се во болка и страв, поддршката на лекарите и акушерките при породувањето е исклучително важна.

 Акушерката е личноста која заедно со докторот прва го дочекува новороденчето, прва ќе го види, ќе го погали, ќе го обработи, а потоа ќе и го даде на мајката.

 Местото на акушерката е на прагот на животот, каде што интензивните човечки емоции, надежта, копнежот, стравот, зачудувачката физичка сила и издржливоста овозможуваат да се појави ново суштество.  Да се биде дел од најсреќниот момент на една мајка, на едно семејство, е голема привилегија и чест. Таа привилегија и чест им припаѓа на акушерките.Раѓањето на секое бебенце е приказна за себе, погледот на среќната, задоволната и насмеаната мајка  е најголема среќа и привилегија да се биде дел од тие моменти. Убаво е да си дел од таа среќа и од тој волшебен момент.

 Но, психолошкиот притисок кој го носи оваа професија бара сила и енергија , да се издржи истиот. Развиените комуникациски вештини и хуманоста кои ги поседува една акушерка ќе ѝ помогнат во  давањето на психолошка поддршка на жената во секој момент  кога за тоа има потреба.

 Човек со срце полно со љубов, благородништво, хуманост може да биде акушерка, бидејќи ова е професија која бара трпение, грижа, сила и мотивација.

 Повикот на акушерката е познат како еден од најблагородните, најодговорните, но во исто време и најубавите повици. Малкумина од нас всушност сфаќаат дека акушерките се оние кои се најважни и ``за време`` и ``по породувањето``, а на нив им се посветува толку малку внимание.

 Светската здравствена организација и нејзините глобални партнери, секоја година привлекуваат внимание на важноста на акушерките во процесот на добредојде на новите бебиња во светот и во исто време грижата за новите мајки за време и по породувањето.

 Кога разговараме за сите неверојатни работи што ги прават акушерките, исто така е важно да се земе предвид фактот дека се поголем е недостигот од акушерки, особено во земјите во развој !

 Ова значи дека има многу предизвици, а многу акушерки доживуваат недостаток на поддршка, низок статус и ниска плата. Акушерките спасуваат милиони животи секоја година.Од 1990 година, светот бележи постојано намалување на смртноста на новороденчињата и мајките. Една од главните причини за ова е затоа што повеќе жени добиваат квалификувана акушерска грижа. Акушерките се составен дел од секој процес во породилиштето, а нивната работа не е воопшто лесна бројот на вработени акушерки во нашата земја е многу обесхрабрувачки.

Според Извештајот за кадар на Институтот за јавно здравје, во 2021 година во РС Македонија во здравствените организации има вработено вкупно 858 акушерки,од кои со високо образование се 76 акушерки, со вишо образование се 45 акушерки,а со средна стручна подготовка се 737 акушерки.

Значително е намален бројот на акушерки наредната 2022 година. Споредено со истиот-Извештај за кадар на Институтот за јавно здравје, во 2022 година во РС Македонија во здравствените организации има вработено вкупно 707 акушерки,од кои со високо образование се 86 акушерки, со вишо образование се 8 акушерки,а со средна стручна подготовка се 613 акушерки.

 Тоа значи дека акушерките се под постојан притисок бидејќи се обидуваат да остварат многу обврски одеднаш.

 Бидејќи акушерките се директно поврзани со здравјето на идните мајки и нивните генерации, многу е важно да се сврти вниманието на јавноста за нивната огромна улога во целиот здравствен систем, но и надвор од него. Овој датум треба да послужи како повод да им се оддаде признание на акушерките за извонредните напори што ги вложуваат во нивната професија, но да се апелира до сите владини органи и надлежни министерства да ги преземат неопходните чекори за заштита на оваа професија и да вработат што е можно повеќе квалификувани акушерки.

 Меѓународниот ден на акушерките привлекува внимание на висината на нивниот придонес во функцијата и зајакнувањето на структурата на семејството и заедницата.

Им благодариме на акушерките за целиот нивен придонес во најважните моменти во нашите животи!

Институт за Јавно Здравје, Извештај за кадар 2022 година

http://www.iph.mk/

https://mk.wikipedia.org/wiki/

https://www.who.int/

https://www.daysoftheyear.com/days/international-midwives-day/

 

Изготвил:

Оддел за здравствена промоција и следење на болести