• 31.05.2026

31 Мај – Светски ден без тутун


Секоја година на 31 мај Институтот за јавно здравје го одбележува 31 Мај – Светскиот ден без тутун, ден посветен на подигнување на свеста за штетните последици од употребата на тутун и никотинските производи врз здравјето на луѓето и општеството. Оваа година темата за одбележување на денот против тутун гласи: „Разоткривање на привлечноста – спротивставување на зависноста од никотин и тутун", со фокус на тактиките што индустријата ги користи за привлекување на младите луѓе кон пушење и користење никотински производи. Преку привлечни пакувања, ароми, електронски цигари и агресивен маркетинг, тутунската индустрија создава лажна слика за безбедност и модерност, прикривајќи ги сериозните здравствени ризици и зависноста што ги предизвикува никотинот.

Тутунот претставува една од водечките причини за предвремена смрт и заболувања што можат да се спречат. Пушењето е директно поврзано со појава на кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, хронични белодробни заболувања, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), како и различни видови малигни заболувања, особено рак на белите дробови, грлото, усната шуплина и хранопроводот. Дополнително, изложеноста на пасивно пушење претставува сериозен ризик и за непушачите, особено за децата, бремените жени и лицата со хронични заболувања.

Покрај здравствените последици, употребата на тутун предизвикува и значителни социјални и економски штети. Зголемените трошоци за лекување, намалената продуктивност, отсуствата од работа и предвремената смрт создаваат сериозен товар врз здравствениот систем и економијата. Пушењето негативно влијае и врз квалитетот на животот на семејствата, ја зголемува сиромаштијата и придонесува за социјални нееднаквости.

Според податоците на Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје, Република Македонија е меѓу земјите со највисока преваленца на пушење во Европскиот регион. Во 2023 година, околу 45,4% од возрасната популација се редовни пушачи, а дури 70% од нив започнале со пушење пред 21 година. Загрижувачки е и фактот што повеќе од половина од пушачите не планираат да престанат со пушење, иако најголемиот дел се свесни за штетноста на тутунот.

Податоците покажуваат дека пушењето претставува сериозен јавноздравствен предизвик во државата и е поврзано со илјадници смртни случаи годишно, како и со зголемен товар врз здравствениот систем. Особено загрижува порастот на употребата на електронски цигари и никотински производи кај младите.

Институтот за јавно здравје апелира до граѓаните, особено до младите, да не подлегнуваат на манипулативните пораки и маркетинг стратегии на тутунската индустрија. Превенцијата, едукацијата и поддршката за откажување од пушењето се клучни чекори кон поздрава иднина и подобар квалитет на живот.

За да се пружи помош на пушачите за да откажат од користењето на тутунски производи, во Институтот за јавно здравје функционира телефонската линија за откажување од пушење ,,Не пуши, откажи се", на која граѓаните секој понеделник и среда на бројот 078 294 371 може да разговараат со експертите за откажување од тутун во Институтот и да добијат совет, помош и насоки за како да престанат да пушат.

 

Да го заштитиме здравјето – да кажеме НЕ на тутунот и никотинот.