ПРАШАЊЕ:

КОЈА Е УЛОГАТА НА ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ВО НАМАЛУВАЊЕ НА МОРБИДИТЕТОТ И МОРТАЛИТЕТОТ ОД РАК НА ГРЛОТО НА МАТКАТА?

ОДГОВОР:

Институтот за јавно здравје е вклучен во активностите за превенција на рак на грлото на матката или т.н. цервикален канцер од самиот почеток на спроведување на скринингот, пред околу 15-тина години.Редовно се следи состојбата со заболеноста и смртноста од ова заболување.

Статистиката на Регистарот за рак покажува дека секоја година во нашата држава околу 150 се појавуваат нови случаи, а во просек умираат од 30 до 40 жени од оваа болест годишно. Во 2019г. во болнички услови се лекувале 380 случаи или 3,7 на 10 000 жени,  кои оствариле 2890 болнички денови, односно 7,6 денови изнесувал просечниот престој во болница на секоја заболена жена.

Со оглед на тоа што Институтот спроведува терциерна превентивна здравствена заштита на национално ниво, активностите се состојат во следното:

  1. Спроведување на кампањи на годишно ниво според Програмата за рана детекција на малигни заболувања за подигање на свесноста за потребата од вакцинација против HPV – human papilloma virus, потоа потребата од редовни превентивни прегледи кај гинеколог за рано откривање на првите знаци на болеста, рана дијагностика и лекување
  2. Изработка, печатење и дистрибуција на пропаганден материјал – плакати, флаери, брошури, упатства
  3. Одбележување на jануари како месец на подигање на свеста за можностите за превенција на ракот
  4. Одбележување на Европската недела за борба против овој рак во последната недела од јануари со подготовка на стручни материјали кои се објавуваат на македонски и на албански јазик на интернет страницата на Институтот, но и се дистрибуираат до сите 10 центри за јавно здравје со цел за поголема информираност на граѓаните од целата држава
  5. Учество на експерти од Институтот во работата на Комисијата за скрининг при Министерството за здравство во процесот на креирање и мониторирање на превентивната програма
  6. Соработка со мас медиумите, граѓанскиот сектор, Македонското лекарско друштво и др. структури во заедницата во областа на промоцијата на здравјето и превенцијата на болеста,
  7. Водење на здравствената статистика со прибирање и доставување на податоци за морбидитет и морталитет од цервикалниот канцер, како во светот, така и во нашата држава на сите заинтересирани организации и установи
  8. Учество во мониторинг и евалуација на резултатите следејќи го трендот на заболувањето
  9. Подготовка на предлог мерки за подобрување на здравствените услуги во примарното, секундарното и терциерното здравство преку учество во подготовка на клиничките упатства
  10. Следење на реализацијата на скрининг програмата и известување на МЗ на квартално и годишно ниво за резултатите од скринингот.

Откако е започнат редовниот бесплатен скрининг на жените од 24 до 61 годишна возраст на секои 3 години, во просек годишно се опфаќаат околу 10% од соодветната возрасна група жени, околу 60% се тестираат од вкупно поканетите жени, пришто се прават во просек околу 24 000 ПАП тестирања и се откриваат околу 10% епителни клеточни абнормалности во вкупно цитолошки анализираните брисеви.

Се надеваме дека кризата со пандемијата од КОВИД19 ќе помине набргу, и многу поголем број жени ќе имаат можност да направат бесплатни тестирања со ПАП тест или ХПВ тест за рано откривање на цервикалниот канцер, во неговите рани стадиуми, со што навремено ќе се обезбеди соодветен третман и лекување,ќе се продолжи животот, но и ќе се подобри квалитетот на животот на жените.