Соочени со бранот на високи надворешни температури, Институтот за јавно здравје уште еднаш потенцира дека станува збор за особено актуелен проблем во овој период на годината и дека обврска на работодавачите е да ги преземат сите неопходни мерки со цел да се спречат несаканите негативни последици врз здравјето на професионално изложените работници како што се: појава на отоци, дехидратација (губиток на течност), осип, топлотна исцрпеност, грчеви, топлотен удар или сончаница, како и да се превенираат знаците на долготрајно (хронично) оптоварување со виски температури на работното мсто. Посебно внимание мора да се посвети на т.н. вулнерабилни групи на работници – бремени жени, работници со хронични заболувања, младите и работници кои работат во неклиматизирани простории.
Заради што поуспешно справување со овој проблем, Оддлението за медицина на труд и проценка на ризик на работно место при Институтот за јавно здравје, укажува дека е неопходно работодавачите веднаш или што е можно поскоро (доколку тоа до сега го немаат направено) да извршат проценка на ризик на работното место за работа во услови на високи температури, што претставува нивна законска обврска во согласност со Законот за безбедност и здравје на работа (Сл. Весник на РМ бр. 92/07) и Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност на работа, нејзината содржина како и податоците врз основа на кои треба да се заснова проценката на ризикот (Сл. Весник на РМ бр. 2/2009). Изјавата за безбедност на работа треба да ги содржи сите препораки и превентивни мерки кои работодавачот треба да ги преземе доколку кај неговите работници постои веројатност за надминување на вредностите на температурните параметри кои би го загрозиле нивното здравје и работна способност.
Високите надворешни температури во летниот период наметнуваат два различни аспекта на безбедност и здравје на работа кај професионално експонираните работници:
- работа на високи температури во затворени работни простории и
- работа на отворен простор.
Притоа, независно за кој вид на работа станува збор, треба да се има предвид дека степенот на ризик не зависи само од надворешната температура, туку од 6 клучни фактори кои меѓусебно се поврзани и ја дефинираат веројатноста за појава на негативни здравствени ефекти како последица на професионална изложеност на високи температури и тоа:
- Фактори на работната средина: температура на воздухот, температура на зрачење која ја ослободуваат топлите предмети-извори на топлина во работните простории, брзина на струење на воздухот и влажност на воздухот
- Индивидуални фактори – карактеристики на облеката и личните заштитни сретства кои работникот мора да ги носи, тежина на физичка работа која ја обавува (многу тешка, тешка, умеренно тешка и лесна физичка работа) и актуелната здравствена состојба на работникот.
Особено е важно дека врз основа на извршените мерења и идентификација на сите претходно наброени фактори, во следната фаза мора да се изврши пресметување на одредени специфични топлински индекси преку кои се одредува лимитот на температирен конфор (граница во која најголем број професионално изложени работници се чувствуваат пријатно), како и граничната дозволена вредност на топлинските индекси за професионална изложеност, кога работникот не би требало да продолжи да работи, доколку е таа поголема од препорачаната вредност.
ЈЗУ Институт за јавно здравје располага со методологија за одредување на сите неопходни специфични топлински индекси, како и методологија за проценка на ризикот при работа на високи температури во затворени работни простории или при работа на отворен простор и тоа посебно за аклиматизирани и за неаклиматизирани работници. Проценката на ризик во себе ги вклучува и сите неопходни превентивни и корективни мерки што треба да ги преземе работодавачот за елиминирање и/или минимизирање на негативните последици.
Превентивните мерки и севкупната превентивна стратегија на работното место за минимизирање на негативните здравствени ефекти и последици врз безбедноста на работното место, претставува законска обврска на работодавачот. Искуствата од други земји и соодветните стандарди и препораки, укажуваат дека по исцрпување на сите други мерки се пристапува кон балансирање (ограничување) на времето на работа и одмор. За најтешките работни задачи, во зависност од вредноста на топлинските индекси и останатите фактори кои влијаат на топлотниот стрес, понекогаш се препорачува само 15 минути работа и 45 минути одмор во тек на еден работен час. При тоа, за одморот треба да се обезбедат засенчени и постудени места и да се обезбеди доволна количина на студена вода.
И покрај тоа што температурниот стрес кај работниците не зависи само од надворешната температура, туку од поголем број на температурни параметри и топлински индекси, Институтот за јавно здравје ја потенцира потребата за придржување кон претходно објавените општи правила за заштита на работниците од високите температури.
Треба да се обрне внимание на стандардно препознаените работни места каде има зголемена веројатност за надминување на овие вредности а тоа е црната и обоената металургија, текстилната индустрија, кујните, перилниците, градежништвото, земјоделието. Истовремено треба сите поголеми трговски центри и претпријатија кои имаат климатизирани простории да ги отворат своите објекти во непосредна близина за работниците кои во најжешкиот период на денот мораат да работат надвор. Пристапот кон автомати за ладна вода претставува значаен придонес кон намалување на последиците од високите температури затоа што континуираното внесување на течност во организмот е најдобра мерка за спречување на дехидратацијата.
Институтот за јавно здравје на Република Македонија уште еднаш укажува на потребата и законската обврска на работодавачите да направат проценка на ризик од високи температури и тоа за секое работно место одделно. Исто така, обврска на работодавачите е да ги преземаат сите мерките за превенција кои се утврдени со изјавата за безбедност, а која ја изготвуваат овластени стручни лица за безбедност на работа и специјалисти по медицина на труд. Работодавачите треба да ги запознаат работниците со содржината на изјавата за безбедност и ризикот на кој е изложен работникот на неговото работно место, но и да организираат соодветна обука и тренинг на работниците за справување со опасностите и штетностите на кои тие се изложени при обавување на нивната работа, а во овој случај да ги информираат како да се справуваат со ризикот од високи температури на работното место.