СОСТОЈБА СО ГРИП/ ЗАБОЛУВАЊА СЛИЧНИ НА ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2019/2020  (3-та недела, до 19.01.2020)

 

 

Неделни податоци

Во текот на 3-та недела од 2020 година (13.01–19.01.2020), пријавени се 1.100 (I=53,2/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 88,7% во споредба со минатата недела (n=583).

Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со 3-та недела од минатата сезона (n=535) е зголемен за 2 пати, а во споредба со бројот за 3-та недела од типичната епидемиска крива (моделирана од последните 9 сезони) (n=1.623) се регистрира намалување од 32,2% (Графикон 1).

Регистрираната инциденца oваа недела за прв пат оваа сезона е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,4/100.000), односно достигнат е прагот на влез во сезоната на грип (Графикон 1).

Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се 40 материјали за тестирање на грип. Од тестираните материјали, 20 (50,0%) се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца – кај 12 е детектиран тип А (5 A/H1pdm, 4 A/H3 и 3 несубтипизирани), а 8 се инфлуенца тип Б (6 Victoria и 2 неодредена линија).

Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични

                        на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2019, сезона 2018/2019 и сезона 2019/2020

g1

Како и во претходните, така и во 3-та недела најголем број случаи (n=689; 62,6%) се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15-64 години, додека највисока инциденца од 106,7/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата на возраст од 0-4 години (Графикон 2).

g2

Оваа недела пријавени се случаи од 23 извештајни единици, од кои во 10 извештајни единици е инциденцата е над неделната граница на сезонската активност. Најголем број случаи се пријавени од подрачјето на ЦЈЗ Струмица (n=218), додека највисока инциденца е регистрирана на територијата која ја покрива ПЕ Дебар (I=569,3/100.000 жители) со 158 пријавени случаи.

Во 13 извештајни единици кои пријавија случаи во текот на оваа недела се регистрира многу ниска активност, во 7 е регистрирана сезонска (ниска), во 2 – Струмица и Радовиш – средна и во една – Дебар се регистрира многу висока активност на вирусот на грип (Картограм 1).

Картограм 1. Ниво на активност на грип, инциденца на 100.000 жители, 3-та недела 2020

map

Кумулативни податоци

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 2.718 (I=131,4/100.000).

Во споредба со истиот период од минатата сезона (n=2.327), постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 16,8%, а во однос на моделот од последните 9 сезони (n=4.909) се регистрира намалување од 44,6%.

Кумулативно оваа сезона, пријавени се случаи од 26 извештајни единици.

Најголем број на случаи се регистрирани во ЦЈЗ Струмица (n=555), ПЕ Гостивар (n=501) и ЦЈЗ Скопје (n=344) (Графикон 3).

Највисока кумулативна инциденца од 1.055,7/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Дебар каде се регистрирани вкупно 293 случаи. Кумулативна инциденца над 250,0/100.000 жители е регистрирана во ПЕ Свети Николе, ЦЈЗ Струмица, ПЕ Гостивар и ПЕ Радовиш (Графикон 3).

Графикон 3. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по ЦЈЗ/ПЕ и инциденца на 100.000 жители, сезона 2019/2020

g3

Во однос на дистрибуцијата на случаите по возрасни групи, кумулативно најголем број се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 1.678 (61,8%), а највисока кумулативна инциденца од 277,1/100.000 се регистрира кај децата од 0-4 години (Графикон 4).

g4

Дистрибуција на случаите од сезонски грип/ заболувања слични на грип по месеци е дадена на Графиконот 5.
Графикон 5. Дистрибуција на случаите на сезонски грип по месец на пријавување, сезона 2019/2020

g5

ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР

Од почетокот на сезоната 2019/2020, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ, пристигнати се вкупно 146 хумани материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти од редовниот и од сентинел надзорот, од кои 26 (17,8%) се позитивни на присуство на вирусот на инфлуенца (Графикон 6).

Од позитивните, 18 (69,2%) се Influenza A, додека 8 (30,8%) се Influenza В.

Според субтипот на Influenza A, 8 (44,4%) се A(H1)pdm, 5 (27,8%) се A(H3), а 5 се несуптипизирани.

Според линијата на Influenza В, 6 (75,0%) се B(Victoria), а 2 се со неодредена линија.

Графикон 6.  Неделна и кумулативна дистрибуција на број и процент на позитивни примероци на грип 2019/2020

g6-7

ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип е над неделната граница на сезонска активност за прв пат оваа сезона, а процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор за оваа недела е 50%, што заедно го означувааат вистинскиот влез во сезоната на грип, иако 2 недели подоцна од очекувањата (согласно моделот за последните 9 сезони). Високиот процент на позитивни изолати на грип укажува на висока активност на вирусот на грип. Во позитивните примероци, детектирани се и Influenza A и Influenza В тип на вирусот.

Се очекува пораст на активноста на вирусот и достигнување на пик на сезоната на грип во текот на следните недели.

 

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6-59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени; и здравствени работници.

 

 

За сезоната 2019/2020, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 28.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 20.800 дози вакцина се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население и истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест.

Вакцинацијата со бесплатните и комерцијалните вакцини против инфлуенца се спроведува во ЦЈЗ/ПЕ, секој за своето подрачје. За територијата на Скопје, покрај ЦЈЗ Скопје, оваа сезона вакцинацијата се врши и во Поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива кај матичен лекар, преку електронскиот систем „Мој Термин“.

Сите заинтересирани лица да се обратат до најблискиот Центар за јавно здравје или матичниот лекар за да добијат подетални информации за вакцинацијата против сезонски грип.

Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата на 15.11.2019, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 27.122 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 14.627 лица. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 7.262 лица или 49,6%, на возраст од 30-64 години – 6.487 лица или 44,3%, додека на возраст од 5-29 години се вкупно 461 или 3,2%. Вакцинирани се 10 деца помали од 5-годишна возраст. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 404 лица или 2,8%. Вакцинирани се три бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 7.891 лица (53,9%) се со историја на хронично/и заболување/а.

 

ЕВРОПСКИ РЕГИОН

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 2-ра недела од 2020 година, активноста на вирусот на грип е зголемена во споредба со минатата недела, посебно во земјите од јужниот дел на Европскиот регион. Во земјите што обезбедија извештај, интензитетот се движи од базично до високо ниво, а географската распространетост, од спорадична до широко распространета активност на вирусот на грип.

Детекцијата на вирусот на грип во примероците од сентинел системот е над 10% од 47-мата недела од 2019. Во поголемиот дел од земјите доминантен е Influenza A вирусот, иако има земји каде доминира Influenza В или постои ко-циркулација на двата вируси. Меѓу Influenza A вирусите, ко-циркулираат A(H1N1)pdm09 и A(H3N2), а меѓу Influenza В, доминира линијата Victoria.

Во текот на 2-рата недела, процентот на позитивни тестирани пациенти од сентинел надзорот е 39,7%. Од почетокот на сезоната сентинел надзорот, 21,3% од тестираните се позитивни за присуство на инфлуенца вирусите:

  • Influenza A – 253(67,1%):
    • A(H1N1)pdm09 – 543
    • A(H3N2) – 606
    • А несубтипизиран – 104
  • Inluenza B – 593(32,9%):
    • Victoria lineage – 397
    • Yamagata lineage – 9
    • Неодредена линија – 187

 

Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања

 

Институт за јавно здравје