Детскиот труд се повеќе и повеќе се злоупотребува, а бројот на злоупотреба од година во година расте. Постојат милиони начини на кои се злоупотребува детскиот труд, детското достоинство, се нарушуваат детските права. Па оттука, произлегува прашањето што всушност претставува злоупотреба на детскиот труд?
Злоупотребата на детскиот труд подразбира работа на деца кои се под возраста одредена со закон, односно ангажирање на деца како работници особено ако се на многу мала возраст, за извршување на работни активности кои се опасни и нелегални и кои го спречуваат и загрозуваат нивниот физички, ментален, социјален и воспитно образовен развој. Тоа или ги лишува децата од школување или бара од нив да го преземат двојниот товар на школувањето и работата. Но, потребно е да напоменеме дека, злоупотреба на детски труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и сексуална злоупотреба (детска проституција и порнографија), трговија со деца, деца војници и сл. кои се само дел од ,,криминалните лавиринти” во кои се вклучени децата. Тоа е работа што се врши на штета и загрозување на детето, во спротивност со меѓународното право и националното законодавство.
Токму поради ваквата злоупотреба на детскиот труд, пред повеќе од една деценија (2002г.), Меѓународната организација на трудот (МОТ) го прогласи 12 јуни за Светски ден против злоупотребата на детскиот труд, како начин да се нагласи состојбата на овие деца.
Одбележувањето на овој ден има за цел да промовира свест и делување за справување со ваквата состојба. За да ја подигне свеста за детскиот труд и да собере поддршка за акција за борба против него МОТ го користи симболот на црвениот картон.
Тркалото што е прикажано на црвениот картон стана симбол на борбата против детскиот труд. Петте сечила на тркалцето ги претставуваат различните континенти во светот и ветерот што го врти тркалото е волја да се дејствува и да се пренесе пораката додека сите земји не преземат соодветни мерки за ставање крај на детскиот труд.
Имено, голем број од децата ширум светот биле и за жал сеуште се ангажираат во различни видови на платени или неплатени работни активности кои се штетни за нивното здравје. Во најмалку развиените земји низ светот 1 од 4 деца (на возраст од 5 до 17 години) е ангажирано за извршување на активности кои негативно влијаат врз детскиот раст и развој.
Денес, ширум светот, има приближно 246 милиони деца на возраст од 5-17 години чиј труд се злоупотребува. Од таа бројка околу 186 милиони се деца под 15 години. Поразувачки е фактот дека мнозинството, односно 110 милиони се деца под 12 години кои работат со полно работно време и најчесто во лоши работни услови, што ги лишува од соодветно образование, здравство, одмор и основни слободи. Тие не одат на училиште и имаат малку или немаат време да играат. 72 милиони никогаш не биле на училиште и 12 милиони се продадени и купени за цени помали од вредноста на едно животно. Многумина не добиваат соодветна исхрана или грижа. Ним им се скратува шансата да бидат деца. Повеќе од половина од нив се изложени на најлошите форми на злоупотреба на детски труд, како што се работа во опасни средини, ропство или други форми на принудна работа, недозволени активности, вклучително и трговија со дрога и проституција, како и вмешаност во вооружени конфликт. Тие се одвоени од нивните семејства, изложени на сериозни опасности и болести и/или оставени сами да се грижат на улиците на големите градови – често на многу рана возраст.
Во Република С. Македонија околу 2.000 деца го поминуваат своето детство на улица, се проценува дека само во Скопје има околу 300 деца кои работат на улица во супстандарни услови, живеејќи под ведро небо без родителска грижа. Најчесто овие деца се жртви на најтешките форми на злоупотреба на детскиот труд. Ги има од сите возрасти и националности, но најмногубројни се Роми. Постојат значителни разлики помеѓу видот на работа кои децата го вршат. Некои од нив се опасни по нивното физичко и психичко здравје, некои од нив ја загрозуваат моралната благосостојба на децата.
Питачење, собирање отпад, чистење ветробрански стакла, продавање ситни предмети- работата на улица е најзастапената форма на злоупотреба на детскиот труд во С. Македонија. И ден денеска на наплатните рампи и на семафорите можеме да видиме децата кaко ги бришат прозорците на автомобилите, од контејнерите собираат пластика и железо и сето тоа за малку пари. Наместо во училиште, детството го поминуваат на улица. Најчесто децата се принудени да работат од страна на нивното семејство, односно родителите на децата на улица несоодветно го вршат родителското право, ги експлотирааат и злоупотребуваат своите деца, а запоставувањето и негрижата за детето преставува сериозна опасност за правилен психофизички развој. Децата се доведуваат да дојдат во судир со законот или да бидат злоупотребени од други лица. Дополнително, дел од децата на улица не се запишани во матичната евиденција на родени, немаат државјанство или било каква документација, со што им е оневзоможено остварувањето на своите права.
Денес сè уште има деца низ целиот свет кои работат нелегално, а некои од причините за тоа како што веќе напоменавме се самите родители, други пак, свесно поради сиромаштијата во која западнале, некои поради тоа што нема која да ги заштити, деца кои постојано се измачуваат, манипулираат, уценуваат и тепаат со цел да се искористи нивниот труд и да се остварат нечии лични материјални интереси.
Оттука, забележуваме дека детскиот труд е тесно поврзан со сиромаштијата, невработеноста, условите и околината во која живее одредена категорија граѓани, па така, потенцијални жртви се децата од сиромашни семејства или од фамилии со низок социјален статус, затоа своето време го поминуваат на улица и на најразлични начини обезбедуваат средства за егзистенција. Сиромаштијата не е само причина за детски труд, туку таа се враќа и станува последица како резултат на неможноста да се пристапи до образование заради работењето и завршува со продолжување на сиромаштијата.. Затоа, акцентот треба да се стави на образованието на овие деца, за во иднина да се искорени овој проблем. Некои од сиромашните семејства неможат да си дозволат директни или индиректни трошоци за образување на децата. Поради тоа, треба под итно да се реши овој проблем со обезбедување и реализирање бесплатно задолжително образование за сите деца, да обезбеди работни места за еден од родителите на маргинализираните деца, како и да безбеди дополнителна настава за децата кои го пропуштиле редовното образование. Потребно е овие деца да бидат вклучени во училиште и на тој начин да им се помогне да стекнат знаења, вештини, да се описменат, да се тргнат од заробеништвото во кое се наоѓаат. Доколку се вклучат во образовниот процес и им се дадат социјални бенефиции, шансите се големи да се преместат од крстосниците во школските клупи. Образованието ги оспособува децата да стекнат знаење за нивните основни права и да го сфатат својот потенцијал. Едно дете вклучено во раните години во предучилишно образование, ќе значи, едно дете помалку на улица. Имено, за да се постигне елиминирање на сите овие форми на злоупотреба на детскиот труд потребни се големи напори и посветеност во делот на редуцирање на сиромаштијата, подобра социјалната заштита и вклучување на сите деца во образовниот процес. Токму затоа најважно е да се превземат некои чекори (мерки) за намалување на ваквата злупотреба.
Чекори кои се потребни да се преземат за да се искорени злоупотребата на детскиот труд се:
- обезбедување на бесплатно задолжително образование
- рушење на бариерите за вклучување на женските деца во образовниот процес
- обезбедување на пристап на децата до училиште и безбедна и квалитетна средина за образование
- обезбедување на соодветен наставен кадар и зајакнување на законите за детскиот труд
- едукација во правец на почитување на меѓународните стандарди
- борба против сиромаштијата и создавање работни места за возрасните
- зголемување на јавната свест за борба против искористувањето на детскиот труд
- обезбедување дополнителна настава за деца и млади кои го пропуштиле редовното образование
Нагласуваме дека Конвенцијата за правата на детето и Конвенцијата за најлошите форми на детскиот труд ја обврзуваат државата да ги заштити децата од сите облици на насилство, злоупотреба и запоставување од страна на нивните родители или било кој друг што се грижи за нив. Државата треба да ги заштити децата од работа која е опасна или која може да им наштети на нивното здравје, работа која по својата природа или околности во кои е извршена штети на здравјето, сигурноста и моралот на децата.
Користена литература https://www.ilo.org/ipec/Campaignandadvocacy/RedCardtoChildLabour/lang–en/index.htm
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести