2022 тема: Семејствата и урбанизацијата

Урбанизацијата е еден од најважните мегатрендови кои го обликуваат нашиот свет, нашиот живот и благосостојбата на семејствата ширум светот.

Одржливата урбанизација е поврзана со постигнувањето на неколку „Цели за одржлив развој“ (ЦОР), како што се:

ЦОР – 1 (Свет без сиромаштија);

ЦОР – 3 (Добро здравје и благосостојба);

ЦОР –10 (Намалена нееднаквост внатре во земјата и меѓу земјите); и

ЦОР -11 (Одржливи градови и заедници).

Овие цели за одржлив развој зависат од тоа колку добро ќе се управува со урбанизацијата во корист на семејствата и подобрување на благосостојбата на сите генерации кои живеат во градовите.

Овогодинешната тема „Семејствата и урбанизацијата“ има за цел да ја подигне свеста за важноста на одржливите урбани политики погодни за семејството.

Мегатрендови и нивното влијание врз семејствата

Подготовките за триесетгодишнината од прогласување на Меѓународната година на семејството, 2024 година (IYF+30), се фокусира на мегатрендовите и нивното влијание врз семејствата. Фокусот на избраните мегатрендови, вклучувајќи ги технолошките промени, миграцијата, урбанизацијата, демографските и климатските промени, има за цел да ја олесни анализата на нивните влијанија врз семејниот живот и да препорача одговорни политики ориентирани кон семејството, со цел да се искористат позитивните аспекти на тие трендови и да се сопрат негативни влијанија од истите.

Пандемијата на коронавирус и нејзиното влијание врз семејствата

Почнувајќи како здравствена криза, пандемијата COVID-19, имаше невидени ефекти врз многу сфери на животот, вклучително и економијата, образованието и исхраната. Пандемијата негативно влијаеше врз благосостојбата на семејството, рамнотежата помеѓу работата и семејството, родовата еднаквост и други аспекти од семејниот живот.

Историјат

Во текот на 1980-тите, Обединетите нации почнаа да го фокусираат вниманието на прашањата поврзани со семејството. Во 1983 година, врз основа на препораките на Економско-социјалниот совет, Комисијата за социјален развој во својата резолуција за улогата на семејството во процесот на развој (1983/23) побара од Генералниот секретар да се подигне свеста кај носителите на одлуки и јавност за проблемите и потребите на семејството, како и за ефективни начини за задоволување на тие потреби.

Во резолуцијата 1985/29 од 29 мај 1985 година, Економско-социјалниот совет го покани Генералното собрание да ја разгледа можноста на нивната четириесет и прва седница на дневен ред да биде ставена точка со наслов „Семејствата во развојниот процес“, со цел да се побара од Генералниот секретар да иницира процес за развој на глобалната свест за прашањата насочени кон владите, меѓувладините и невладините организации и јавното мислење.

Подоцна, врз основа на препораките на Комисијата за социјален развој, формулирани на 30-та седница, Собранието ги покани сите држави да ги кажат своите ставови во врска со можното прогласување на меѓународна година на семејството и да ги дадат своите коментари и предлози.

Советот, исто така, побара од Генералниот секретар да достави до Генералното собрание на својата четириесет и трета седница сеопфатен извештај, врз основа на коментарите и предлозите на земјите-членки за можното прогласување на таква година и други начини и средства за подобрување на позицијата и благосостојбата на семејството и интензивирање на меѓународната соработка како дел од глобалните напори за унапредување на општествениот напредок и развој.

Во својата резолуција 44/82 од 9 декември 1989 година, Генералното собрание ја прогласи Меѓународната година на семејството.

Во 1993 година, Генералното собрание одлучи со резолуција (A/RES/47/237) 15 мај, да се одбележува како Меѓународен ден на семејството. Овој ден дава можност да се промовира свеста за прашањата поврзани со семејствата и да се обелоденат сознанијата за социјалните, економските и демографските процеси кои ги засегаат семејствата.

На 25 септември 2015 година, 193 земји-членки на Обединетите нации едногласно ги усвоија Целите за одржлив развој. Збир од 17 цели кои имаат за цел да ја елиминираат сиромаштијата, дискриминацијата, злоупотребата и смртните случаи што може да се спречат, да се справат со уништувањето на животната средина и да воведат ера на развој за сите луѓе, насекаде. Семејствата, политиките и програмите ориентирани кон семејството се од витално значење за постигнување на многу од овие цели.

 

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести