МОТО:  СПОДЕЛИ ФАКТИ ЗА ДРОГИ, СПАСИ ЖИВОТИ

(Share Facts On Drugs, Save Lives)

 

Дрога е секоја супстанца од растително или синтетско потекло која, кога ќе се внесе во организмот, може да промени една или повеќе негови функции, а ако нејзината примена се повтори, може да доведе до создавање на психичка и/или физичка зависност.

 

  1. Истражување во РСМакедонија

Проектот “Употреба на психоактивни супстанци помеѓу општата популација во Република Македонија” беше имплементиран во 2017 година во меѓусебна соработка помеѓу Институт за јавно здравје, Скопје (Социјална медицина),  Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика при Медицински факултет, УКИМ, Скопје и 10-те регинални Центри за јавно здравје (ЦЈЗ). Проектот беше поддржан од ЕМЦДДА (Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги) со седиште во Лисабон, Португалија.

Главна цел на научно истражувачкиот проект беше да се добијат податоци за употребата на психоактивни супстанци помеѓу општата популација (на возраст од 15-64 години кои живеат во приватни домаќинства), со посебен фокус на подгрупата млади урбани луѓе (15-34).

Податоци од научно истражувачкиот проект:

Илегални дроги

Дрогите се почесто застапени кај помладата популација, со највисока застапеност кај возрасната група 15-24 години.

Марихуаната за прв пат најчесто се зема на возраст од 16-17 години (2,8%), на возраст од 18-19 години (2,9%%) и на возраст 14-15 години (1,4%).

Канабисот бил користен од 8,2% лица на возраст од 15-64 години, екстази од 1,6%, амфетамин и хероин 1,1%.  Кокаинот е повеќе присутен кај возрасната група од 15-34 години (2,5%) во споредба со возрасната група 15-64 години (1,3%).

Генерално, постојат разлики во однос на употребата на илегални дроги меѓу половите (животна преваленца). 10,3% мажи и 6,7% жени користеле некаква дрога во текот на животот. Канабис користеле 9,9% мажи и 5,6% жени, екстази 1,7% мажи и 1,4% жени, кокаин 1,7% мажи и 0,7% жени, хероин 1,6% мажи и 0,4% жени. Во однос на половата дистрибуција, дрогите се повеќе присутни кај машката популација во споредба со женската.

  1. Податоци за лекувани зависници од дрога во РСМакедонија

Во ИЈЗ- Институт за јавно здравје наРепублика Северна Македонија податоците се добиени од неуропсихијатриските одделенија при општите болници и центрите за третман и лекување на зависниците од дрога во Република Северна Македонија преку  центрите за јавно здравје. Бројот на лекувани болни, зависници од дрога постојано се зголемува  во дадениот период од 2013 -2019г,т.е од 1014лекувани болни во 2013г. на 2187 во 2019г.  Во 2020г.се забележува пад на бројот на лекувани болни, но тоа е заради новонастаната состојба на пандемија со ковид-19. Стапката на морбидитет на 10000 жители затоа и се намалила, од 10,5%о во 2019 на 7.1%о  во 2020 година.

 

               Тренд на лекувани болни, зависници од дрога по пол во РСМ, период 2013-2020

Извор: ИЈЗРСМ

Структурата според пол покажува значајна разлика во зачестеност на појавата на зависници од дрога кај лекуваните од машкиот во однос на женскиот пол, во двете анализирани години (89,8% се мажи, а 10,2% се жени во 2019г. и 89,9% се мажи, а 10,1% се жени во 2020 година).

Анализата според возрасни групи покажува дека најголем број лекувани болни, зависници од дрога и во болниците и во центрите, се регистрирани во возрасната група од 20-34г.

Според тип на најупотребувана дрога е хероинот, и тоа со над 99% застапеност од вкупно третираните во однос на канабисот, во двете анализирани години.

ПРЕДЛОГ МЕРКИ

Треба да се зајакне контролата на употреба на дроги со вклучување на лекарите, наставниците, психолозите и родителите и да се работи на превенција особено кај училишните деца и младина. Пристапот на лекување и превенција е пософистициран во последните години, со пошироко прифаќање на лекувањето, со замени за дрогата за лица кои се зависници од дрога. Доказите покажуваат дека општествата кои можат да си дозволат пошироки мрежи на служби за корисниците на дроги, можат да го намалат ризичното однесување кое директно го оштетува здравјето, како и да ја ограничат антисоцијалната и криминалната активност меѓу корисниците на дрога.

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести