Тргнувајќи од зголемениот број на луѓе кои користат дроги, ризикот од употребата на дроги по нивното здравје и живот, како и проблемите со кои се соочуваат најголемиот број земји во светот како резултат на употребата на дроги и илегалната трговија со дроги, Генералното собрание на Обединетите нации во 1987 година го воспостави овој меѓународен ден, со цел подигнување на свеста за проблемот со дрогите во светот.

Во рамки на одбележувањето на овој ден, секоја година се покренуваат кампањи во организација на Организацијата за дрога и криминал при Обединетите нации (УНОДЦ).[1] Мотото на овогодишната акција е:

ДА ГО ИЗГРАДИМЕ НАШИОТ ЖИВОТ, ИДЕНТИТЕТ И ОПШТЕСТВОТО БЕЗ ДРОГИ

Денес дрогите претставуваат значаен предизвик за целото општество, а посебно за младите. Се смета дека во светот 200 милиони луѓе земале дрога барем еднаш годишно. Во светот постојат 25 милиони луѓе кои се зависни од дрога. Секоја година во светот 200.000 луѓе умираат од болести поврзани со употребата на дроги.

Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги (ЕМЦДДА) известува дека во Европа 3,4% од смртните случаи на возраст од 15-39 години се поради предозираност од дрога во 2013 година. Во 66% од смртните случаи предозираноста била поради употреба на опиоиди (хероин). Истата година 700.000 лица од Европската унија биле на супституциски третман (метадон). [2]

Трговијата со дроги е се уште најпрофитабилниот бизнис во светот, поврзан со организиран криминал. Дрогите проникнуваат во економија со милијарди евра поврзани со перење пари и корупција.

Канабисот (марихуана) е најчесто користена илегална дрога во светот. 70 милиони европејци имаат пробано марихуана барем еднаш во животот, додека над 3 милиони користат канабис секојдневно. 80% од запленетата дрога  во Европа е канабис, додека 78% од лицата во затвор кои поседувале или користеле дрога се поврзани со канабисот.

Во Република Македонија во 2013 година резултатите од Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата (ХБСЦ) говорат дека марихуана имаат користено барем еднаш во животот 4% момчиња македонци, 3% албански момчиња и 2% македонки на возраст од 15 години. [3]

ЕСПАД истражувањето реализирано во Скопје со ученици на возраст од 16 години во 2012 година покажа дека 8,7% од младите користеле марихуана барем еднаш во животот. 2,8% користеле марихуана 1-5 пати во текот на последните 30 дена. [4]

Се проценува дека 1,3 милиони лица на возраст од 15-64 години во Европа (во 2013 година) се проблематични корисници на опијати (хероин) (2) Во РМ се проценува дека 10900 лица инјектираат дрога (најчесто хероин).[5]

Илегалната употреба на хероинот ги прави корисниците маргинализирани, неприфатени од општеството. Дрогата влијае на квалитетот на животот. Тоа се најчесто невработени лица со ограничен пристап до здравствени, социјални и правни услуги. Стигмата и дискриминацијата кон овие лица е значително изразена. Интравенското користење дрога најчесто се поврзува со ризикот за појава на болести кои се преносливи по крвен пат, како што се хепатитот и ХИВ/СИДА.

Синтетските дроги во последно време се се поприсутни меѓу младите.

Проблемот на употреба на дроги станува уште поголем, ако се земе предвид дека секојдневно се откриваат нови видови на дроги. ЕМЦДДА следи 430 нови видови на дроги (психоактивни супстанци) од кои 101 се регистрирани само во 2014 година. Некои од нив како што се синтетските опиоиди или халуциногените дроги се силно фармаколошки активни. Само неколку грама од одредени видови дроги се потребни за да се направат 10000 дози.[6]

Младите и дрогата

Најзасегнати со проблемот на употреба на дрогите се младите, кои најчесто од љубопитство и под влијание на нивните врсници започнуваат да експериментираат со дрогите, незнаејќи до каде употребата на дроги може да ги доведе во животот.

Во светски рамки, се смета дека преваленцата на употреба на дроги кај младите е двојно поголема во споредба со општата популација, додека кога се работи за употреба на марихуана е тројно поголема.

Живееме во свет во кој родителите се преоптоварени со работни обврски и имаат се помалку време за своите деца. И децата со растењето имаат се поголем број обврски. Кај нив, пак, се поголемо е влијанието на нивните врсници, другари. Денес младите дознаваат за новите видови дроги и преку социјалните мрежи. На интернет постојат видеа на кои се прикажуваат разни видови дрога, но и како се користи дрога.  На интернет постои можност и за анонимна комуникација и продажба на дроги (даркнет). Младите денес може да набават дрога и преку компјутер. УНОДЦ има идентифицирано 650 веб страни на кои се продаваат новите психоактивни супстанци.

Меѓу младите денес најчесто кружат разни информации и дезинформации за позитивните моментални ефекти на дрогите, но не и за негативните ефекти. Негативните ефекти врз здравјето секако зависат од видот на дрогата, дозата и честотата на употреба на дрогата. Илегалните дроги можат значително да влијаат и на психичкиот и емотивниот развој.

Употребата на дроги и алкохол на млада возраст е особено ризично, бидејќи телото (особено мозокот) е сѐ уште во фаза на развој и последиците од нивното користење може да бидат загрижувачки. Децата кои живеат во нарушени семејни односи се под зголемен ризик за употреба на дрога и друго ризично однесување.

  

ПРЕПОРАКИ:

  1. Водењето здрав живот бара донесување на правилен избор во интерес на здравјето.
  2. На младите треба да им се дадат точни податоци за дрогите и ризиците поврзани со употребата на илегални дроги.

3.    Добрите семејни односи претставуваат најсилен заштитен фактор за превенција на употреба на дроги кај младите, превенција на деликвенција и ризичен секс. Блискиот однос меѓу родителите и децата, заеднички поминатото време, следењето на децата од страна на родителите, изразувањето на љубовта кон децата, но и почитувањето на правилата и поставувањето граници (дисциплина) се значајни во градењето на здрава и силна личност и превенција на употреба на дроги. [7]

4.    Решавањето на проблемот на употреба на дроги бара учество на многу чинители (мултисекторски пристап), тргнувајќи од семејството, институциите и пошироката заедница.

5.    Превентивните активности треба да се спроведуваат плански, континуирано, во согласност со целните групи и потребите, и да бидат базирани на добра пракса.

6.    Посебно внимание треба да се посвети на третманот на лица кои употебуваат дрога, како и намалувањето на стигмата и дискриминацијата. Зависноста од дрога претставува хронична (долготрајна, повторувачка) болест и како таква треба да се третира.

Порака до младите:

Не дозволувајте дрогите да го контролираат вашиот живот!

Сектор за промоција, анализи и следење на незаразни болести

Институт за јавно здравје на Република Македонија

[1] http://www.unodc.org/drugs/june-26/
[2]EMCDDA: European drug report, 2015
[3] Здравјето како квалитет на животот. Центар за психосоцијална и кризна акција, Скопје, 2013:89
[4] ЕСПАД извештај 2012. Контакт, Скопје, 2012
[5] Извештај од студијата за проценка на популација која инјектира дроги. Министерство за здравство, 2010
[6] Drug policies in the perspective of the United Nations General Assembly Special Session (UNGASS 2016) — Views of the EMCDDA Director
[7] http://www.unodc.org/unodc/en/frontpage/building-family-skills-to-prevent-drug-use.html