Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт на глобално ниво, тие предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно и ги зафаќа најмногу земјите со низок и среден приход. Во рамките на незаразните болести кардиоваскуларните болести заедно со малигните заболувања се причина за речиси три четвртини за смртноста во Европскиот регион. Проценките покажуваат дека најмалку 80% од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат.
Секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23.6 милиони луѓе ќе умрат од овие заболувања. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација (СЗО), при што се очекува КВБ да останат водечка причина за смрт во светот.
Најчести ризик фактори за настанување на кардиоваскуларните заболувања се: зголемен крвен притисок, покачен холестерол, зголемена телесна тежина, лоша исхрана, пушење, недоволна физичка активност и покачено ниво на шеќер во крвта. Значителен број од смртните случаи се припишува на пушењето односно на тутунот, кој го зголемува ризикот од смрт од коронарна срцева болест и цереброваскуларна болест 2-3 пати. Ризикот се зголемува со возраста и е поголем кај жените отколку кај мажите.
СОСТОЈБА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Морталитет
Во Република Македонија во 2014 година од болести на циркулаторниот систем починале 11270 лица со стапка на смртност од 545,1 на 100.000 жители, од кои 5435 се мажи, а 5835 се жени. Болестите на циркулаторниот систем учествуваат со 57,2 % во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт.
Дијаграм 1. Структура според причини на смрт во Република Македонија во 2014 година
Извор: Државен завод за статистика, 2014 година
Стапката на морталитет од циркулаторни заболувања во вкупното население во Р.Македонија во периодот 2010-2014 не се менува значајно. Во 2010 година стапката на морталитет изнесувала 538,6, а во 2014 година 545,1 на 100.000 население.
Дијаграм 2: Морталитет од циркулаторни заболувања во Р.Македонија, 2010-2014 година
Специфичната стапка по возраст од циркулаторни заболувања кај населението над 65 години е значително повисока во споредба со специфичната стапка на морталитет кај населението од 0-64 години.
Дијаграм 3: Морталитет од циркулаторни заболувања во Р.Македонијa по возраст, 2010-2014 година
Смртноста од исхемичните болести на срцето е значително поголема кај населението над 65 години во споредба со смртноста кај населението до 64 години.
Дијаграм 4: Морталитет од исхемични болести на срцето во Р.Македонија по возраст, 2010-2014 година
Стапката на морталитет од цереброваскуларни болести на возраст над 65 години во 2014 година изнесувала 1164,9 на 100000 население, а на возраст до 64 години 26,3%ооо, од што се забележува дека смртноста е значително повисока на возраст над 65 години.
Дијаграм 5:Морталитет од цереброваскуларни болести во Р.Македонија по возраст, 2010-2014 година
Според пол, во периодот 2010-2014 година смртноста од циркулаторни заболувања незначително е повисока кај жените во однос на мажите.
Дијаграм 6: Морталитет од циркулаторни заболувања во Р.Македонија по пол, 2010-2014 година
Стапката на смртност од исхемични болести на срцето во периодот 2010-2014 година е повисока кај машката популација (дијаграм 7), додека стапката на смртност од цереброваскуларни заболувања е повисока кај женската поулација (дијаграм 8).
Дијаграм 7: Морталитет од исхемични болести на срцето во Р.Македонија по пол, 2010-2014 година
Дијаграм 8: Морталитет од цереброваскуларни болести во Р.Македонија по пол, 2010-2014 година
Во периодот 2010-2014 година во Р.Македонија акутниот миокарден инфаркт учествувал со околу 95% во исхемичните болести на срцето, а церебралниот инфаркт и шлогот, неозначен како крварење или инфаркт со околу 88% во цереброваскуларните болести.
Според податоците од HFA датабазата на СЗО, во 2010 година стапката на морталитет од болести на циркулаторниот систем на 100 000 население се движела од 113,9 во Франција, 119,1 во Изреал, 370,8 во Хрватска, 553 во Македонија, 621,7 во Бугарија, 732,7 во Украина итн.
Source: European health for all database (HFA-DB) WHO/Europe, April 2014
ПРЕВЕНЦИЈА И КОНТРОЛА
Поаѓајќи од фактот дека постои можност 80% од срцеви заболувања да се спречат, Република Македонија спроведува мерки врз основа на докази со цел превенција на факторите на ризик како што е употребата на тутун, нездрава исхрана, физичката неактивност и штетната употреба на алкохол, навремено препознавање на КВБ, подобрување во лекувањето на секундарно и терциерно ниво, зајакнувајќи го здравствениот систем со кадар, опрема, реконструкција на стари и изградба на нови болнички капацитети и други мерки. Основната цел е да одговори на се поголемото оптоварување на населението со кардиоваскуларни болести и намалување на инвалидитетот и смртноста од овие заболувања.
Институтот за јавно здравје на Република Македонија и 10-те центри за јавно здравје во рамки на јавно-здравствените активности со цел да ја подигнат јавната свест за превенција од кардиоваскуларните заболувања, континуирано одржуваат предавања, организираат трибини и изработуваат промотивни материјали од оваа област. И оваа година, по 15 пат, се одбележува Светскиот ден на срцето – 29 септември со главен настан во Градскиот парк во Скопје на локацијата Школка, на ден 27 септември (недела) во период од 9,00-14,00 часот во соработка со НВО Здрава иднина-здружение на граѓани заболени од кардиоваскуларни болести, претставници на здравствени установи од јавниот и приватниот сектор и други заинтересирани структури.