Безбедноста на храната и правилната исхрана се есенцијални предуслови за здравје и блaгосостојба на населението на една земја и треба да бидат инегрирани во сите политики, не само во здравствената политика, туку и во националната економија, земјоделството, туризмот и трговијата.
На 20 декември 2018 година генералниот секретар на Собранието на Обединетите нации донесе резолуција 73/250 за прогласување на Светски ден за безбедност на храната. Почнувајќи од 2019 година, 7 јуни ќе биде ден да се означи со активности кои укажуваат на придобивките од безбедна храна, но и евентуалните пропусти и недостатоци во ланецот на безбедна храна.
Безбедната храна е од клучно значење за промоција на здравјето и елиминација на гладта, – тоа се две од главните цели на Агендата за 2030 година. Нема доволно сигурна храна без безбедност на храната. Во овој свет каде синџирот на храна станува се посложен, секој негативен инцидент во безбедноста на храната може да има глобални негативни ефекти врз јавното здравје, трговијата и економијата.
Болестите поврзани со небезбедна храна се најчесто предизвикани од бактерии, вируси, паразити или хемиски супстанции кои ги внесуваме преку контаминирана храна или вода. 600 милиони луѓе или 1 од 10 луѓе во светот се разболуваат заради консумaција на контаминирана храна и 420 000 умираат секоја година. При тоа децата до 5-години возраст учествуваат со 40 % во оптоварувањето со болестите поврзани со небезбедна храна или 125 000 смртни случаи секоја година. Во 2010 година водечка причина за смртност кај болести поврзани со небезбедна храна во Европскиот регион е Salmonella enterica со 1854 смртни случаи, Campylobacter spp so 459, Norovirises 435, Listeria monocytogenes 399, Echinocoocus multilocularis 239, Hepatitis A 195, Brucella spp 191 (Тhe burden of foodborne diseases in the WHO European Region. Copenhagen 2017).
Биолошки опасности
Биолошките опасности претставуваат најголема закана за безбедноста на храната и директно за потрошувачот. Бактериите кои предизвикуваат инфекција или интоксикација можат да предизвикаат големи епидемии на акутна болест во краток временски период и се закана со која повеќето бизниси со храна можеби ќе се соочат. Некои бактериски видови можат да се класифицираат како опасности значајни за безбедноста на храната, како што се Sallmonela, Listeria monocytogenes, Campylobacter и Е.coli 0157. Постојат патогени бактерии кои се способни да растат во одредени видови храна под поволни услови и да создаваат токсини. Токсинот, пред сè, се формира во храната пред внесувањето, а во некои случаи токсините можат сè уште да бидат присутни, дури и откако сите бактериските клетки се уништени со готвење. Bacillus cereus и Staphylococcus aureus се примери на бактерии што можат да предизвикаат интоксикација, но најважна и потенцијално најсериозна причина е Clostridium botulinum.
Вирусниот гастроентеритис е многу честа појава во светот. Најчесто застапени се норовируси и хепатитис А, кои се одговорни за голем број епидемии, како резултат на лошата лична хигиена од инфицирани работници со храната или недоволна хигиена на продуктите.
Движењето на акутните цревни заразни болести е прикажано во табела 1 од која се гледа дека бактериските алиментарни инфекции и интоксикации имаат променлива, но и висока стапка на инциденца, заедно со лабораториски потврдените салмонелози и инфекции предизикани со Е.coli.
Табела 1 Инциденца на 100.000 од заболувања во групата на цревни заразни болести, Македонија, период 2013-2018 година
Година / заболување | 2018 | 2017 | 2016 | 2015 | 2014 | 2013 |
Ентероколитиси | 412,5 | 558,4 | 545,2 | 589,0 | 512,3 | 582,2 |
Бактериски алиментарни инфекции и интоксикации | 20,2 | 35,9 | 26,1 | 27,8 | 44,0 | 45,5 |
Вирусен хепатитис А | 3,5 | 1,7 | 1,0 | 7,6 | 28,2 | 4,9 |
Салмонелози | 18,0 | 15,3 | 12,3 | 16,8 | 9,9 | 12,7 |
Инфекции предизвикани од E. Colli | 9,1 | 8,4 | 8,0 | 10,9 | 7,8 | 3,9 |
Шигелоза | 1,2 | 0,9 | 0,8 | 0,3 | 1,1 | 0,4 |
Листериоза | 0,0 | 0,2 | 0,0 | 0,1 | 0,5 | 0,0 |
Кампилобактериоза | 0,9 | 0,1 | 0,4 | 0,1 | 0,1 | 0,1 |
Џардијаза | 0,6 | 0,2 | 0,2 | 0,3 | 0,0 | 0,2 |
Извор: Движење на акутни заразни заболувања во Република Македонија во 2018 година, Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија, 2019.
Хемиски опасности
Акутна токсичност предизвикана од хемиски контаминенти во храната е ретка во развиените земји. Јавноздравствена грижа предизвикува потенцијално штетниот ефект од изложеноста на ниски нивоа на токсични хемикалии преку храната за подолг временски период. Некои хемиски агенси можат да предизвикаат оштетување на функција на црниот дроб, бубрезите или да делуваат канцерогено на одредени органи. Постојат голем број потенцијални хемиски контаминенти кои можат да влезат во прехранбениот синџир во која било фаза на производството. Земјоделски хемикалии, како што се хербициди и инсектициди, можат да ги контаминираат свежите производи во текот на примарното производство, или хемикалии, како што се детергенти и средства за подмачкување, кои можат да се внесат во храната во текот на пребработката. Исто така, можно е хемиските контаминенти да се пренесат и од самото пакување на храната за време на складирањето. Некои од главните класи на хемиски контаминенти важни за безбедноста на храната се следниве: пестициди, ветеринарни лекови, микотоксини, диоксини, метали (олово, кадмиум, арсен, жива),
контаминенти произведени за време на обработката (на пр. акриламид),
контаминенти од контакните материјали (на пример, меламин, формаледхид) и други. Адитивите се супстанци кои човекот намерно ги додава во прехранбебите производи со цел да ги подобри својствата на хранта и нивнат аупотреба е регулирана со подзаконски акт које усгласен со меународните стандарди и европската легислатива.
Јавноздравствени мерки
Националната власт во секоја земја има клучна улога во гаранцијата дека сите ние консумираме безбедна и нутритивно соодветна храна. Креаторите на политики треба да промовираат одржливо земјоделство и системи за храна, поттикнување на мултисекторска соработка меѓу здравјето на луѓето, здравјето на животните, земјоделството и другите сектори. Органите за безбедност на храната можат и треба да управуваат со ризиците за безбедноста на храната долж целиот синџир на храна, вклучително и за време на итни случаи. Секоја земја треба да ги усогласи националните со меѓународните стандарди утврдени од страна на Кодексот Алиментариус Комисијата.
Превентивните актвности треба да ги опфатат сите проблеми со безбедноста на храната. Сите вклучени во управувањето со храна – од преработка до малопродажба – мора да обезбедат усогласеност со програмите како HACCP, систем кој ги идентификува, оценува и контролира опасностите кои се значајни за безбедноста на храната од примарно производство до финална потрошувачка.
Спроведувањето на пристапот “Едно здравје” ја подобрува безбедноста на храната, затоа што здравјето на луѓето е поврзано со здравјето на животните и животната средина. Патогени микрорганизми кои развиле анитмикробна резистенција можат да бидат пренесени од животни на луѓето преку директен контакт или преку храна, вода или животната средина.
Здравствениот сектор со редовно и доследно пријавување на заразните болести може да допринесе до создавње на реална слика за состојбата за болестите поврзани со небезбедна храна. На крајот секоја индивидуа, секој од нас, со подбрување на личните практики во ракувањето со храната и со изборот на храната може да придонесе во намалување на болестите поврзани со храната.
Различните групи ја делат одговорноста за безбедноста на храната – владите, регионалните економски тела, организациите на ОН, агенциите за развој, трговските организации, потрошувачите и групите производители, академски и истражувачки институции и субјекти од приватниот сектор – мора да работат заедно на прашања кои влијаат на сите нас, глобално, регионално и локално.