Како потреба што произлезе од Заедничката екстерна евалуација на основните капацитети на ИЈЗ, како и потребата за зајакнување на капацитетите на земјата за координација на одговорот на КОВИД-19, во август 2020 г. Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје го основаа Центарот за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи во Скопје. Главниот мандат на центарот е да обезбеди неопходни функции за управување со вонредни ситуации, вклучувајќи и обезбедување на централизирани информации во реално време за да се следи, известува и советува за одговорот на јавно здравствени настани и вонредни ситуации.

Со поддршка на СЗО, ИЈЗ и Минстерството за здравство, активностите за спроведување и операционализација на ЦЕСУЗК почнаа во април 2022 г. Националниот тим на експерти заедно со експерти на СЗО од седиштето и од Центарот за вонредни здравствени ситуации на СЗО (WHE) Балкански центар, подготвија функции, СОП и обезбедија техничка експертиза за персоналот на ЦЕСУЗК (на пример, да се дефинираат улогите и одговорноста на сите вклучени страни; да се активираат нивоата на закани за јавното здравје и редовно да се проверува функционалноста на системот (симулација)).

Клучните цели на ЦЕСУЗК се:

  • Навремено носење на оперативни одлуки за одреден настан со користење на најдобрите достапни информации, политики, технички совети и планови;
  • Комуникација и координација со партнерите за одговор;
  • Прибирање, подредување, анализа, презентација и користење на податоци и информации за настани;
  • Набавка и распределба на ресурси, како што се услуги за голем број на болни и материјал за поддршка на функциите на ЦЕСУЗК;
  • Подготовка на јавна комуникација и координација со партнерите за поддршка на свеста на јавноста, обезбедување помош и социјална мобилизација;
  • Следење на финансиските обврски и обезбедување на административни услуги за ЦЕСУЗК.

Овој Прирачник дава увид во структурата и основните функции на ЦЕСУЗК (локација, управување со простор, опрема, човечки ресурси, како и улогите и одговорностите на персоналот). Исто така, детално е опишан процесот на активитање/деактивирање на ЦЕСУЗК. Прирачникот ги содржи подготвените СОП (со шеми) и прилози (вклучително и образци) за функционалноста на ЦЕСУЗК.