Во периодот од 1-3 ноември 2018 година се одржа третиот научен симпозиум „Денови на превентивна медицина во Република Македонија 2018” со меѓународно учество, во хотел Дрим, Струга. Симпозиумот беше организиран од страна на петте здруженија од областа на превентивата: Здружението на доктори специјалисти по хигиена и здравствена екологија, Специјалистичкото здружение на лекарите по социјална медицина со организација на здравствена дејност, Здружението на микробиолози на Македонија, Здружението на епидемиолози на Република Македонија и Здружението на лекари по медицина на труд.  Симпозиумот е акредитиран од Лекарската Комора на Република Македонија и од Македонското Лекарско Друштво.

pr050aacover

На свеченото отворање пригоден говор одржаа: Претседателот на здружението на епидемиолози на Р. Македонија, прим. д-р Гордана Кузмановска, која го даде и воведниот збор на симпозиумот, Продеканката на Медицинскиот факултет, УКИМ, Скопје, проф. д-р Бети Зафирова Ивановска, претставник на Македонското лекарско друштво, д-р Димитар Арнаудов и директорот на Институтот за јавно здравје на РМ, асс. д-р Шабан Мемети. Работниот дел на настанот започна со пленарното предавање на д-р сци Марија Кишман, која зборуваше за дефинираните приоритети на Светската Здравствена организација за Европскиот регион и современите алатки за нивно решавање. Исто така презентираше резултати од истражувањето за фактори и бариери за атхерентноста кон пропишаната терапија кај пациентите на хронична медикаментозна терапија во Република Македонија.

pr022a

На симпозиумот, во два дена се одржаа пет интерсекторски сесии кои ги обработуваа следните теми: јавно-здравствените аспекти на хроничните незаразни болести,  повреди и насилство, превенција и контрола на заразни болести и имунизација, здравјето на населението и животна средина, актуелности во микробиологијата, превенција на здравјето на работниците. Во рамките на сесиите беа усно презентирани 20 јавно-здравствени теми, кои претставуваат приоритет во земјата, регионот и на глобално ниво и 37 постер презентации. Катедрите по превентивните гранки при Медицинскиот факултет во Скопје и наставници од Медицинскиот факултет во Штип, Медицинскиот факултет во Нови Сад дадоа научен придонес на симпозиумот.

pr021a

На собирот учествуваа 130 доктори специјалисти од превентивните гранки, но и доктори кои се во процес на специјализација на превентивните гранки, студенти на последипломските студии или докторски студии по јавно здравје.

Институтот за јавно здравје, како институција од највисок ранг во областа на превентивната  здравствена заштита во земјата даде свој придонес за успешно заокружување на овој настан. Имено, преку свои претставници во Организациониот и во Научниот одбор, ИЈЗ учествуваше во целиот тек на подготовките за одржување и подигање на нивото на квалитет на овој Симпозиум. Исто така, во рамките на активното учество, голем број на автори на квалитетни авторски дела го презентираа сработеното во изминатиот период. Беа презентирани резултати од практична работа, спроведени студии, актуелни состојби и превземени мерки и активности на национално, но и на меѓународно ниво, преку соработка и учество во разни тела, работни групи, мрежи и одбори на меѓународни институции од областа на превенцијата на болестите. Со ова, нашата институција дава значаен придонес за унапредување на јавното здравје.

pr024a

Од страна на организаторите и учесниците овој симпозиум беше оценет како многу успешен, во смисла на добрата организација и одличен избор на предавачи кои презентираа актуелни теми од областа на превентивната медицина.

При затворањето на симпозиумот беа дефинирани заклучоци, меѓу кои дека треба да се одржи традиционалниот карактер на симпозиумот,  да се зајакне со учество на експерти од областа на јавното здравје од регионот и пошироко.

Исто така, неопходно е присуство на креаторите на политики, кои треба да ги слушнат горливите проблеми во јавното здравје кои имаат влијание врз зголемената стапка на заразни и незаразни болести, и да ги земат во предвид наодите и резултатите од истражувањата, како и сигурните научни докази засновани на факти при градењето на идните политики и имплементација на активности, се со цел унапредување на здравјето и продолжување на животниот век на населението на Република Македониja.

www.dpm.mk