Во периодотод 17.05 – 23.05.2019, пријавени се вкупно 105 нови случаи на мали сипаници.

Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 46 случаи се од Скопје, а останатите 59 се од 9 други градови во С. Македонија – Кичево (17), Дебар (8), Тетово (8), Куманово (7), Штип (7), Струга (6), Велес (4),Охрид (1) и Неготино (1).

Во тек на оваа недела најголем број на случаи (56) се на возраст над 30 години.

Според вакциналниот статус, 81 односно 77,1% од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со 23.05.2019, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.625 случаи на мали сипаници со стапка на заболување од 78,5 на 100.000 жители.

Во тек е епидемија на мали сипаници на цела територија на Македонија.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 23 градови, од нив 925 случаи се од Скопје, Куманово – 189, Тетово – 136, Струга – 112, Кичево – 56, Гостивар – 42, Велес – 40, Дебар – 27, Охрид – 25, Гевгелија – 19,  Штип – 11, Прилеп – 10, а во останатите градови се регистрираат по помалку од 10 случаи. Највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга 165,1/100.000, Скопје 149,8/100.000 и Куманово 132,5/100.000   (Графикон 1).

Графикон 1. Географска дистрибуција на случаи на мали сипаници во Македонија,  декември 2018 – мај 2019

morbili 20 nedela sl 1

Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години – 727 (44,7%), а вкупната стапка на заболување кај оваа возрасна група изнесува 57,1 на 100.000 жители. Највисока стапка од 1.189,4 заболени на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст под една година, каде се пријавени 278 (17,1%) заболени. Кај децата на возраст од 1-4 години се регистрираат 233 случаи (14,3%) со стапка од  251,0 на 100.000 жители (Графикон 2).

Графикон 2.Дистрибуција на заболените од мали сипаници во Македонија според возраст,декември 2018-мај 2019 (n=1625)

morbili slika 2 20 nedela

Според вакциналниот статус, 1.213 или 74,6% од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 278 (22,9%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупно 233 заболени деца на возраст од 1-4 години, 87,1% се невакцинираниили со непознат вакцинален статус, а од 970 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 65,4% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 689 или 42,5% биле хоспитализирани, а кај 253 (15,6%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации биле кај деца од 0-4 години (n=115; 45,5%), и тоа 69 (27,3%) – кај деца до една година и 46 (18,2%) – кај деца на возраст 1-4г, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.

Од почетокот на епидемијата, во Скопје се  вакцинирани 14.541 дете, додека во останатиот дел од државата се вакцинирани  12.707 деца на возраст до 14 години кои подлежат на вакцинација. Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 27.248.

 

Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се вакцинирани вкупно 2.439 лица, од нив повеќе од 60% се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

 

 

Сектор за контрола и превенција на заразни болести

ИЈЗ Скопје