По добиеното Соопштение од Министерството за животна средина и просторно планирање на ден 4.12.2018 година, во кое според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбинтен воздух се информира за надминување на прагот за информирање за РМ10 честичките (надминување на вредноста од 100 µг/м3 во текот на два последователни денови дефиниран со Уредбата[1]), Институтот за јавно здравје на РМ и Министерството за здравство ги даваат следните препораки:

  • Да се ограничи движењето и активностите на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевосадовниот систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.
  • Покрај ова, се препорачува земање на витамини (антиоксиданси), главно преку исхраната (свеж сезонски зеленчук и овошје), по потреба и додатоци односно суплементи.
  • Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија од матичните лекари и да се придржуваат до препорачаниот диететски режим, со намален внес на масна и солена храна.

Надминувањето на прагот на информирање е нотиран на мерните места во Скопје (Бутел, Центар, Карпош и Ректорат), Миладиновци, Кичево, Куманово,Струмица, Битола 1, Тетово и Кавадарци.

Апелираме граѓаните да ги применат и поддржат препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање донесени во координација со Интерсекторската работна група за воздух во која членуваат и претставниците на Секторот здравство, во случај на надминување на прагот на информирање за РМ10, односно:

  • Да се користи јавниот превоз
  • Возила да не се користат без поголема потреба
  • Повеќе лица да се возат со едно возило во исто време
  • Да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал
  • Правилно да се користат печките за дрва.

 

Секој од нас како поединец е дел од проблемот, но и клучен дел од решението.

                Со почит,

                Институт за јавно здравје во соработка со Министерството за здравство

[1] Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентиот воздух  и прагови за алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Сл. весник на РМ бр. 183/17)