Во склоп на Меѓународната недела на сестринството, на 5 мај се одбележува Меѓународен ден на акушерките, а  на 12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари. Скоро 50% од здравствените работници се медицински сестри и акушерки.

Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари е 12 мај  и се одбележува секоја година во знак на секавање на роденденот на Флоренс Најтингеjл.

Флоренс Најтингеjл е родена во Фиренца, Италија  на 12 мај 1820 година. Целиот свој  живот се борела за унапредување на својата професија и правата на жените. По завршување на школувањето се пријавила за заминување во Турција каде што заедно со уште 38 медицински сестри се грижела за ранетите војници.Тоа била првата група на жени медицински работници на фронт. Била нарекувана „Госпоѓата со ламбата“, поради нејзината навика ноќе да ги проверува ранетите војници.

Флоренс Најтингеjл се смета за пионер на модерното сестринство во светот. Таа исто така дала придонес во промовирањето на графичкото претставување на статистички податоци. Иницирала стручно образование на медицинските сестри и вовела методи за нега на пациенти и организација на болници, кои се прифатени во многу земји.

На  Меѓународниот  ден на  сестринството оваа година сакаме да им оддадеме почит на тие што ги загубија  своите животи во оваа борба, но и поддршка на нашите колеги и колешки како и на сите останати здравствени работници кои што успешно секојдневно се справуваат со вирусот на Ковид-19.

Медицинските сестри и другите здравствени професионалци се во првите редови во борбата против  Ковид-19 – со обезбедување висококвалитетен третман и нега и почитување на оние на кои им е потребна помош, водејќи дијалог во заедницата за решавање на стравовите и проблемите. Медицинските сестри како важна алка во здравствениот систем активно се вклучени во борбата со пандемијата од собирање на податоци за клинички и епидемиолошки студии, епидемиолошки анкети, преку активна грижа за пациентите и заедницата се до процесот на вакцинација  против Ковид-19. Меѓународниот ден на медицинските сестраи треба да го потенцира моменталниот статус на медицинските сестри низ целиот свет.

Медицинските сестри играат клучна улога во здравствената заштита и честопати се неиспеани херои во здравствените установи.Тие често се првите кои ги откриваат здравствените итни случаи и работат во првите редови на превенција на болести и испорака на примарна здравствена заштита, вклучително и промоција, превенција, третман и рехабилитација. Тие често се првиот, а понекогаш и единствениот здравствен работник што ќе го види пациентот и квалитетот на нивната првична проценка и последователната грижа е од витално значење за добри здравствени резултати.

СЗО ја препознава виталната улога што медицинските сестри ја играат при испорака на примарна здравствена заштита ширум светот – вклучително истражување, превенција на болести, лекување на повредени, палијативна нега и друго – што е претставено преку неколку резолуции на Светското здравствено собрание. Овие документи ја демонстрираат важноста на земјите-членки на СЗО за медицинските сестри и акушерските услуги како средство за постигнување на подобро здравје за сите заедници.

СЗО има дадено важни препораки, вклучувајќи инвестирање во едукација на медицински сестри и акушерки, ангажирање на повеќе специјализирани медицински сестри, инвестирање и зајакнување на лидерски способности на медицински сестри и акушерки, зајакнување и признавање на улогата на медицинска сестра во здравствениот систем и поддршка на здравствените работници и спроведување на промоција на здравјето и превенција на болести, кои се клучни за понатамошниот развој на медицинската дејност во иднина. На Светот му требаат 9 милиони повеќе медицински сестри и акушерки доколку сака да постигне универзално здравствено покритие до 2030 година.

Услугите од медицинската сестра се однесуваат на автономна и колаборативна грижа за лица од сите возрасти, семејства, групи и заедници, болни или здрави и во сите услови. Тоа вклучува унапредување на здравјето, спречување на болести и грижа за болни, инвалидни и лица кои се на умирање. И покрај критичната улога што ја имаат во здравствената заштита, во светот има недостиг од медицински сестри, кој се очекува да се зголеми со порастот на популацијата, што ја зголемува потребата за обучени медицински сестри. Секоја земја има потреба од компетентна, мотивирана, добро дистрибуирана и поддржана здравствена работна сила како дел од глобалниот поттик за универзално здравствено покритие, а медицинските сестри се клучни во овие напори.

Со голема почит кон медицинските сестри за нивното залагање и пожртвувана работа и грижа за здравјето на населението во услови на пандемија, може да се каже: Вие сте нашите херои!

Извор: https://www.who.int/

Изготвил:

Оддел за здравствена промоција и следење на болести