• 27.10.2023

29 октомври - Светски ден во борбата против мозочен удар


 

Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40 минута едно лице починува од истата причина.

 Мозочниот удар е акутно настаната живото-загрозувачка состојба која настанува како последица на нарушено снабдување на мозокот со крв.

Мозочниот удар е состојба на акутна исхемија на централниот нервен систем, која настанува поради прекин или редукција на интрацеребралната циркулација. Ова се должи на тромбоза, емболија или спазам, или крварење на артериски крвен сад, кој во крајна мерка доведува до намалување на циркулацијата на одредена регија во зависност од подрачјето на васкуларизацијата и како резултат на тоа оштетување на мозочното ткиво.

 По својата природа постојат два вида мозочен удар – хеморагичен (мозочно крвавење) и исхемичен мозочен удар (мозочен инфаркт). Мозочното крвавење настанува поради прснување (руптура) на мозочен крвен сад. Oва настанува при нагло и прекумерно покачување на крвниот притисок.

Исто така, кај некои пациенти мозочното крвавење настанува и поради руптура на аневризма (проширување) на мозочен крвен сад. При руптурата на крвниот сад доаѓа до излевање на крвта во мозочното ткиво, при што доаѓа до нагло оштетување на дел од мозочните функции.

Исхемичниот мозочен удар настанува поради затнување (оклузија) на крвен сад во мозокот, при што настанува таканаречен мозочен инфаркт. Имено, при оклузија на крвниот сад доаѓа до престанување на циркулацијата во дел од мозокот, поради што настанува трајно oштетување на дел од мозокот-мозочен инфаркт.

Дефицитот на крвоснабдувањето доведува до намалување на кислородот или другите нутриенти во мозокот и води кон изумирање на мозочните клетки.

Некои луѓе може да имаат само привремена исхемија на мозочната циркулација и состојба која се нарекува транзиторна исхемична атака (ТИА), која за среќа не доведува до трајни невролошки оштетувања.

 Деведесет проценти од ударите се случуваат поради згрутчување на крвта,т.е. исхемични мозочни удари, настанати поради постоење на тромб во одреден дел од мозокот кој предизвикува изумирање на мозочното ткиво кое не може да преживее без кислород.

 Знаци и симптоми на мозочен удар, се следниве:

  • Отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија.
  • Парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните.
  • Проблеми со видот на едното или обете очи, редуциран вид или темни точки на едно или обете очи или двојно гледање.
  • Главоболка – нагла силна главоболка која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или пореметена свест.
  • Отежнато одење – атаксија, губиток на координација или нагла слабост.
  •  Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај ,,ИТНО,,!
  • Изнемоштеност во екстремитетите или парализа на едната страна на телото
  • Темни точки на едното или обете очи, редуциран вид или двојно гледање
  • Ненадејна/нагла силна главоболка
  • Отежнат говор

 

Ризик фактори кои доведуваат до мозочен удар

Исхемичниот мозочен удар како најчест тип на мозочен удар, настанува поради внатрешни и надворешни фактори, модифицирачки и немодифицирачки коишто често се во комбинација.
Фамилијарната историја за мозочен удар, возраст од над 55 години, машкиот пол, предходната транзиторна исхемична атака (ТИА), некои хемоглобинопатии (српеста анемија), перзистентен форамен овале (ПФО), генетска мајорна тромбофилија – се немодифицирани фактори кои што индивидуата не може да ги смени, ниту суштински да им влијае. Затоа кај овие пациенти се потребни почести контроли како и избегнување на провокативни фактори или состојби или одредена терапија.

 Модифицирачките фактори се: одржување на нормален крвен притисок под 130/80mm Hg, ниско ниво на холестерол во крвта, третман на кардиоваскуларните болести (перзистентен форамен овале, атријален септален дефект, митрална болест, aтријална фибрилација), контрола на периферната и каротидната болест или атеросклерозата, одржување на нормална телесна маса, прекин на пушењето, контрола на дијабетот, како и контрола на пациенти што имале подолга КОВИД инфекција.

 Тука не треба да се занемари и мигрената како предзнак за ТИА или мозочен удар и нејзината поврзаност со ПФО или интракранијална аневризма – најчеста причина за хеморагичен мозочен удар кај младите луѓе.

Дијагноза и терапија

Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус, невро-имиџинг методите од типот на компјутерска томографија и магнетна резонанца и доплер-сонографија на магистралните мозочни артерии  на каротидните и вертебро-базиларните. Терапијата може да биде конзервативна или хируршка надополнета со физикална терапија со цел побрза рехабилитација.

 Конзервативната терапија се состои во ординирање на лекови кои ја нормализираат густината на крвта, сите антиагрегациони лекови од типот на Аспирин и Клопидогрел и орали и парентерални антикоагуланси од типот на Варфарин, Ривароксабан, Хепарин и други. Доколку станува збор за хеморагични мозочни удари потребен е хируршки третман.

 

Превенција на мозочен удар

Според истражувањето од 2014 година на Американскиот центар за контрола и превенција на заболувања,  80% од кардиоваскуларните болести, вклучително срцев и мозочен удар, може да бидат превенирани, односно спречени!

 Најважните фактори на ризик во однесувањето за срцеви заболувања и мозочен удар се нездравата исхрана, физичката неактивност, употребата на тутун и штетната употреба на алкохол. Ефектите на факторите на ризик во однесувањето може да се појават кај поединци како покачен крвен притисок, покачена гликоза во крвта, покачени липиди во крвта и прекумерна тежина и дебелина. Овие „фактори на среден ризик“ може да се мерат во установите за примарната здравствена заштита и укажуваат на зголемен ризик од срцев удар, мозочен удар, срцева слабост и други компликации.

 Престанокот на употребата на тутун, намалувањето на солта во исхраната, конзумирањето повеќе овошје и зеленчук, редовна физичка активност и избегнување штетна употреба на алкохол се покажа дека го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Здравствените политики кои создаваат достапност на превентивни здравствени прегледи и едукација се од суштинско значење за мотивирање на луѓето да усвојат и одржуваат здраво однесување.

 Идентификувањето на оние со најголем ризик од кардиоваскуларни болести и обезбедувањето на соодветен третман може да спречи предвремена смрт. Пристапот до лекови за незаразни болести и основни здравствени технологии во сите примарни здравствени установи е од суштинско значење за да се осигура дека оние на кои им е потребно добиваат третман и советување.

 Посебен акцент треба да се стави на физикалната терапија која има значајна активност во процесот на рехабилитација и намалување на степенот на инвалидност.

 Превенцијата е многу значајна во успешното влијание со последиците од мозочниот удар. Навремено препознавање на некои симптоми и знаци (ТИА- Транзиторна Исхемична Атака, која претставува предвесник на мозочен удар или мини-удар), правилно лекување на хронични заболувања, редовно и навремено земање на пропишаната терапија, менување на стилот на живот, апстиненција од алкохол, цигари и дроги имаат значајна употреба во спречување на повторното појавување на мозочен удар.

 Мозочниот удар претставува една од петте причини за смртност и инвалидност на глобално ниво. Навременото препознавање и лекување има големо значење во намалување на морбидитетот и морталитетот од оваа болест.

 

Изготвил:

Оддел за здравствена промоција и следење на болести

 

Литература

https://www.who.int/health-topics/cardiovascular-diseases#tab=tab_1,

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%BE%D0%B7%D0%BE%D1%87%D0%B5%D0%BD_%D1%83%D0%B4%D0%B0%D1%80

https://drmitov.mk/mozocen-udar/

https://www.mozocenudar.mk/prevencija.html