- 07.12.2023
10 декември – Меѓународен ден на човековите права
На 10 декември 2023 година се одбележува 75-годишнината на едно од најреволуционерните глобални ветувања во светот: Универзална декларација за човековите права (УДЧП).
Овој значаен документ ги зацврстува неотуѓивите права што ги има секое човечко суштество - без оглед на расата, бојата на кожата, религијата, полот, јазикот, политичкото или друго мислење, националното или социјалното потекло, имотот, раѓањето или друг статус.
Декларацијата беше прогласена од Генералното собрание на Обединетите нации во Париз на 10 декември 1948 година и за првпат ги утврди основните човекови права кои треба да бидат универзално заштитени. Декларацијата е достапна на повеќе од 500 јазици, а со самото тоа стана и најпреведуваниот документ во светот.
Едногодишната иницијатива фокусирана на универзалноста, напредокот и ангажманот, ќе кулминира со настан на високо ниво во декември 2023 година, каде ќе бидат објавени глобалните залагања, идеи и визија за иднината на човековите права. Овој документ направи пресвртница во историјата на човековите права.
Темата за одбележување на 75 годишнината на Универзалната декларација за човековите права е : „ Слобода, еднаквост и правда за сите“.
Во децениите по усвојувањето на Декларацијата во 1948 година, човековите права станаа повеќе признати и погарантирани ширум светот. УДЧП оттогаш служи како основа за проширен систем за заштита на човековите права кој денес се фокусира и на ранливите групи како што се лицата со посебни потреби, домородните народи и мигрантите. Сепак, ветувањето на УДЧП, за достоинство и еднаквост во правата, беше под постојан напад во последниве години. Додека светот се соочува со нови и тековни предизвици – пандемии, конфликти, експлозивни нееднаквости, морално банкротиран глобален финансиски систем, расизам, климатските промени – вредностите и правата содржани во УДЧП, обезбедуваат водич за нашите колективни дејства кои не оставаат никого зад себе.
Иницијативата за човекови права 75, која трае една година, е да се направи обид за подигање на свесноста за зголемена акција и поголемо познавање на универзалноста на УДЧП и активизмот поврзан со него.
УДЧП ги обезбедува правата на сите човечки суштества без исклучок. Од правото на образование до еднаква плата. УДЧП за прв пат ги воспостави неделивите и неотуѓивите права на целото човештво. Како „заеднички стандард на достигнувања за сите народи и сите нации“, УДЧП е глобален план за меѓународни, национални и локални закони и политики и основа на Агендата за одржлив развој за 2030 година. Агендата за одржлив развој 2030 експлицитно укажува дека е втемелена во УДЧП и треба да се спроведува на начин кој ги поддржува и остварува човековите права. УДЧР инспирираше многу борби за поголема заштита на човековите права и им помогна да станат попрепознатливи.
Во (речиси) 75 години од прогласувањето на Декларацијата, човековите права напредуваа. Сепак, напредокот не значи дека борбата за правата и еднаквост некогаш ќе заврши. Секогаш кога и каде и да се напуштат вредностите на човештвото, сите ние сме изложени на поголем ризик. Решенијата за најголемите кризи на денешницата се вкоренети во човековите права. Прекршувањата на правата одекнуваат преку границите и низ генерациите. Овие прекршувања можат и мораат да бидат колективно надминати. Треба да се залагаме за нашите права и правата на другите. УДЧП ги повикува сите да застанат во одбрана на своите права, затоа што сите ние имаме значајна улога во одржување на мирот во светот.
Обврската за почитување значи дека државите мора да се воздржат од мешање или ограничување на уживањето на човековите права. Обврската за заштита бара од државите да ги заштитат поединците и групите од кршење на нивните права. Обврската за исполнување значи дека државите мора да преземат позитивни активности за да го олеснат уживањето на основните човекови права. Преку ратификацијата на меѓународните договори за човекови права, владите се обврзуваат да воспостават домашни мерки и законодавство компатибилни со нивните договорни обврски и должности. Онаму каде што домашните правни постапки не успеваат да ги решат прекршувањата на човековите права, механизмите и процедурите за поединечни жалби или комуникации се достапни на регионално и меѓународно ниво. На овој начин се обезбедуваат меѓународните стандарди за почитување и спроведување на човековите права на локално ниво. Сите индикации укажуваат на тоа дека е потребна економија која инвестира во човековите права и работи за сите луѓе без исклучок. Само на овој начин може да ја обновиме довербата и да ја прифатиме заедничката и сеопфатна визија за човековите права на патот кон праведен и одржлив развој.
Подготвено од: Оддел за здравствена промоција и следење на болести