Постојaт три главни групи на ризици по здравјето на населението во поплавениот регион:
- Физички повреди (исеченици, фрактури)
- Опасност од штетни микоорганизми
- Изложеност на штетни хемикалии (од земјоделството, труења од невнимателна употреба на хемиски средства, средства за чистeње и др.)
Доколку повредите односно исечениците се мали и површински најпрво треба да се измијат со исправна вода, а потоа соодветно да се третираат со антисептично средство (Betadine) или 70% алкохол, потоа потребно е на раната да се стави чиста, стрилна газа и/или ханзапласт.
Кога раната е подлабока и кога има помасовно крварење се прави притисок односно компресија на засегнатото место со чиста газа, завој (чиста крпа или пешкир) и веднаш се бара соодветна медицинска помош во најблиската здравствена установа за да се спречат поледиците кои би настананале од масовно крварење.
Најчести заразни болести кои се јавуваат во загрозени поплавени региони:
- Scabies
(шуга, краста)
Претставува инфективно, паразитарно заболување со карактеристични кожни промени и силно изразен јадеж. Предизвикувач на хуманиот скабиес е acarus scabiei var. hominis.
Пренесувањето на шугата настанува преку близок (интимен) телесен контакт, при кампување, кај деца што живеат во лоши хигиенски услови, индиректно преку облека, долен веш и чаршави за спиење. Инкубациониот период на шугата е 4 до 6 недели. Прв и водечки симптом е упорниот и мачен јадеж, особено изразен ноќе во топлиот кревет и во ходниците на предилекционите места: помеѓу прстите на рацете, рачните зглобови, лактите, предната под пазувна линија, околу градите, папокот, половината и скроро секогаш гениталната регија кај возрасни.
Поштедени се лицето, вратот, дланките и табаните кои се пак инволвирани кај мали деца и доенчиња. Важни дијагностички знаци се скабиозните канали-ходници, кои се ирегуларни или во форма на запирка, долги неколку милиметри. На крајот од каналот акарот може да се види скоро со голо око, во вид на црна точка. Доколку бидат забележани овие симптоми потребно е лицето/лицата веднаш да се јават на преглед во најблиската здравствена установа.
- Вирусен хепатит А
(епидемиски хепатитис, заразна жолтица) е акутно вирусно заразно заболување со добра прогноза, ретки компликации и со ниска смртност.
Заболувањето се пренесува по фекално-орален пат. Станува збор за заразна болест која може да се појави спорадично или во епидемиска форма, особено во лоши санитарно-хигиенски услови, после поплави или други природни катастрофи. Вирусот на хепатит А е РНК вирус и припаѓа на фамилијата Picornaviridae, кој по своите морфолошки и биохемиски својства е сличен на ентеровирусите. Единствен резервоар на вирусниот хепатитис А е човекот, без разлика дали е заболен со типична, со нетипична клиничка слика или асимптоматска форма на заболување. Вирусот може да се најде во столицата, крвта, жолчката, а поретко и во урината на заболениот. Заболениот е заразен во текот на втората половина од инкубациониот период, со појавата на жолтицата заразноста почнува да се намалува, односно трае неколку дена по појавата на жолтицата. Главен пат на пренесување е фекално-оралниот пат на пренесување од човек на човек (болест на нечисти раце) односно директен контакт, кој се остварува преку раце контаминирани со фецес во кој се наоѓа вирусот. Исто така, инфекцијата се пренесува и со индиректен контакт преку контаминирани предмети за лична или општа употреба.
Децата се најмногу подлежни на овој тип на зараза, а заразната жолтица обично има поблаг тек и пократко трае. Појавата на вирусите зависи од санитарната состојба на околината, хигиенските навики и големината на групата која е во близок контакт (семејство, предучилишни, училишните установи и сл.). За разлика од земјите со низок хигиенски стандард, хепатитис А во развиените земји, со подобри социоекономски услови на живот се јавува во повозрасните категории.
Значаен пат на пренесување е водата, посебно во околности на лошо водоснабдување (индивидуални водени објекти и помали локални, нередовно контролирани водоводи, посебно после поплави или поголеми хаварии). Тогаш хепатитисот А обично се јавува во форма на масовни епидемии со екплозивен карактер и ги зафаќа сите возрасни групи.
Храната е најредок пат на пренесување, обично онаа која не е термички обработена (пр. салати, сендвичи, овошје, морски плодови и сл.) или термички обработени храна која е секундарно контаминирана од оние кои ракуваат со храната (затоа е значајно здравствено да се контролираат лицата кои работат со храна во Центрите за јавно здравје или Институтот за јавно здравје на Република Македонија!). Инкубација односно времето кое поминува од моментот на влегување на вирусот во организмот до појавата на првите симптоми на болеста изнесува од 15 до 50 дена (најчесто околу 30 дена).
Симптоми на болеста се: покачена температура, слабост, губиток на апетит, гадење и повраќање, а понекогаш и пролив. Може да се јави болка под десниот ребрен лак, а по неколку дена од појавата на првите симптоми се забележува темна урина (боја на пиво), столица со светла боја и појава на пожолтување на кожата и белките на очите. Најчесто, симптомите исчезнуваат за 1-2 недели, но потполното опоравување трае подолг временски период (4-6 недели). Болеста може да има различен клинички тек, од асимптоматска форма (особено значајна за ширење на инфекцијата) или лесна клиничка слика до тешка форма, која може да трае и неколку месеци, но која е исклучително ретка. Симптомите на болеста зависат од состојбата на заболениот, но и од неговата возраст. Во детската возраст посебно во првите години од животот, болеста е блага, и често поминува незабележливо. Меѓутоа, инфекција кај возрасните лица може да добие потешка форма. Болеста обично поминува спонтано, и никогаш не поминува во хронична форма.
- Ентероколит
Ентероколитот е воспалително заболување на слузницата на тенкото и дебелото црево, како одговор на инфекција или хемиски стимуланси. Кракатеристични знаци, симптоми на ентероколитот се дигестивни нарушувања заедно со знаци на интоксикација, како резултат на дијареа и дехидратација. Ентероколитот може да го предизвикаат бактерии, паразити, токсини и др. Најчесто во медицинската пракса акутниот ентероколит протекува со ненадејна појава на интензивна абдоминална болка особено во долната половина на стомакот, подуеност, чести позиви за дефекација, течни столици а кај некои видови на ентероколит има крв и слуз во столицата.
Освен овие симтоми, ентероколитот го карактеризираат и придружни симтоми како треска, летаргија, болки во згобовите, општа слабост.
Превентивни мерки
Основната превенција од овие заразни заболувања е иста како и кај другите заразни заболувања т.е. редовно одржување на лична и општа хигиена. Континуираните едукации на населението за секојдневно одржување на добри хигиенски навики се најдобар начин во превенцијата. Правилното миење на рацете со сапун и со хигиенски исправна вода по секое користење на тоалет, пред и во текот на подготвувањето на храната, како и пред секое консумирање на намирници, сосема е доволно да се спречи контактното ширење на овие инфекции. Исто така, важно е да се употребува хигиенски исправна вода за пиење и да се води сметка за хигиенската диспозиција на отпадните материи.
Мерки за сузбивање на епидемија
Задолжително е пријавување на сите заболени лица. Се спроведува постојана дезинфекција (во тек на целиот период на инфективноста), како и крајна дезинфекција на излачените материи од болниот и предметите со кои заболениот бил во контакт. Доволна е домашна изолација на болните, болничко лекување се спроведува доколку не постојат можности за домашна нега или во случај на тешка клиничка слика. Спроведување на епидемиолошка истрага за утврдување на начинот на пренесување на инфекцијата, установување на изворот и/или изворите на зараза и нивно отстранување.