лиде

Денес, на 15 декември 2021 година не’ напушти Лидија Николовска, инженер по физика и специјалист по медицинска нуклерна физика, НАТО-експерт, раководител на Одделението за радијациона заштита во Институтот за јавно здравје на Р. С. Македонија, признат и докажан  стручњак за јонизирачко зрачење и радијациона дозиметрија, и пошироко, беспрекорен професионалец во работата.

Пред да биде назначена за раководител на Одделението за радијациона дозиметрија, Лидија Николовска од 1983 до 1988 година  беше асистент за наука во Центар за примена на радиоизотопи во науката и стопанството.

Во 1988 година, станува дел од експертските тимови на тогашниот Републички завод за здравствена заштита, денешниот Институт за јавно здравје,  како самостоен стручен аналитичар во Одделението за радијациона заштита до 2005 година, од кога станува раководител на истото Одделение, се’ до последниот работен ден.

Долг е списокот на експертските и професионални ангажмани преку кои Лидија Николовска со своето знаење и стручност  има забележителен  придонес, не само во рамките на Македонија и регионот туку и во светски размери.

Во оваа прилика ќе ги издвоиме следните: Раководител на проект на ТЛ дозиметрија на професионално изложени лица на јонизирачко зрачење, IAEA – Виена 1995-1997г.,Раководител на проектот за Националана калибрациона лабораторија за јонизирачко зрачење, Проектот за гамма спектрометриска анализа, Национален администратор на извори на јонизирачко зрачење на РМ 1998-2005г., надворешен експерт – консултант во мисијата на IAEA во Црна Гора, Босна и Херцеговина и Република Српска во текот на 2005, Албанија 2006г., Австрија – Виена од 2005-2009г.,Координатор на Македонија на регионален проект IAEA-RER 9089 од 2007г, Предавач на тренинг курсеви за регулатори во организација на IAEA во Литванија и Казахстан, во текот на 2008 – 2009г, именуван експерт од НАТО – Брисел за детекција на јонизирачко зрачење и радијациони вонредни состојби во период 2010 – 2014г., и бројни обуки, тренинзи и работилниции од областа за која беше врвен стручњак.

Меѓу другото Лидија Николовска беше основач и прв директор на Дирекцијата за Радијациона сигурност.

Лидија Николовска остави многу зад себе, по што и ќе биде запаметена, не само во нејзината матична институција, туку и многу пошироко.

Денес се простуваме од тебе со огромна благодарност за твојот несебичен придонес, што ќе биде потсетник за тоа како заминуваат експертите и професионалците.

Почивај во мир!