Институтот за јавно здравје на Република Македонија, во партнерство со НВО Новинари за човекови права, и во ко-организација со заедничкиот Секретаријат на Протоколот за вода и здравје на Економската комисија на Европа на ОН (ОНЕКЕ) и Светската здравствена организација Регионалната канцеларија за Европа (СЗО/Европа) одржа работилница за Проценка на еднаков пристап до вода и санитација и мали системи за водоснабдување и санитација во Република Македонија во Скопје од 16-17 јуни 2015 година. За целите на Работилницата говореше Директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, од страна на СЗО/Европа се обрати Г-динот Оливер Шмол и од ОНЕКЕ свое воведно излагање имаше Г-ѓата Шантал Демилкамп.

Работилницата има цел да започне со вежба за само-проценка на состојбата на пристап до вода и санитација во услови на еднаквост преку користење на Бодовната картичка за еднаков пристап, како и да се консултираат националните чинители за состојбата на малите системи за водоснабдување и санитација во земјата. Работилницата се одржа во Хотел Континентал во Скопје. На работилницата присуствуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерство за здравство, Агенција за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје на РМ, од Центрите за јавно здравје, Амбасадата на Франција, Амбасадата на Швајцарија, Канцеларијата на СЗО-Скопје, Црвен крст на Република Македонија, АДКОМ, ЈП Водовод и канализација Скопје, T-mobile, НВО  и др.

Стручниот дел од Работилницата го водеше Проф. д-р Михаил Кочубовски, Раководител на Сектор за здравствена екологија при Институтот за јавно здравје на Република Македонија. За време на работилницата беше презентирана преведената публикација „Бодовна картичка за еднаков пристап во поддршка на политичките процеси за постигнување на човекото право до вода и санитација“ на македонски и албански јазик. Истата беше поделена на сите учесници. Електронската верзија на македонски, албански и англиски јазик ќе биде постирана на веб страната на Институтот.

Работилницата се одржа со поддршка на Министерството за здравство, социјална политика и права на жените од Франција.

PDF БРОШУРА – БОДОВНА КАРТА ЗА ПРИСТАП ДО ВОДА И САНИТАЦИЈА