Малигните заболувања, заедно со кардиоваскуларните болести се  водечка причина за смрт во светски рамки и кај нас. Во светот ракот на грлото на матката (РГМ) се наоѓа на 4 место како најчест вид на рак и 4 место како причина за смрт кај жените. Во 2012 година имало 528.000 случаи на откриен РГМ. Во истата година имало 266.000 смртни случаи. Над 80% од РГМ е во земјите во развој. [1]

РИЗИК ФАКТОРИ

Американското здружение за рак ја нуди следнава листа на ризик  фактори од рак на грло на матка:

  • инфекција со хуман папилома вирус (ХПВ), ХИВ, хламидија
  • стрес и нарушувања поврзани со стрес
  • начин на исхрана
  • пушење
  • повеќекратни бремености
  • изложеност на хормоналниот препарат диетилстилбестрол (DES)
  • фамилијарна историја на рак на грлото на матката, и други. [2]

ХПВ

Инфекцијата со Хуман папилома вирусот (ХПВ) е чест фактор за развојот на речиси сите случаи на рак на грлото на матката. ХПВ инфекциите се многу чести и се јавуваат кај околу 80 проценти од сите сексуално активни луѓе, без разлика дали тие имаат симптоми или не. Линкот меѓу ракот и ХПВ е предизвикување на  промени во клетките на грлото на матката, кои можат да доведат до развој на цервикална интраепителна неоплазма, која може да доведе до рак. ХПВ инфекциите  обично не даваат никакви  симптоми, така да партнерите  може да не се свесни за сегашните или минатите ХПВ инфекции. Во Република Македонија од 05.10.2009 година со одлука на Министерот за здравство, се воведува ХПВ вакцина за девојчиња на возраст од 12 години. Оваа вакцина стана задолжителна во 2010 година. [3]

ЗНАЦИ И СИМПТОМИ НА РАК НА ГРЛО НА МАТКА

Ракот на грлото на матката може да се манифестира со вагинално крварење, но симптомите   можат да бидат отсутни се до моментот кога ракот не дојде во  напредната фаза.   Првите препознатливи симптоми на болеста се:

  • водлест или сукрвичав секрет од вагината, обилен и со непријатен мирис
  • крварење од вагината во текот и по половиот однос, меѓу две менструации или по менопаузата, менструациите се пообилни и траат подолго од вообичаено
  • умерена болка за време на сексуален однос.

ПОТЕНЦИЈАЛНИ ПРЕКАНЦЕРОЗНИ ЛЕЗИИ

За премалигни диспластични промени се употребува CIN (цервикална интраепителна неоплазија) градација. Овој термин ја класифицира лесната дисплазија како CIN1, умерената дисплазија како CIN2 и тешка дисплазија како CIN3 (CIS).

МОРБИДИТЕТ И МОРТАЛИТЕТ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во Република Македонија стапкaта на новорегистрирани случаи на РГМ се движи околу 22,5 на 100.000 жители.[4] Во Република Македонија во последните неколку години вкупниот број на новозаболени од малигни неоплазми покажува блага позитивна развојна тенденција, со учество на 3-6 место како најчеста примарна локализација на рак кај жените. Стапката на морталитет од рак на грлото на матката бележи тренд на опаѓање (од 2000 година кога било регистрирано 6,5, до 2015 година кога се регистрирани 3,8 на 100.000 жени).

       Дијаграм 1

dijagram1

 

Извор: Државен завод за статистика
Обработка: Институт за јавно здравје на Република Македонија

 

 

Превентивни активности во Република Македонија

Со цел намалување на инциденцата и смртноста на жените од рак на грло на матка во Република Македонија, Владата на Република Македонија секоја година донесува Програма за рана детекција на малигни заболувања во Република Македонија каде составен дел е и Програмата за рано откривање и спречување на ракот на грлото на матката преку која последниве неколку години се спроведуваат неколку активности за превенција на ракот на грло на матка.

Во 2012 година се започна со организиран скрининг на рак на грлото на матката во Република Македонија за жени на возраст од 24-35 години. Следната година бесплатни ПАП тестирања се правеа на жени 36-48 години, а третата година на жени од 49-60 години. Целта е да се превземе правовремена интервенција и лекување за да се спречи развој на манифестна болест. Активностите за оваа цел ги спроведуваат Министерството за здравство со Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје, матичните гинеколози и цитолошките лаборатории.

Бројот на прегледаните жени, односно бројот на направените Пап тестови при организираниот скрининг на рак на грлото на матката во Република Македонија во период 2012-2015 се зголемува. Во 2012 година се направени 17595 Пап тестови, а во 2015 година 29887.

РЕЗУЛТАТИ ОД ПРЕВЕНТИВНИТЕ АКТИВНОСТИ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНО НИВО ЗА СКРИНИНГ НА РАК НА ГРЛО НА МАТКА ВО РЕПУБЛИКА  МАКЕДОНИЈА

Од цитолошки анализираните брисеви во 2014 година, кај 3.8%  се најдени епителни клеточни абнормалности, додека во 2015 овој процент изнесува 2,9%.

Во првото полугодие од 2016 година, од вкупно анализирани 15099 препарати, откриените клеточни абнормалности изнесуваат 12% од вкупниот број направени Пап тестови. Меѓу нив, најзастапена е групата жени кај кои е откриен ЦИН 1 (со учество од 41,5% во вкупниот број откриени клеточни абнормалности), после што следи ХПВ (34,1%), АСЦ-УС (13,6%) и ЦИН 2 (7,9%). ЦИН 3/ЦИС учествува со 1%. Откриени се еден случај на инвазивен плочест карцином и 2 случаи на плочест карцином суспектен за инвазија.

Ова зборува за оправданост на Програмата, чија  цел е рано и навремено откривање и спречување на ракот на грлото на матката во латентната и/или раната симптоматска фаза. На овој начин ќе се  намали инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матката во Република Македонија, што е и основна цел на оваа Програма.

 

ПРЕВЕНЦИЈА НА РАК НА ГРЛО НА МАТКА

Ракот на грлото на матката може да се превенира преку примена и имлементација на следните превентивни активности:

  • Скрининг, рана детекција со спроведување на редовни ПАП – тестови и други дијагностички тестови
  • Промена на лошите навики кај возрасното население, кои се поврзани со ризикот од овие заболувања (неправилна исхрана, пушење, физичка неактивност, незаштитен сексуален контакт)
  • Намалување на факторите на ризик преку ограничување на сексуалните партнери и сексуалниот однос да биде заштитен со употреба на кондом 
  • Примена на ХПВ вакцинација.

 

[1] World Health Organization. Comprehensive Cervical Cancer Control, a Guide to essential practice. 2014: 8

[2] Институт за јавно здравје. Информација за состојбата и постигнатите резултати од скрининг за рак на грло на матка во 2014 година кај жените во РМ. 2014 :6

[3] Правилник за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лица кои подлежат на овие мерки, начин на изведување и водење на евиденција и документација (Сл. весник бр. 65/2010)

[4] http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2013/01/hpv-i-pap.pdf