Во рамките на Двегодишниот договор за соработка помеѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација (2012/2013), а како дел од приоритетот: Здравствена безбедност, одговор и подготовка при кризни состојби продолжено е со имплементација на активностите започнати во 2007 година.
Во соработка помеѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација (СЗО) на 22.05.2013 година одржана е “Симулациона вежба за проверка на подготвеноста на службите за итна медицинска помош во Струмица”.
За таа цел, Министерството за здравство, односно Националните соработници со СЗО при кризни
состојби Проф. д-р Михаил Кочубовски (ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Македонија) и Прим. д-р Жарко Шутиновски (Министерство за здравство), во соработка со Д-р Весна Неделковска (Координатор за ИМП со СЗО) и Д-р Анета Тргачевска (Црвен Крст на РМ) и М-р Маргарита Спасеновска од СЗО ја испланираа симулационата вежба со цел да се подигне степенот на подготовка при кризни состојби. Во контекст на подготовката на здравствениот сектор и другите релевантни сектори за одговор при топлотни бранови и како последица од нив шумски пожари и влијание на здравјето на луѓето, а во рамките на Стратегијата за адаптација на здравствениот сектор кон климатски промени во Република Македонија со акционен План и Акциониот план за заштита на здравјето на населението од топлотни бранови се организира симулациона вежба за справување со штетните влијанија од истите. Симулационата вежба е одржана во Струмичкиот регион со учество на Општата Болница-Струмица и Итна медицинска помош при Здравствен Дом-Струмица.
На 22.05.2013 година беше одржана симулациона вежба на тема “Шумски пожар со поголем број повредени и со изгореници”. Вежбата беше испланирана од страна на Министерството за здравство во соработка со СЗО (стручна и финансиска поддршка) и Итна медицинска помош при Здравствен Дом – Струмица и Општата Болница-Струмица, Црвен Крст на РМ, Министерство за внатрешни работи (СВР Струмица), Регионален Центар за управување со кризи-Струмица, Противпожарна служба-Струмица, Дирекцијата за заштита и спасување и Општина Струмица.
Со цел за успешно спроведување на планираниот приоритет и вежбата беа користени новите тријажни картони и Прирачникoт за улогата, задачите и обврските на Службите за итна медицинска помош при несреќи со повеќе повредени и при масовни несреќи. Истите беа успешно тестирани на претходната вежба во Битола/Прилеп во ноември 2012 година.
За правилна подготовка за навремено и исправно укажување на итна медицинска помош при масовен трауматизам од страна на ЈЗУ Здравствен Дом и Општата Болница – Струмица беа подготвени и усвоени од Управниот Одбор Оперативни Планови за организација на итна медицинска помош во услови на кризни/вонредни состојби.
За правилен и навремен одговор за прифат и укажување на медицинска помош со дијагностички и терапевтски процедури при зголемен прилив на пациенти (повредени/заболени) во 2008 година подготвен е План за одговор при вонредни/кризни состојби на ниво на ЈЗУ Општа Болница-Струмица во кои се опфатени и обврските на Здравствениот Дом и Центарот за јавно здравје во Струмица. Истиот е ажуриран со протоколите за топлотни и студени бранови согласно со Акционите планови за топлотни и студени бранови.
На 22 мај 2013 година, во 07.00 часот, пожар го зафати регионот на Бања Банско во Струмица. Пожарот, поради сувоста на земјиштето од претходните високи температури, го зафати шумскиот предел во околината на бањите и околу 09.30 часот се прошири на објектот за рехабилитација, Бања Банско. Повеќе од 20 лица, поголемиот дел ранливи групи, требаше да бидат евакуирани.
Вежбата беше активирана со повикување на 194 – ИМП Струмица од местото на настанот во 10.21 часот. ИМП Струмица се јави на ЦУК Струмица преку 195, кој ги активираа ОБ Струмица и преку 193-Противпожарната служба Струмица во 10.23 часот, како и СВР во Струмица. Повикувањето заврши во 10.26.
Припадниците на СВР-Струмица го обезбедуваа местото на настанот и транспортот на повредените кон Струмица. Својата обврска ја извршија одлично.
Првото возило од противпожарната служба од Струмица пристигна за 15 минути заедно со возилото на ИМП Струмица. Гаснењето на пожарот и обезбедувањето на пристапот заврши за 3 минути, а потоа продолжија со превентивно гаснење. ПП службата стартуваше со евакуација на повредените кои останале во опожарениот појас во 10.36 на правилен начин. Пожарникарите од ПП службата од Струмица користеа формациска опрема за евакуација на повредените. Својата обврска ја извршија одлично.
Беше назначен тим координатор од ИМП-Струмица согласно со претходно подготвениот Оперативен План од ИМП и стартуваше со работа во 10.36. Прифатното место на настанот беше воспоставено во 10.37. Беше извршена примарна тријажа на повредените (СТАРТ), 40 секунди по повреден (1-4 категорија). Тријажата на повредените (2 со потешки фрактури, 2 со повреди на екстремитети, 8 со изгореници на различни делови од телото, 4 со труење со чад и згореници на дишните патишта, 2 со конјуктивит и 2 лица со напад на паника) беше спроведена во согласност со тријажните картони подготвени и со извршена обука на здравствениот персонал пред вежбата.
Укажување на прва медицинска помош од страна на првиот лекар и на првиот медицински тим (отварање на дишни патишта, оксигенотерапија, имобилизација, преврски) извршени коректно и навремено за време од 1 минута по пациент (според планираното). Пополнувањето на тријажните картони изнесуваше 40 секунди по пациент (согласно со стандардот). Повредените лица беа членови на Црвен Крст-Струмица и тие беа шминкани за да биде реалистична вежбата. Сите останати санитетски возила пристигнаа до 10.45. Третманот на повредените со изгореници се вршеше во ЈЗУ Општа Болница-Струмица. Се вршеше постојана ретријажа на местото на настанот од страна на тријажните екипи.
Евакуацијата и транспортот на повредените беа вршени со правилна положба на повредените (лежечки/седечки-со повреда на градниот кош). Диспечерскиот центар на ИМП-Струмица беше во постојан контакт со Општата Болница-Струмица преку мобилен телефон за информирање на болницата за бројот на повредени, типот на повреди и времето на поаѓање од местото на настанот, како и очекуваното време на пристигнување до општата болница заедно со координаторот на терен. По извршена ретријажа и укажаната медицинска помош во болницата 3 лесно повредени беа пуштени дома. Последниот повреден беше транспортиран во болница во 11.44. Времето на транспорт на повредените изнесуваше 20 минути по тура. Транспортот на повредените беше без застој со поддршка од МВР кои ја обезбедија целата траса од местото на настанот, долж патот, па сé до Општата Болница.
Прифаќањето, ретријажата и здравственото згрижување на повредените во Општата Болница-Струмица беше спроведено согласно со активираниот План за подготовка и одговор при кризни состојби со тимови (доктор-хирург и анестезиолози, медицински сестри и болничари) со помош од обезбедувањето. Симулационата вежба заврши во 12.15 часот (со завршување на дијагностичкиот и терапевтскиот третман во болницата согласно со постоечкиот План). Беа хоспитализирани 12 повредени на одделение, 4 во шок соба и 1 на очно одделение. Хоспиталниот третман беше спроведен како во реални услови.
Согласно со Акциониот план за топлотни бранови во болничките соби беше обезбедена студена зона со евиденција на собната температура. Се водеше евиденција за прифат од страна на одговорната сестра, а комуникацијата и информирањето на роднините за здравствената состојба на повредените го спроведе Главната медицинска сестра преку информативен деск. Времето на сценариото се совпадна со реалното време.
Од 12.30-13.10 во Општина Струмица беше извршена евалуација и беа донесени заклучоци и препораки. Симулационата вежба беше оценета како одлична заради темелните подготовки кои започнаа неколку месеци порано. Вежбата беше успешна како резултат на одличната координација на различните чинители и без пречки изведената евакуација и транспорт на повредените.
Беа нотирани извесни слабости во делот на тријажата и во ракувањето со опремата, кои во текот на вежбата беа надминати.
За подобрување на квалитетот на одговорот при несреќи со голем број на повредени во идниот период се предлага да:
- се спроведува континуирана медицинска едукација и редовна обука на тимовите за итна медицинска помош;
- итните медицински служби да се поврзат со радио врска преку имплементација на 112;
- се одржуваат симулациони вежби за проверка на степенот на подготвеноста на тимовите за итна медицинска помош (еднаш годишно интерна проверка од страна на менаџерскиот тим);
- Општата болница, самоиницијативно, еднаш годишно да организира состанок за проверка и ажурирање на Планот за одговор при кризни состојби;
- да се обезбедат санитетски возила со клима за потребите на итните служби во рамките на болниците;
- Министерството за здравство да врши ненајавена проверка на подготвеноста за одговор при кризни состојби на Универзитетските/Клиничките/Општите Болници и итните медицински служби при Здравствените Домови по една годишно во различни делови од Република Македонија;
- тимовите за итна медицинска помош да бидат унифицирани во исти работни облеки со означување на здравствената установа на која припаѓаат;
- да се користат унифицираните протоколи при итни состојби и масовни несреќи за службите на итна медицинска помош;
- потребно е итно ажурирање на Плановите за одговор при кризни состојби со протоколите за топлотен бран согласно Акциониот план за превенирање на последиците од топлотните/студени бранови врз населението во Република Македонија.
Настанот беше покриен од националните и локалните јавни медиуми и после вежбата беше дадена и изјава за медиумите. Вежбата беше снимена за потребите на релевантните институции (обука).