На 18 Ноември во периодот од 15.40h до 17.00h на аеродромот „Александар Велики“ се одржа симулациска вежба со учество на повеќе надлежни субјекти, со цел да се направи прво тестирање на стандардните оперативни протоколи (СОП) по однос на постапување, комуникација и координација на здравствениот систем во Р. Македонија, при можна појава на опасна заразна болест – Ебола.

На вежбата присуствуваа Министерот за здравство г-дин Никола Тодоров и Директорката на канцеларијата на СЗО за Европа Зузана Јакаб, како и повеќе министри, заменици министри и делегирани лица од страна на министерствата на 9 соседни држави, членки на Здравствената мрежа на југоисточна Европа (EXTRAORDINARY MINISTERIAL MEETING OF THE SOUTH EASTERN EUROPE HEALTH NETWORK).

Вежбата беше поддржана од страна на канцеларијата на СЗО-Скопје, а учество со свои претставници имаа повеќе институции  од здравствениот и други сектори во Република Македонија.

Активно учество во организацијата, пишувањето и презентацијата на сценариото пред гостите од СЗО и министрите за здравство, имаа повеќе лица од институции на здравствениот и други сектори. Улогата на  наратор на вежбата ја имаше Прим. д-р Жарко Караџовски, од Институтот за јавно здравје и Прим. д-р. Јованка Костовска од Министерството за здравство.

На вежбата беше презентирана симулација за пренесување на опасно заразно заболување (Ебола) од страна на 2 лица со потекло од Либерија, кои пристигнуваат на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.

Во понатамошниот дел, здравствениот систем ги превзема сите неопходни мерки и активности согласно донесениот Протокол за постапување и известување од влезна точка аеродром Александар Велики-Скопје, при јавно здравствена вонредна или итна појава на настан од меѓународно значење, чија етиологија е биолошки агенс, а е во рамките на Меѓународниот Здравствен Правилник. (МЗП 2005).

Според сценариото на вежбата, двајца студенти со потекло од Либерија, кои по престојот во матичната држава, при враќањето во Македонија се пожалиле на симтоми кои упатуваат на оние на болеста ебола: покачена телесна температура, гадење, повраќање, тегоби во стомакот, малаксаност, изнемоштеност. Согласно усвоениот оперативен план, се известени Контрола на летање на аеродромот, надлежните служби (медицинскиот тим на аеродромот, Центарот за управување со кризи (ЦУК), аеродромското обезбедување и МВР.

Медицинскиот тим на аеродромот веднаш воспоставува контакт со Државниот санитарен и здравствен инспекторат  (ДСЗИ) и Министерството за здравство (МЗ).

ДСЗИ го известува Тимот за брз одговор и интервенција, кој со полна заштитна опрема, веднаш се подготвува за активност на терен. Тимот се состои од 2 санитетски возила, односно од 4 члена – инфектолог, епидемиолог и двајца доктори од медицинскиот тим на аеродромот. Констатирано е дека се работи за сомнителни случаи на Ебола, согласно добиените упатства од Тимот за брза проценка на ризик, кој е сместен во МЗ.

Лицата со симптоми мораат да се пренесат во соба за изолација – од каде потоа ќе бидат хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести.

Извршена е целосна дезинфекција на авионот, на патеката за движење и се превземени мерки за сместување во карантин на патниците кои седеле во близина на болните, како и на стјуардесите.

Останите патници, се спроведени до излезната пасошка контрола и им е поделен едукативен материјал, а со решение од ДСЗИ тие се ставаат под здравствен и епидемиолошки надзор во траење од 21 ден, колку што изнесува инкубациониот период на болеста Ебола.

Вежбата заврши успешно, и беше проследена со голем интерес од страна на присутните гости, како и многуте телевизиски и електронски медиуми кои известуваа од аеродромот „Александар Велики“.

132381494-520x290