ЕПИДЕМИОЛОШКИ НАДЗОР
Во текот на 45-та недела од 2017 година (од 06.11.2017 – 12.11.2017), во Република Македонија пријавени се 47 (I=2,3/100.000) новозаболени на групни пријави за заболени од грип, што е намалување во споредба со минатата недела (130).
Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво (Графикон 1).
Графикон 1. Нивоа на интензитет и неделна дистрибуција на заболените од грип/заболувања слични на грип според очекувана епидемиска крива 2010-2017, сезона 2016/2017 и сезона 2017/2018
Во 45-та недела најголем број заболени се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца е регистрирана кај најмалите, децата од 0-4 години.
Оваа недела најголем број заболени и највисока инциденца се пријавени од подрачјето на ПЕ Дебар (11; 39,6/100,000).
Во сезоната 2017/2018 вкупниот број на заболени од грип изнесува 300 (I=14,5/100.000).
Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи. Вкупно во оваа сезона, пријавени се заболени лица од 19 ЦЈЗ/ПЕ, а само во 6 од нив бројот на пријавени заболени лица е над 10. Најголем број на заболени лица се регистрирани во ПЕ Гостивар.
Во однос на заболените по возрасни групи, најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 64,3%, а најголема инциденца се регистрира кај лицата над 65 години.
ВИРУСОЛОШКИ НАДЗОР
Во текот на 45-тата недела од 2017, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 4 материјали за тестирање на грип – негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.
Од почетокот на сезоната 2017/2018, во оваа лабораторија пристигнати се вкупно 28 хумани материјали од здравствените установи – негативни за присуство на вирусот на грип.
ЕПИДЕМИОЛОШКИ КОМЕНТАР
Релативно малиот број на регистрирани случаи на грип, кој е под неделната граница за сезонска активност, како и негативните резултати добиени од вирусолошкиот надзор одат во прилог на ниска (вон-сезонска) активност на вирусот на грип на територија на Р. Македонија.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Во епидемиолошките служби на ЦЈЗ/ПЕ вакцинацијата започна на 17 октомври, а на располагање за вакцинација за оваа сезона се 27.997 дози на вакцина.
Според пристигнатите извештаи од страна на ЦЈЗ/ПЕ, вакцинирани се 27.937 лица заклучно со 45-та недела на територијата на РМ, или искористени се 99,8% од вкупно набавените вакцини. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 65 години – 60,5%. Од вкупниот број вакцинирани, 75,2% се со историја на хронично/и заболување/а.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
Согласно извештајот на Flu News Europe (за 44 недела/2017) за состојбата со грип во сезоната 2017/2018 во Европа, активноста на вирусот на грип останува на ниско ниво со спорадична или локална детекција на вируси на грип во 40% земјите од регионот. Потврдени се како позитивни 1% од тестираните од сентинел надзорот.
Досега предоминира инфлуенца А со 55,4%, а 68,2% од нив се субтипизирани како А (H3N2).
Ситуацијата е вообичаена за овој период од годината.
Сектор за контрола и превенција на заразни заболувања
Институт за јавно здравје