MRSA претставува метицилин резистентен Staphylococcus aureus, бактерија од видот на Staphylococcus aureus која развила отпорност кон метицилин (тип на пеницилин) и други антибиотици кои најчесто се користат за лекување на стафилококни инфекции.
Staphylococcus aureus е бактерија која може да се најде во носот и на кожата (особено во влажни регии како пазуви, препони, раце) кај една третина од здравата популација. Обично е безопасна, освен кога ќе влезе во телото преку исекотина или друга рана, па дури и тогаш предизвикува само мали кожни промени, особено кај здравите луѓе.
Колонизација
Носителство на MRSA во носот или на кожата без да предизвика симптоми и клинички знаци на болест се нарекува колонизација. Се проценува дека 1% од лицата кои се носители на Staphylococcus aureus се колинизирани со MRSA.
Инфекција
Ако MRSA успее да навлезе во телото, и тоа најчесто преку исекотини или други рани и таму почне да се размножува, ќе предизвика инфекција пратена со различни симптоми зависно од местото на инфекцијата. Може да се манифестира како инфекција на кожата (пратена со мозолчиња и чиреви), воспаление на белите дробови до сепса. Инфекција со MRSA не е закана за здравите луѓе, вообичаено предизвикува инфекција кај лицата со ослабен имунолошки систем.
Типови на MRSA инфекција
Најчесто, MRSA инфекција се стекнува за време на хоспитализација или престој во други здравствени установи, како што се домови за стари лица или центри за дијализа. Овој тип на MRSA инфекција се нарекува болничка MRSA (Health care-Associated MRSA – HA-MRSA).
Друг тип на MRSA инфекција се појавува во пошироката заедница, меѓу здравата популација. Овој тип на MRSA инфекција се нарекува вонболничка MRSA (Community-Associated MRSA – CA-MRSA).
Како се пренесува?
MRSA е присутна во целата заедница, но е почеста во болниците и здравствените установи со подолг престој (домови за стари лица, центри за хемодијализа). Доколку луѓето имаат MRSA на своите раце, тие може да ја пренесат на други луѓе или на предметите што ги допираат.
Како се открива MRSA?
MRSA може да се открие само со микробиолошки преглед. За преглед на клицоносителство, кај здрави лица се зема брис од нос, грло, препони или перианална регија. Од лица со инфекција на МРСА, зависно од клиничката слика и симптомите на болеста се зема брис од нос, грло, кожни промени, рани, крв итн. За микробиолошката анализа се потребни 2-3 дена.
Препораки како да се спречи пренесувањето на вонболничка MRSA (Community-Associated MRSA – CA-MRSA)
Едноставни мерки за хигиена кои ќе го намалат ризикот од ширење на MRSA:
- Често мијте ги ги рацете со топла вода и сапун!
- По миење на рацете, темелно исушете ги со хартиена крпа!
- Користете гел или течност за дезинфекција на рацете кое содржи алкохол во услови кога сапунот и водата се недостапни. Може да се користи и кога рацете изгледаат чисти!
- Не допирајте рани, оштетена кожа и инвазивни направи, освен ако медицински совет дал вашиот професионалец!
- Отворена рана или оштетена кожа задолжително треба да биде покриена!
- Не земајте антибиотици без совет од вашиот лекар. Несоодветно и интензивна употреба на антибиотици, може да го интензивира ширењето на отпорни бактерија!
- Доколку лекарот ви препорача антибиотик, земете земете го точно како што е пропишано и комплетно завршете го лекувањето
Како се лекува MRSA?
Најчесто луѓето кои се колонизирани со MRSA немаат симптоми на инфекција и не е неопходен третман за лекување. Но, доколку им е потребно спроведување на некоја инвазивна медицинска интервенција или операција, колонизацијата претставува зголемен ризик на инфекција.
Само лекар одлучува дали е потребна, и ако е потребна како ќе се врши „деколонизација“ односно третман за отстранување на што поголем дел од MRSA.
Лекување на инфекција со MRSA го спроведува лекар, што може да вклучува локален тетман или орално земање на антибиотици, за што повторно одлучува лекар.
Дали лицето со MRSA е ризик за другите луѓе?
Лице со MRSA не претставува ризик за здравите луѓе во средината, вклучително и постари лица, бремени, деца и бебиња. Во случај на контакт со други луѓе, тие треба да превземат мерки на добра хигиена на рацете, заштита и покривање на отворени рани, исекотини или било какви кожни промени со водоотпорна преврска или фластер.
Лицето кое се сомнева дека е носител на MRSA/има инфекција со MRSA задолжително треба да се консултира со својот матичен лекар кој ќе го совертува за потребата од понатамошен третман.