“Здружени да ја елиминираме туберкулозата – никој да не биде заборавен!”
Светскиот ден на туберкулозата се одбележува секоја година на 24 март и претставува можност за да се подигне свеста за товарот од туберкулозата (ТБ) во светски рамки, воедно и за статусот на напорите за превенција и заштита од туберкулоза.
Оваа година се одбележува 135-годишнината од објавувањето на д-р Роберт Кох во 1882 година за неговото откритие на бацилот на туберкулозата, причината за туберкулоза. Неговите истражувања го отворија патот кон дијагностицирање и лекување на оваа болест.
Туберкулозата како болест може да се излечи, но и покрај тоа таа останува деструктивна епидемија во голем дел од светот.
Светскиот ден на ТБ е можност за сите луѓе од целиот свет да се придружат во борбата со едукација на другите против ТБ повикувајќи ги владите да превземат акција.
2017 година е втора година од кампањата. Овогодинешната тема е: “Здружени да ја елиминираме туберкулозата – никој да не биде заборавен!”
Светската здравствена организација става посебен фокус на акциите за решавање на стигмата, дискриминацијата, маргинализацијата и намалување на бариерите за пристап до нега.
Ова е од суштинско значење за да се постигне целта за крај на ТБ до 2030 година, како дел од Целите за одржлив развој на ОН и ТБ стратегијата на Светската здравствена организација.
Минатата година Светската здравствена организација објави дека 10,4 милиони луѓе се заболени со ТБ и 1,8 милиони случаи на смртност од ТБ во 2015 година,ТБ е на врвот на листата од заразните убијци во светот. Оваа болест е длабоко вкоренета кај популацијата каде човековите права и достоинство се ограничени. Иако секој може да се зарази од ТБ, болеста почива меѓу луѓето кои живеат во сиромаштија, заедници и групи кои се маргинализирани и останати ранливи групи кои вклучуваат: емигранти, малцинства, бегалци, рудари и други групи кои работат и живеат во лоши услови, додека клучни фактори се: неухранетост, лоши станбени услови и хигиена. Се додаваат и други фактори на ризик како што се: тутун, алкохол, дијабетес кои влијаат на ранливоста на туберкулозата и пристапот до здравствената заштита. Покрај сето ова престојат и големите трошоци за лекување поврзани со болеста, како и недостаток од социјална заштита.
Цели на Глобална стратегија за превенција од туберкулоза, грижа и контрола по 2015 до 2025 година
- За да се достигнат целите утврдени со стратегијата за конечен крај на туберкулозата, потребно е годишниот пад на глобалната стапка на инциденца од туберкулоза да се зголеми, од 2% на годишно ниво во 2015 до 10% годишно до 2025 година.
- Потребно е процентот на луѓе кои умираат од оваа болест да се намали, од предвидените 15% во 2015 година на 6,5% до 2025 година.
Состојба во Република Македонија
Во 2013 година во Република Македонија рeгистрирана е преваленца на активна туберкулоза од 20.8 на 100 000 жители или 428 случаи. Во 2016 година во Република Македонија рeгистрирана е преваленца на активна туберкулоза од 13,9 на 100 000 жители или 288 случаи. Овие бројки се помали од превалeнцата во 2005 година, која изнесува 52,8 болни на 100 000 жители. Во континуитет имаме постојано намалување на вкупниот број болни од туберкулоза за анализираниот период 2005-2016 година, стапката на преваленца, покажува тренд на опаѓање. (Дијаграм1)
Во 2016 година во Република Македонија рeгистрирана е инциденца на активна туберкулоза од 12,8 на 100 000 жители или 267 ново заболени лица, додека во 2013 година инциденцата изнесува 15,7 на 100 000 жители или 323 ново заболени лица од туберкулоза. Во анализираниот период 2005-2016 година, стапката на инциденца, исто како и стапката на преваленца покажува тренд на опаѓање. Македонија се вбројува во земјите со ниска стапка на инциденца од земјите во европскиот регион. (Дијаграм2)
Мерки за подобрување на состојбите
Туберкулозата е болест која може да се лекува и да се излечи со целосна контрола од страна на лекар, редовно земање на лековите и почитување на советите.
Со цел за што поуспешна контрола и лекување на туберкулозата во Република Македонија, намалување на ризикот од ширење на инфекцијата, особено онаа предизвикана од резистентни соеви на Mycobacterium tuberculosis, спречување на коинфекција меѓу туберкулозата со ХИВ инфекцијата, неопходно е да се превземат сите расположиви превентивни мерки кои придонесуваат за рано откривање и спречување на болеста.
Активно пронаоѓање на случаи на туберкулоза кај ризични групи со селективна радиофотографија.
Rадиографски снимки кај ризични групи во кои спаѓаат: болни во психијатриски болници, затвореници во КПУ во Република Македонија, привремено раселени лица, зависници од дроги, мигранти и сл. Со цел рано откривање на болните од туберкулоза и други неспецифични белодробни заболувања се врши селективно радиофотографско снимање на лица кај кои постои поголема опасност од заболување од туберкулоза.
ДОТ активности- под ДОТ активности се подразбира непосредна контрола на лекувањето и следење на болните со туберкулоза, како и здравствено просветување преку разговор со болните и нивните семејства во домот на болниот.
Спречување на ширење на туберкулозата, преку лекување на новооткриените случаи на туберкулоза според стандардни режими на лекување препорачани од Светската здравствена организација.
Значителен придонес кон унапредување на грижата и третманот на ранливите категории како што се: лица со Хепатитис Ц или лица со ХИВ/СИДА, како и унапредени услови за навремена дијагноза и ран третман, со што сериозно се намалува можноста за понатамошно пренесување на ХИВ вирусот.
Сепак најдобра превентивна мерка е правилно и навремено лекување на секој болен од туберкулоза со што се прекинува ланецот на ширење на инфекцијата.
Подготвил:
Сектор за промоција, анализа и следење на незаразни болести