Светски ден на водата 2015
Без вода нема одржлив развој!
Институтот за јавно здравје на Република Македонија, по шести пат го одбележи Светскиот ден на водата на 22 март (недела) во Школка во Градскиот парк во Скопје, во соработка со Кат продукција. Настанот беше промовиран преку јавните медиуми.
Годинешната порака на ОН по повод празникот на водата гласи Без вода нема одржлив развој! Институтот за јавно здравје заедно со производителите на пакувата вода Пелистерка, Кожувчанка, Добра вода и Визијана, децата од креативниот центар Ѕвезда и хорчето Децата на Скопје, балетското студио Еурека, водителката Изабела Новотни, и група артисти со Снежана Конеска Руси преку песна, игра и забава ги едуцираа најмладите и сите посетители како да се грижат за иднината грижејќи се за водата.
По тој повод беа подготвени летоци со податоци за состојбата со безбедна вода за пиење во светски размери и корисни и едукативни информации за значењето на водата за здравјето на луѓето.
Имаше и ликовната работилница за децата на тема ВОДА. Најдобрите творби ќе бидат подарени во Домот за деца „25 мај“.
Перформансот насловен: „Да се грижиме за иднината, да се грижиме за водата“ преку кој ќе се пренесат пораките за значењето на водата за здрав живот и препораки како да се грижиме за да не ги исцрпиме ресурсите на безбедна вода за пиење, подготвен од децата од креативниот центар Ѕвезда, беше проследен и поздравен од посетителите.
Пристап до безбедна вода имаат 97 проценти од населението. Тоа покажува дека Република Македонија е во групата земји во светот со многу висок пристап до безбедна вода за пиење.
Манифестацијата ја збогатија и производителите на пакувани води за пиење, кои на своите штандови ги презентираа своите производи кои редовно се контролирани во лабораториите на Институтот за јавно здравје на РМ.
Овогодинешниот Светски ден на водата се осврна на неколку теми:
- ВОДАТА Е ЗДРАВЈЕ
o Чисти раце можат да Ви го спасат животот
- ВОДАТА Е ПРИРОДА
o Екосистемите се наоѓаат во срцето на глобалниот воден циклус
- ВОДАТА Е УРБАНИЗАЦИЈА
o Секоја недела, еден милион луѓе одат во градовите
- ВОДАТА Е ИНДУСТРИЈА
o Повеќе вода е потрошена за производство на автомобил одколку да се наполни базен за пливање
- ВОДА И ЕНЕРГИЈА
o Водата и енергијата се нераздвојни пријатели
- ВОДАТА Е ХРАНА
o За производство на два стека потребни се 15.000 литри на вода
- ВОДАТА И ЕДНАКВОСТА
o Секој ден жените поминуваат 200 милиони часови носејќи вода
Светскиот ден на водата имаше и хуманитарен карактер со доделување на помош на оние на кои им е неопходна.