Времето поминато во висококвалитетни природни средини го подобрува нашето здравје и благосостојба. Изложеноста на природни места преку можноста за физички вежби, релаксација, социјална кохезија и поддршка на имунолошкиот систем има специфични здравствени резултати како намалување на морбидитет и морталитетот од срцево-садовни и респираторни заболувања, намалена преваленца на дијабетес мелитус тип 2 и намалена преваленца на дебелина. Зелените простори со активирање на парасимпатичкиот нервен систем, придонесуваат за намалување на стресот, срцевата фреквенција, а со тоа и целокупен придонес за општата здравствена благосостојба на населението.

 

Физичка активност

Парковите, градските градини и урбани фарми обезбедуваат места за физичка активност, како што се пешачење, трчање, вежбање, градинарство и многу друго. Со сите овие можности за физичка активност, се нуди јавно-здравствено решение за намалување на ризикот од исхемична срцева болест, дијабетес, рак на дојка и дебелото црево, мозочен удар, хипертензија и дебелина. Што се однесува до менталното здравје, беше откриено дека вежбањето на зелени површини обезбедува намалување на самопријавениот гнев, замор, анксиозност и тага, со зголемено чувство на енергија.

 

Подобрено ментално здравје

Менталното здравје бара да се разгледува со посебно внимание. Постојат силни научни докази кои потврдуваат подобрено ментално здравје и когнитивна функција кај лица кои се изложени на зелени простори. Покрај тоа, зелените простори придонесуваат за намалување на хроничниот стрес, замор, анксиозност, депресијата и осаменоста. Едноставно, зелените простори ја подобруваат емоционалната благосостојба.

 

Подобра здравствена кондиција на бремени жени и новороденчињата

Изложувањето на зелени површини преку зголемување на нивото на физичка активност, намалување на стресот, зајакнување на социјалниот контакт кај мајките и намалување на изложеноста на мајките на бучава, загадување на воздухот и високи температури има позитивно влијание врз бремените жени и новороденчињата. Постојат силни научни докази кои укажуваат на тоа дека изложеноста на зеленило и присуството на зелени површини блиску до домовите за време на бременоста е позитивно поврзана со родилната тежина.

eugreenweek1